АктуелноИнтернационално

САД воведува нови санкции против Венецуела и Иран, ги обвинува двете земји за меѓусебна соработка

Вчера Мајк Помпео најави нови санкции на САД против Иран и Венецуела. Најавените санкции од страна на САД доаѓаат откако тие унилатерално го напуштија нуклеарниот договор со Иран. Најпрвин ќе биде санкционирано иранското министерство за одбрана и воена логистика, како и Организацијата за Иранска Воена Индустрија и нејзиниот директор. Воедно, Помпео најави и санкции против Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, нагласувајќи ја особено соработката во изминатите 2 години помеѓу Венецуела и Иран и обвинувајќи ги властите во Венецуела за “непочитување на ембаргото за оружје против Иран”. 

САД немаат никаква почит за Обединетите Нации. Новите санкции се наметнати без никаква основа во меѓународното право. Никакви закани и арогантни акции од страна на Владата на САД нема да ја заплашат и спречат Венецуела да има пријателски односи со Иран, се вели во официјалната реакција на Каракас. 

Помпео нагласи дека е „горд поради тоа што Администрацијата на Трамп презема вакви чекори”. Како последица на ова, ќе бидат обновени сите претходно запрени акции против Иран, вклучитено и на ембаргото за оружје. Воедно, Помпео уште еднаш повтори дека Нуклеарниот договор со Иран е “огромен неуспех” и покрај тоа што истиот се’ уште е поддржуван од сите негови потписници, со исклучок на САД.

Договорот беше постигнат во Виена во 2015 година, а го поддржаа сите членки на Советот за безбедност на ОН (Кина, Русија, Франција, Британија, САД), како и Европската унија. САД унилатерално се повлече во 2018 година, што наиде на скоро едногласно спротивставување во Советот за безбедност. Од тогаш, забрзано, но неуспешно собираа поддршка за укинување на Договорот, како и за продолжување на ембаргото за оружје кон Иран кое истекува во октомври.  Вашингтон инсистира дека “ембаргото ќе остане во сила до бесконечност” и покрај тоа што минатиот месец пропаднаа нивните напори за негово продолжување во Советот за безбедност на ОН.