АктуелноИнтернационално

Ево Моралес: Се вративме и сега сме милиони

Поранешниот претседател на Боливија, Ево Моралес пристигна во Боливија, после точно една година од пучот врз неговата влада кој беше поддржан од САД. Ево одржа говор пред боливискиот народ кој дојде од повеќе краишта на земјата за да го пречека својот поранешен претседател. Моралес се потсети како минатиот јануари, нелегитимната десничарска претседателка Ањез го поттикнувала народот да ги спречи “дивјаците” да се вратат на власт. „Боливиската десница и глобалната десница треба да знаат: “дивјаците” се вратија. Сега сме ние на власт.” – кажа Моралес. 

Тој во својот говор им се заблагодари на левичарските влади на Аргентина и Мексико и упати порака дека транснационалните корпорации не му простија на боливискиот народ за национализацијата на природните ресурси. Моралес додаде дека за 14 години владеење на неговата партија „Движење кон социјализам”, Боливија во последните шест години бележала континуиран економски раст и се позиционирала како водечка држава во Јужна Америка во однос на социјалните индикатори.

Тој ги повика помладите генерации да преземат одговорност затоа што прогресивните сили се соочуваат со „идеолошка и културна борба“, промовирана од групи кои не го прифаќаат домородното и анти-империјалистичко наследство кое е дел од борбата за независност од колонијалните сили.

„Не е прашањето да се биде прогресивен или популист. Ако не си анти-империјалист, тогаш не си револуционерен. Пред една година ветив и сега го одржав зборот: се вративме и сега сме милиони.”

Ево Моралес е првиот домороден претседател на Боливија кој застана на страната на сиромашните, работниците и селаните и се спротивстави на империјализмот на САД. Откако Моралес победи на изборите минатата година, десничарската опозиција поддржана од олигархијата организираше немири, вршеше терор врз приврзаниците на Моралес и киднапира неколкку пратеници од неговата партија, под изговор за изборни нерегуларности. За да се избегне поголемо насилство врз боливиското население, Моралес тогаш поднесе оставка и го прифати егзилот од мексиканската влада.

Кога ја објави оставката, Моралес својот говор го заврши со изјавата:„Мојот грев е што сум левичар од домородното население и анти-империјалист. Сакам целиот свет да знае дека капитализмот не е решение за светот. Најлошиот непријател на човештвото е империјализмот. Борбата продолжува (la lucha sigue).”