Три огна на гребенот на Водно
Извадок од „Скопската Бригада” од Методија Котески.
И покрај сите извршени подготовки, единиците на Бригадата сѐ уште не беа сигурни по кој правец ќе настапуваат кон Скопје. Најкусиот пат водеше преку Крстовар, на гребенот на Водно, но тој можеше да остане неупотреблив доколку надворешната одбрана на Германците на гребенот не биде ликвидирана. За секој случај, за баталјоните беа предвидени и резервни, заобиколни правци.
Нападот врз германската надворешна одбрана на Крстовар и беше доверен на четата доброволци од Четвртиот баталјон. Со четата, која броеше околу четириесет борци, тргна и заменикот командант на Баталјонот Перо Раѓеновиќ, а по неа се движеа и останатите сили од Баталјонот.
Утврдените точки на гребенот беа напаѓани и порано, но тие напади остануваа безуспешни. Затоа на подготовките за акција им беше обрнато значително поголема грижа. Не само раководствата на четите и Баталјонот, туку и членовите на Штабот на Бригадата лично раководеа со подготовките и ги проверуваа преземените мерки.
Нападот се базираше врз доброволците, вооружени, главно, со автоматско оружје и со рачни бомби. Четата беше поделена на три групи од кои секоја имаше одредена улога. За да се добијата, покрај постојните, и најнови податоци, Командирот на четата дента го испрати курирот Милета, ситното голобрадо момче, препавено во овчар со позајмени овци од селото, да им се приближи на германските утврди и да ги извиди постојните објекти, посебно основниот бункер. Така, истиот ден, на 12 ноември, овчарот-набљудувач, меѓу германското вооружување изброја и три митралеза, седум пушкомитралези и две минофрлачки и ги забележа основните карактеристики на германската надворешна одбрана на градот на ова место. Објектите беа тешко достапни, посебно главниот бункер, опашани со ровови, со сообраќајници и боцкава жица.
Нападот врз утврдените точки на Крстовар започна на 12 ноември, малку пред полноќ. Бомбашите успеаја да се доближат до предвиденото отстојание. Тогаш беше отворен силен оган, а почнаа да грмат и бомби. Меѓутоа, од одбранбените објекти одговор немаше, па четата продолжи со енергичниот напад. Набргу се востанови дека германската посада, токму таа ноќ, непосредно пред нашиот напад, се повлекла в град.
Откако на јужните падини на гребенот запали три огна што беа порано договорени, четата веднаш продолжи кон селото Горно Водно, расположено на северните падини на Водно, под шумичката, богата со питоми костени. Во санаториумот, над селото, наиде на траги од германското доскорешно присуство, како и на еден заостанат германски војниг кого го зароби. Тоа беше првиот германски заробеник во непосредниот напад на Бригадата на Скопје.
За сето тоа време, распоредени по единици, Бригадата чекаше. Готова секој миг да тргне во извршувањето на задачата. Сите наши мисли беа упатени на четата на Крстовар… Отворање оган… Прекин на огнот… И блесок на три силни пламени.
- Урааааа!… Бункерот е наш! – извикаа развеселните борци.
Тие три пламени на единиците, всушност, им беа заповед за толку очекуваниот и посакуваниот двиг.
Тргнуваа баталјонските колони кон гребенот на Водно. Се искачувавме по многу стрмен терен, а проодноста беше мала. И видливоста не беше подобра. Па сепак, борците повеќе трчаа отколку што одеа. Штабот на Бригадата, со приштапските делови, во посебна колона, се движеше напоредно со баталјоните. Со командантот побрзавме на самиот гребен уште еднаш да го проконтролираме движењето на Вториот и Третиот баталјон.
Сѐ се одвиваше спроед планот. Обата баталјона, по искачувањето на гребенот, ги расчленуваа своите колони во четни и водни и, без запирање, продолжуваа да настапуваат. Таквото расчленување на баталјонските колони требаше да обезбеди побрзо и прикриено движење низ северните падини на Водно и секој дел од колоните да биде насочен кон извршување на својата задача. Ние обрзнувавме внимание на уште по нешто, но тоа беше повеќе заради ред, бидејќи штабовите на баталјоните работеа беспрекорно.
Штабот на Бригадата се движеше по правецот на Третиот баталјон. Слегувањето кон Скопје се одвиваше уште побргу. Градот беше пред нас, но ние не го гледавме. Во него немаше ниту едно запалено светло. Во темната котлина одвреме-навреме, блеснуваше пламен и екнуваше експлозија. Заклучивме дека тоа се случува крај пругата и во реонот на Железничката станица. Фашистичкиот окупатор, и тој свој последен ден од неговото престојување на македонска почва, ја урнуваше пругата, дигаше во воздух локомотивни, вагони. Го уништуваше сето она што не можеше да го одбрани или да го однесе со себе.