Мојсоска им испрати историска лекција на Пендаровски и Ковачевски пред утрешните протести во Охрид

  • За утре е закажан протестот во Охрид поради отварањето на уште еден бугарски фашистички клуб именуван по соработникот на Хитлер, цар Борис Трети. Протестот го организира Локалниот огранок на Левица во Охрид чие раководство изминатите денови е под постојан притисок од полицијата по што Јована Мојсоска – член на Президиумот на Левица испрати историска лекција до Претседателот и Премиерот на Државата.

Пред утрешното скандалозно отворање на фашистички клуб во Охрид, како и срамниот и дегутантен МОЛК на Димитар Ковачевски и Стево Пендаровски, едно историско четиво за улогата на Цар Борис (напишано од Генералот Апостолски).


,,Бугарската ненародна фашистичка наклонета царска влада, во декември 1940 година, дозволи влегување на германски офицери во Бугарија, кои на самото место ги извршија непосредните подготовки за напад на Грција.

На 1 март 1941 година и формално Бугарија пристапува кон Тројниот пакт и се согласи германски војски преку Романија да навлезат во Бугарија. Бугарија, исто така, спротивно на волјата на народот, стана германска воена база за напад на Грција, но едновремено база и за планираните операции спрема Советскиот сојуз, а по настаните од 27 март 1941 година стана база за напад и на Југославија.

Бугарија, за заслугите што ги направи во нападот на Југославија и Грција, од југословенските територии доби поголем дел од Македонија, потоа дел од Србија (Поморавје, по текот на Нишава и Тимок), како и еден дел од Косово. Од Грција доби територии од Егејскиот дел на Македонија и Беломорието (дел од Тракија).

Заедно со германските војски, што напаѓаа и навлегуваа на југ, во Македонија пристигнаа и великобугарски фашистички елементи, чија задача беше да ја подготват бугарската окупација на Македонија.”