МД „Илинден”: Ние сме Македонци, во Албанија ниту имало, ниту има Бугари

Од македонското друштво „Илинден” реагираа во јавноста во однос на провокациите на бугарските власти дека во Албанија постои бугарско малцинство. Од друштвото објавија дека Бугарија од позиција на членка на Европската Унија, ја уценуваат албанската држава да измисли и да „докажува“ дека Македонците во Албанија се Бугари.


Дниве, од страна на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча беше испратена реакција на ставот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана во однос на тоа дека во Албанија немало и нема Бугари.

Македонското друштво „Илинден“-Тирана своите ставови и објави ги потпишува со името и презимето на претседателот, за да се знае дека Македонското друштво „Илинден“-Тирана има и претседател, раководство и членство претставувано од претседателот. А претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана е Македонец, роден во Тирана со предци кои потекнуваат од Голо Брдо. И затоа не се срами, како Македонец да се потпише на реакцијта на членството на Друштвото што го претставува.

За разлика од тоа, реакцијата на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча нема потпис, ниту име на претседател, ниту заменик. Па, прашањето кое реално се наметнува кои се тие Бугари во Албанија кои се срамат да си го пишат името како Бугари? Или, дволичноста повеќе се исплати. Кога зборуваат со претставници од Македонија земаат пари од македонската држава, а кога им се „гости“ Бугарите земаат „донации“ од Бугарите? И кога Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча толку жестоко застанаа зад бугарштината во Албанија и реакцијата на Македонското друштво „Илинден“-Тирана во врска со Бугарите во Албанија, убаво е да се знае дека тоа Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча има свое раководство во кое има и секретар, со име и презиме Јани Никола.

Според јавно достапните информации, објавени лично од г-динот Јани Никола не само што е секретар на бугаро-албанското друштво, туку е и заменик претседател на единствената македонска општина во Албанија, општина Пустец. Со оглед на фактот што студирал со бугарски пари, секако, не се сомневаме во неговата бугарштина и тоа може јавно да си го декларира, а не да бара гласови од Македонците во општина Пустец како Македонец за подоцна да им го забие ножот во грб на Македонците и да одработува за Бугарите.

Сметаме дека е добро за јавноста да кажеме дека во 2011 година во Албанија имаше попис на населението на кој немаше изјаснето ниту еден човек Бугарин. А тоа, никому не му било оневозможено. Доколку родителите на г-динот Јани тогаш биле Бугари, можеле слободно да се изјаснат како такви бидејќи Албанија не е Бугарија па да забранува слободно изјаснување на малцинствата. Кога станува збор за историските факти изнесени во реакцијата од страна на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча, секој кој малку се разбира во историја ќе добие одлична прилика да се забавува со хумор сцениран во некоја бугарска канцеларија.

Но, тоа се тие.

А ние, за волјата на вистината ќе ја објасниме само „среќата на Бугарите“ од фактот што „През 2017 г. албанският парламент отново официално призна наличието на българското малцинство“. Да ги потсетиме како дојде до тоа. Фактот што на Пописот во 2011 година немаше ниту еден Бугарин во Албанија се потврди во 2014 година, кога беше објавен Посебен извештај на Народниот правобранител, а на 11-та страна од него пишува дека, според пописот од 2011 год. во Албанија живеат: „Според податоците добиени од овој попис за населението според жителите според етничката припадност и култура, произлегува:

Грчко малцинство 24.243 (поединци)

Македонско малцинство 5.512

Црногорско малцинство 366

Ароманско малцинство (Влах) 8,266

Ромско малцинство 8.301.“

Значи, да повториме, според пописот од 2011 година, како и во извештајот на Народниот правобранител од 2014 година, нема ниту збор за некакво бугарско малцинство во Албанија. Но, Бугарија од позиција на членка на Европската Унија, ја уценуваат албанската држава да измисли и да „докажува“ дека Македонците во Албанија се Бугари. Заканувајќи се со бугарското демократско и европско вето за Албанија за почнување на преговори за пристапување на албанската држава во Европската Унија, успеаја да биде измислено непостоечко бугарско малциство во Албанија.

Заканите врз албанската Влада вродија со плод, па така, на 12 октомври 2017 година Парламентарната правна комисија едногласно прифати во текстот на законот да биде вметнато и бугарско малцинство. Се разбира, единствената македонска партија во албанскиот парламент – партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), се изјасни против вклучувањето на бугарско малцинство во законот за националните малцинства во Албанија. На тоа, реагираа Македонците во Албанија, кои сметаа дека признавањето на непостоечко бугарско малцинство во областите Преспа, Голо Брдо и Гора е кршење на меѓународното право, бидејќи овие области се населени со Македонци, а не со Бугари.

Така што, останува нејасно, од кога тоа раководството и членството на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча се осознаа за Бугари или тоа ќе зависи и од „хуманитарната помош“ која Бугарија ќе им ја обезбеди. Секако, таа „хуманитарна помош“ новопечените Бугари ќе треба да ја одработат со уценување или ветување на нови и нови бугарски пасоши на Македонците за да избегаат од родните оглништа во потрага по пристоен живот. А секако ќе се сложиме дека работата на еден потпретседател на општина Пустец е на направи услови за работа и пристоен живот во општина Пустец, а не да ги одродува Македонците.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана

Претседател Никола Ѓурѓај