Дали новоназначената Амбасадорка во Ватикан, Ефремова, ја оштетила државата за над 250.000 евра?

На вчерашната собраниска седница на Комисијата за надворешна политика, на дневен ред било и претставувањето на „платформата за дипломатските активности на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Македонија при Светата Столица, г-ѓа Марија Ефремова”. Ова е и последниот чекор во постапката за именување на Ефремова на позицијата Амбасадор во Ватикан. 

Ефремова е именувана и покрај сериозните индиции дека е одговорна за судски спор и направена штета од околу 250.000 евра, во времето додека работела како советничка во амбасадата на Македонија во Италија. Скандалот беше откриен во ревизорскиот извештај за 2017 година кој беше објавен во март 2019 година и е достапен на овој линк. И покрај тоа, Ефремова била предложена како Амбасадор во 2019 година и ги поминала сите потребни чекори за именување. Ниту една институција (МНР, Претседател, Влада, Собрание и.т.н) не сметале дека именувањето е спорно. 

Марија Ефремова, новоназначената амбасадорка во Ватикан

Во извештајот се вели дека врз основа на поднесена тужба од 2004 година, донесена е судска пресуда со која Министерството се обврзува да исплати побарување од работен спор во износ од 98.533 евра. Поради неизвршување на обврските кон истото, биле смрзнати сметките на Амбасадата во Рим и Генералниот конзулат во Венеција. До денот кога била вршена ревизија (2017 година) побарувањето заедно со пресметаната камата и трошоците за судскиот спор изнесувале 246.216 евра. Со оглед на тоа што од тој момент до денес поминале уште 3 години, веројатно е сумата значително да се зголемила. 

И покрај сериозноста на случајот, од страна на МНР упорно одбиваат да дадат било какви информации во врска со спорот и штетата која ја носи по јавниот буџет. 

Редакцијата на Антропол во февруари 2020 преку Барање за информација од јавен карактер, побара одговор од Министерството за надворешни работи во врска со случајот. Барањето се однесуваше на тоа дали судскиот спор е разрешен, кои вработени од МНР биле имплицирани и колку изнесуваат вкупните трошоци на штета на државниот буџет. Повеќе од 8 месеци подоцна не е даден никаков одговор иако според Член 21 и 22 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, имателот на информацијата е должен веднаш да одговори по барањето на барателот, а најдоцна во рок од 20 дена кој може да се продолжи најмногу до 30 дена од денот на приемот на барањето.

Ова е втора амбасадорска позиција за Ефремова после судскиот спор. Имено, таа била Амбасадор и во Обединетото Кралство, позиција на која била именувана во 2009 година, 5 години после тужбата за работниот спор во кој државата била оштетена за најмалку 250.000 евра.