Левица: Над милион евра ќе се потрошат на тендер за нови учебници кои секоја година се набавуваат
„На само шест работни дена од одложениот почеток на учебната година, наставниците и учениците не знаат по кои нови странски учебници ќе учат учениците од целото основно образование. Тендерот за набавка на учебници за наставата по странски јазици – кој заврши на 03.06.2020 и е уникатен затоа што се расплинува на набавка на нови учебници за СИТЕ 8 одделенија – треба по сите законски прописи да биде разрешен, односно доделен во рок од 30 дена.
За нас како народна партија, исто така е важно зошто во услови на светска криза и нашата презадолжена економија – ќе се одвојуваат буџетски средства за откуп на нови учебници за странски јазици за сите одделенија наеднаш – наместо да се користат ланските учебници кои во голем број ќе се ротираат помеѓу учениците во стандардна практика – и на тој начин ќе се заштедеа огромни буџетски средства? Во Македонија во просек има по околу 20 илјади ученици во секое од одделенијата на основното образование. Ако се земе дека еден учебник ќе чини во просек 7 евра, односно набавка на учебник за странски јазик за едно одделение за сите училишта ќе чини 140 илјади евра, за сите одделенија ќе се излеат оваа година околу 1 милион и 120 илјади евра за набавка на учебници, од ресорното Министерство.
Дополнително, деталниот буџет на Министерството за образование и наука не е достапен на официјалната страна. Последниот буџет кој што е достапен е оној од 2018 година, додека за 2019 и 2020 година не постојат јавно објавени и достапни информации за тоа како се трошат парите од буџетот на МОН.
Се поставува прашањето дали повторно ќе биде виновна таканаречената стратегија како што министерката Царовска потенцира или ќе се лоцира одговорноста во претходните корумпирани структури од Министерството кое е дел од старо-новата владејачка коалиција?”