Оштетени штедачи: Народна Банка дозволила криминал во Еуростандард Банка
Писмо од оштетени штедачи во Еуростандард Банка.
Постојат различни облици на криминал, како по својата природа, така и по својата големина. За жал, имаме многу примери и во нашето секојдневие. Од оние кои се мали, ситни злоупотреби и кражби чија материјална вредност не надминува една минимална плата во Македонија, па до оние врсти на криминал кои се вреднуваат во милионски суми во евра. Несомнено, штетата на овие вторите е многу поголема и последиците од такви криминални дејствија се значајни и најчесто покриваат поголема група на оштетени граѓани, директно или индиректно. Меѓутоа, тоа што е исто така многу значајно, големиот криминал како по некое правило е спроведен од познати луѓе во општеството, високи структури или организации и често се појавува и во форма на организиран криминал.
Скандалот со пропаѓањето на Еуростандард Банка со сигурност се вбројува во групата на високо организиран криминал во нашата држава. Тежината на овој криминал е околу 60 милиони евра, проневерени и украдени пари од приватни лица и фирми како депоненти на Еуростандард Банка. Тоа е форма на организиран криминал којшто се случувал повеќе минати години во континуитет во пропаднатата банка, под будното око на Народната Банка. Организацијата на криминалот е направена од луѓе на одговорни позиции во банката додека Народната Банка, како државна институција која е законски надлежна, обврзна и должна да врши надзор и контрола на работата на банките, вклучително и на Еуростандард Банка, дозволила криминалот да продолжи и еволуира до граници кои тешко се замисливи и може да се корегираат.
Фактите говорат дека се делеле многу ненаплатливи и тешко наплатливи кредити ,без да се почитуваат било какви правила за управување со кредитен ризик. Смислено се извлекувале пари од банката преку одобрување и доделување на кредити без соодветни гаранции и тоа континуирано во текот на повеќе години, со тоа што овие криминални активности добиле на значење и големина со текот на времето без да бидат спречени и санкционирани од страна на Народната Банка, посебно во последните години од 2016 до 2019 година. Преку однапред разработени шеми од креаторите на криминалот во банката, пари се трансферирале меѓу правни субјекти клиенти на банката, во случаи и без нивна согласност или знаење за покривање на краткотрајни заеми на трети правни лица кои во голем број случаи така „позајмените“ пари никогаш не ги вратиле. Освен без соодветни хипотеки и гаранции, кредити се издавале и единствено со меници со несоодветни или без било какви покритија.
Решението на Народната Банка за одземање на лиценцата за работа на Еуростандард Банка е законско врз основа на намалувањето на стапката на адекватност на капиталот под дозволениот законски минимум. Тоа е само оправдувањето за затворање на банката. Вистинската причина за затворањето на банката за којашто Народната Банка избегнува да разговара и да одговори на прашањата од доменот на нејзините контролни и надзорни активности е што речиси 60 отсто од вкупното кредитно портфолио кај физичките лица и фирми се целосно или делумно ненаплатливи. Штетата е огромна.
Народната Банка, односно гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска треба да одговори како е можно да (сега веќе пропаднатата) банка има нефункционални сомнителни и спорни побарувања од правни лица од околу 72 отсто од нивното кредитно портфолио, што во случајот значи околу 55 милиони евра кредити дадени во неповрат на околу 150 фирми, повеќе од половината правни субјекти на кои банката им дала кредити. Дали тоа може да се случи преку ноќ?
Секако дека не. Кредити се давани без соодветни гаранции преку разни форми со цел да не се вратат. Доцнењето на враќање на сомнителните кредити, кои во најголем дел воопшто немаат започнато со исплата на истите што ги земале во стотици илјади или милионски суми во евра, се движи од неколку стотини денови па до околу 1600 денови, што значи ваквите злоупотреби со давање на непокриени кредити се правени континуирано во минатите пет години. Како е можно да банката дала кредит на приватна фирма од околу 600 илјади евра, а да има обезбедување со друг недвижен имот од околу 33 илјади евра, што претставува покритие од само 5 отсто од вредноста на кредитот и притоа да доцни со исплата на кредитот во целост преку 800 денови? Со оглед дека кредитот не е воопшто вратен, неговото извршување би можело да допринесе со најмногу 33 илјади евра поврат на средства додека разликата од околу 570 илјади евра не е можно да се наплати и е неповратно изгубена. Ова е само еден пример на злоупотреба.
Многу слични злоупотреби со свесно делење на непокриени кредити, секоја од нив со можна квалификација на посебно кривично дело, се правеле со години наназад под надзор на Народната Банка како врвна државна институција чија примарна задача е да делува навремено и да не заштити од вакви проневери и кражби. Народната Банка е должна да проговори за нејзината одговорност и допринос во овој организиран криминал преку нејзиното неделување и навремено неспречување да истиот добие размери од околу 60 милиони евра проневерени и украдени пари. Доколку Народната Банка го спречела очигледниот криминал на време, во неговиот зачеток пред неколку години, штетата ќе била далеку помала и депозитите на граѓаните и фирмите во сега веќе пропаднатата банка би биле заштитени.
Оштетените депоненти на Еуростандард Банка повикуваат виновниците за овој скандал да се изнесат пред лицето на правдата и да понесат одговорност, како кривична, така и материјална. После неисполнувањето на првичниот став на премиерот за постоење на силна волја за решавање на проблемот на оштетените депоненти даден на почеток на септември, исправени пред неправдата оштетените депоненти опстојуваат на барањето да државата изнајде начин да ги обештети било преку носење на закон, уредба на Влада или на некој друг начин. Не смееме да останеме оштетени затоа што сме лојални граѓани на оваа земја, плаќаме даноци и ја помагаме економијата со нашите пари. Нема да дозволиме да нашите тешко заработени пари завршат во свесно ненаплатливи кредити и распределени во нечии џебови. Одговорност мора да има и парите да ни се вратат.
Борбата продолжува за вистината и правдата.
Нема правда нема мир!