АктуелноИнтернационално

ИР Иран ќе разменува нафта за ракети со ДНР Кореја

Како дел од 25-годишниот план за соработка помеѓу НР Кина и ИР Иран, вклучена е размена на енергенси за воена технологија и опрема помеѓу ДНР Кореја и Исламската Република, пренесува OilPrice.

Како резултат на серија на средби на иранскиот Министер за Надворешни работи, Мохамед Зариф, и неговиот кинески колега, Ванг Ји, Иран и Кина донесоа одлука да се прошири потпишаниот 25-годишен договор со вклучување на Кореја во воено-економските процеси. Според изворот на OilPrice, се работи за ракетна воена опрема и технологија, пред се современите Хвасонг-12 (Hwasong-12 / 화성 12) кои имаат дострел од 4500 километри, како и пропратната технологија за развивање на нивен ирански пандан. 

Ова не е првата но, е досега веројатно, најзначајната економско-воена соработка помеѓу Иран и Кореја. Корејското снабдување на реагенси, кои се насушно потребни за економски притисната земја, преку Иран наместо Кина ќе ја ослободи Кина од нужноста да ги заобиколува и крши санкциите, така давајќи и поголем легитимитет на меѓународно поле. Од друга страна, новиот ракетен систем ќе биде добра алатка во идните преговори помеѓу Иран и САД, доколку повторно се отворат.

Имајќи ги во предвид монетарните промени во Кина и Иран, т.е. воведувањето на јуанот како странска валута во која се чуваат иранските резерви (наместо доларот) како и новата кинеска крипто-валута која ќе биде 1:1 врзана за јуанот, очигледно е забрзаното вмрежување на овие две регионални сили. Со вмрежувањето на две нуклеарни и една скоро-нуклеарна воена сила се создава сериозна контра-тежа на САД во Источна Азија и на Блискиот Исток, додека американскиот политички систем е „зафатен“ со предизборни циркуси и обвинувања за нелегално влијаење на изборните резултати.