150 години Делчев: Неговите идеали се идеали на сите Македонци

Извадок од текст на Блаже Миневски, извор Нова Македонија.


Во спомените на Димо Хаџи Димов пишува дека Гоце е „единствен меѓу водачите на македонското ослободително дело што се издигна над сите како по своите револуционерни сфаќања, така и по својата практична работа за делото на организацијата со која засекогаш го сврза своето име“. Исто така, тој е најпопуларниот македонски револуционер, а тоа не се должи на она што е напишано за него по смртта од негови случајни соработници, кои сакале да се рекламираат главно себеси, туку на една континуирана дејност, упорна и распространета низ целата македонска територија:

„Кога острите и продолжителни болки од тешката стомачна болест од која страдаше ќе го принудеа малку подолго да престојува во Бугарија, за него немаше помили собеседници во секое време и во секој случај од тогашните социјалисти, и воопшто луѓето што минуваа за радикални меѓу таканаречените реални националисти и политичари во Бугарија и Македонија. Всушност тој не пропушташе да земе лично учество ниту во еден работнички митинг, ниту на една работничка манифестација, трудејќи се да праќа во внатрешноста колку што е можно поголемо количество социјалистички, анархистички и други револуционерни брошури на кои гледаше речиси како на пушките и патроните што се внесуваа во Македонија“, пишува Хаџи Димов во своите спомени за Гоце Делчев.

Мошне значајно е тоа што по разговорот Гоце им дозволил заедно со него, значи и со негов потпис, јавно да ја публикуваат следната, кратка, но значајна декларација: ’Комитетот (се мисли на Врховниот н.з.) во Бугарија ви кажува дека ние сме убијци, разбојници, па дури и развратници… Нас на ум не ни паѓа да се оправдуваме пред бугарското општество; ние сме силно убедени дека не е Врховниот комитет тој што ќе ја пишува историјата на револуционерното движење во Македонија… Ние не сме развратници! Развратници се тие што се служат со презрени и осудени од нас предавници и блудници, кои тука ги прогласуваат за претставници на кнезот и рускиот цар. Тоа е нашиот одговор. Ние не мислиме за Бугарија, но ќе ја чуваме Македонија. Немојте и вие да мислите на Македонија, но чувајте си ја Бугарија!’ Таа декларација беше објавена, а Гоце беше потпишан под неа заедно со нас“, завршува Димо Хаџи Димов.

И спомените на Димитар Влахов потврдуваат дека Гоце говорел убедливо и ги пленел слушателите со својата добрина, искреност и преданост: „Во својата револуционерна дејност Гоце се раководеше од една мисла: ’Македонскиот народ да биде организиран и вооружен за да може во одлучувачки момент како еден да се крене на востание, да ја собори тиранијата и да се ослободи.’ Како непријатели на Македонија Гоце не ги гледаше само турските султани и паши, не само европските дипломати и империјалисти, не само балканските окупатори и монарси, особено бугарските власти и дворецот, кои секогаш ги искористуваа страдањата на македонскиот народ за свои државнички и династички цели, туку непријатели на македонското ослободително движење тој гледаше и во Македонците што им служеа на бугарските влади и на дворот.

Затоа, за него, како за ретко кој може слободно да се каже дека падна за слободата на македонскиот народ и за остварувањето на политичката автономија на Македонија. Гоце беше човекот што со голем хероизам го штитеше македонскиот народ, а неговите идеали се идеали на сите Македонци…“


Овој текст е дел од настанот „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуциoнер Гоце Делчев”организиран од левичарскиот институт „Рацин”.