АктуелноИнтернационалноСтав

103 години Октомвриска револуција

Повеќе од било кога е потребна радикализација на македонската политичка сцена, нови политички лидери и цврсти и јасни ставови и дејствија, кои ќе ги подвлечат црвените линии во поглед на националните АСНОМ-ски принципи и решително ќе застанат на страната на обесправените и угнетените. 

Ивана Стоименовска
ЦК на Левица

Октомвриската револуција, нарекувана и како Октомвирско востание/Болшевички преврат која се случила во Русија во 1917 година, е едно од најзначајните и најпрогресивните случувања на 20 тиот век. Нејзиното влијание врз историските текови од светските случувања е огромно, истото може да се почувствува дури и денес. Тоа и овозможило на Русија да избере анти-капиталистички, односно прогресивен пат во нејзиниот понатамошен развој, што било директна причина која државата ја извлекла од вековна заостанатост која била карактеристична за последниот период од царска Русија.

Ленин, како лицето на револуцијата, успева со паролата „Мир, леб и слобода‘’ и со огромниот талент за организација, да ја преобрати полураспадната Русија во држава која постепено, особено во времето на Сталин после Втората светска војна, ќе стане светска веле сила. Револуцијата во Русија, преку класните политики успеала да ги нахрани едните (сиромашните) за сметка на другите (високите класи), да ја зачува власта и да ја прогони западната интервенција (за време на граѓанската војна). Новиот режим осигурува економски раст, урбанизација и модернизација како и почеток на модерна индустријализација. Токму во пост-револуционерниот период, работничкиот народ стана домаќин на сопствената држава за прв пат во светската историја.

Во некои наводи се смета дека, октомври 1917 година е историски определен и незбежен почеток на патот по кој што народните маси’ тргнале свесно под раководство на болшевиците, по патот на ослободување на сите народи во светот. Доколку не била октомвриската револуција, немало да се случи и големата победа во 1945 година. Имено, социјалистичките и комунистичките идеи на Маркс, Енгелс, Ленин и Сталин го прекршија фашистичкиот круг кој бил роден од капитализмот за да се бори против болшевизмот во Русија и против левото работничко движење во Европа, па и во целиот свет. После големата победа, Русија повторно тргна да се обновува. Некои историчари метафорички ќе кажат дека Русија се возобновувала како птицата феникс, од пепелта и тргнала да ги развива своите можности, индустријата, својот економски потенцијал, својата наука, својата култура, да ги воспитува младите во потребната насока за да ги наследат идеите на Социалистичката револуција. 

Какво значење има Октомвриската револуција за Македонија?

Работничко движење, кое својот почеток и центар го имаше во СССР, неизмерно помогна за создавање на македонската држава. Со контра-револуцијата во СССР и повеќето социјалистички земји, со уништувањето на Варшавскиот пакт, светската ситуација се промени во неповолна насока за Македонија. Уништувањето на контра-тежата на Западниот империјализам доведе до разгорување на старите буржујски апетити на империјалистичките држави. Повторно, балканските буржоазии, како пред еден век со сјај во очите гледаа и се’ уште гледаат на Македонија. Нивната положба на посилни буржоазии во споредба со македонската доведе до уривање на голем дел од темелите на македонската државност. А, другите темели, како папет владеачка класа, ги сруши самата македонска олигархија.

Корупцијата, лакомоста, и себичноста на слабата македонска буржоазија ја уништи економијата, ги запусти постоечките капацитети на индустријата кои, од страна на работниците беа градени со декади. Ги уништи образовните и академски институции, воените способности, професионализмот во државната служба како резултат на сето ова, ја оттуѓи Македонија од самите Mакедонци. Тоа доведе до опкружување каде на патриотизмот и љубовта кон својот народ да се гледа како на идиотизам, а патриотите од овој вид постанат мета за потсмев. 

На регионалната сцена кормилото на власта го превземаа луѓе и партии чиј водечки принцип е личниот интерес – а не принципот на самоопределување, па очекувано, повторно се вратија во игра старите притисоци и византиски игри. Под притисок на зависноста од странскиот капитал и потчинетост, Македонија воведе поволни економски услови за окрупнување на тој исти странски капитал од кој Македонците скоро да немаат никаква корист, освен уништената природа и опустошени полиња. Владеачките елити, под влијанието на слободниот пазар, општествената сопственост ја раздаде на странскиот капитал, а она што остана си го подели меѓу себе, потоа се откажа од знамето, името на државата, АСНОМ-ските принципи и го погази човечкото достоинство воопшто.

Денеска, повеќе од било кога е видлива класната сегрегација во Македонија, што треба да биде иницијална каписла и подло тло за раѓање на нова ‘Октомвриска револуција. Државата треба да ја вратиме во рацете на обичниот народ, во рацете на работникот. Народот треба да си биде домаќин на сопствената држава, а за тоа да се случи потребни се само радикално-револуционерни дејствија кои не се невозможни доколку волјата на народот ја тригерираме од нивото на апатија. 

Потребна е нова Револуција, нова Интернационала.