Пресретнување на обидите за ширење на идеолошка заблуда – против Илија Димовски

Денови се појави текст на поранешниот пратеник на ДПМНЕ, Илија Димоски. Човекот сега сигурно има многу слободно време, а по се изгледа дека од сите тие бенефити како човек од власта во време на груевизмот, очигледно има и повеќе од доволно средства и можности за да си го приушти тоа слободно време. Па од досада Илија, во обид на контрибуција кон македонското прашање, измисли топла вода! Имено, проблемот на Македонија со Бугарија не бил од вчера!?

Еле нејсе, ајде, можеби поради евро-атланската агресивната пропагандата која се прави 30 години наназад, нашиот долгогодишен народен претставник во народното собрание на Македонија – Илија, сака да ги просветли младите генерации дека тоа (НАТО и ЕУ) се минливи работи (во смисла дека не се вредни сами по себе, туку тие имаат вредност само доколку и носат добро на Македонија) и дека златната доба на цветање на македонската народност и национална засебност – а и самата држава како збир на институции – цветале во едно друго време, што ќе каже во социјализмот. Но, Илија не може да го препознае тоа – ТАА НЕПОБИТНА ВИСТИНА И НАЈСВЕТЛА ТОЧКА ОД ИСТОРИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД. Илија не сака воопшто да слушне за тој период. Тој, во суштина е токму под влиjание на бугарската пропаганда – му се има врзано за џигери што се вели. Па оттука, сега тој се чувствува како изневерен и пати од карасевда.

Токму затоа, Илија смета дека: доколку се повикаш на Коминтерната и на комунистичкото минато на Македонија, автоматски тоа значи дека признаваш оти си „творевина“ на Тито и Коминтерната. НЕ БРЕ Илија, тоа е класична Еуро-Атлантска пропаганда, која од една страна им одговараше токму на Бугарите во нивниот анти-македонизам, а од друга страна пак беше погодна на твоите „стратешки и вековни„ пријатели од Атлантикот како алатка за ширење на анти-комунизам. И тука се најдоа интересите на овие две фашистички мајнцета. А ти упорно – како овца кога чобанот ќе ја дигне асата – втрчуваш во нивното стадо. Зошто?! Па затоа што си непосреден учесник во состојбатра на безалтернативност во која се наоѓа земјата во која толку време си практицирал власт – си покажал исклучителна неспособност за антиципација како државник, ами само за слепо следење, и тоа на безалтернативноста.

Другар Илија, да ти разјаснам една работа од комунистички аспект: Ниту коминтерната, нити КПЈ, ниту АСНОМ-ци а ниту пак Љенин, Сталин или пак Тито а ниту ни Димитров, не сметале, и никогаш не кажале, дека „творат“ некоја и некаква си нација и народ од ништо! Туку, напротив, дека лидерите на Коминтерната само го поддржуваат и го охрабруваат народот во борбата против агресијата на империјалистичките сили кои имаат тенденција да го задушат неговиот стремеж на самоопределување. Така да, Коминтерната никогаш не го негира генерацискиот духовен континуитет, посебност и ПОТЕНЦИЈАЛ на македонскиот народ. Напротив, препознавајќи го, истиот го охрабрува и му подава рака во неговата борба со империјалистичките сили кои стремат да го задушат. Што значи, Коминтерната е сосема на чисто дека, и пред нејзиното постоење, духот на македонскиот народ ѕиркал и светнувал како дух на еден народ кој стреми кон слободата преку својата националната свест, која доследно ја препознава токму Коминтерната.

Ама изгледа бадијала укажувам, уствари јас сега приметив, ти всушност во првата реченица се издаваш која ти е намерата со твоето ламентирање врз проблемот на Македонија со соседна Бугарија; Демек, ни треба заеднички став ама не ИДЕОЛОШКИ ами НАЦИОНАЛЕН!? Хехе, прозирен и преочебијен обид да се засени Предлог-декларација на Левица, која патем е доставена до Парламентот а која се саботира и од страна на СДСМ и од страна на ДПМНЕ! Многу потценувачки кон народот бе Илија, не знам кое ти е влијанието во партијата, ама дајте Деларацијатра нека дојде на дневен ред во Собранието, па таму кажете што да се одземе а што да се додаде. Немој вака со евтини трикови кон јавноста, многу елитистички од високо е овој твој гест.

А освен тоа, твојата мечта за неидеолошки став, особено во политиката, е најидеолошката работа која може да ја застапуваш. Тоа е една таква перверзија на неолиберализмот што, секоја вредност ја релативизира. па и вредноста на политичката мисла. Имено, идеологијата, другар Илија, е своевиден систем на, пред сé политички уверувања и идеи, односно погледи на светот на некоја општествена група или класа, и истата стимулира ред од идеи, кои пенетративно влијаат врз светот на стварите а и фактите. Таа (идеологијата) претставува збир на уверувања, ставови и мислења кои се усогласени и поврзани меѓу себе, а не во зависност од тоа дали си на власт или во опозиција. Таа како таква, како вредносно-политичка, претставува збир од идеи кои даваат основа за организирана политичка акција – во овој случај, акција за одбивање на фашистичко-шовинистичките натрапи на Бугарија.