АктуелноСтав

Левица против вашиот лажен хуманизам

„Иако не можам да гледам како страда ситен инсект, тие сепак ми кажуваат дека сум суров. Но, мене ме обзема длабока огорченост поради нашите лажни хумани сфаќања и поради нашата длабока попустливост кон секој наш суров непријател. Ние сме глупаци поради тоа што забораваме да се чуваме од нивните удари. Ако било кога тие добијат надмоќ над нас, погледајте ги тогаш како, носејќи оган во едната и меч во другата рака, ги пустошат регионите и просто ги убиваат сите родољубци, ги убиваат нивните жени и нивните деца, а градот го препуштаат на пламени јазици.“ (Жан-Пол Мара)

„Слушајте! Има само една неодложна работа, Републиката е во опасност. Јас знам само едно: да се ослободи Франција од непријателот. За тоа се добри сите средства. Сите! Сите! Сите! Кога имам работа со сите опасности, јас прибегнувам кон сите средства, и кога се плашам од сè, јас му пркосам на сè. Мојата мисла е лавица. Во револуцијата нема полумерки и попустливост. Немеза не е светица. Да бидеме страшни и полезни. Зар слонот гледа каде ја става својата нога? Да го сотреме непријателот.“ (Жорж Дантон)

„Да ги казнете угнетувачите на човештвото е благост, да им простите е суровост.“ (Максимилијан Робеспјер)

Масакрите од страна на фашистите и петоколонашите врз обезоруженото месно население, жените и нивните деца немало да прекинат ако не беа луѓе како Милован Ѓилас, Иван Милутиновиќ, Борис Кидриќ, Сава Ковачевиќ, Петар Драпшин, Мирослав Миро Попара, Моша Пијаде, Јосип Броз Тито кои исто како Дантон, Робеспјер, Мара не гаеја лажни хумани сфаќања, туку беа немилосрдни и беспоштедни кон секој суров непријател на југословенскиот народ, водејќи се од партизанското мото „Смрт на фашизмот, слобода на народот.“ Мотото станало популарно по егзекуцијата на партизанот Стјепан Филиповиќ. Кога егзекуторите му го ставиле јажето околу вратот на 22 мај 1942, Филиповиќ пркосно ги испружил рацете во височина и ги обвинил Германците и нивните сојузници од Оската како убијци, извикувајќи: „Смрт на фашизмот, слобода на народот.“ Мотото било дел од повикот до југословенскиот народ за вооружување од страна на КПЈ во 1941 година. 27 јули 1941 година, комунистичката команда за Црна Гора издала наредба за формирање воени судови насочени против оние кои сметаат дека се петта колона, завршувајќи ја нивната наредба со проглас: „Патриоти, уништете ја петтата колона и победата е наша!“

Уште во есента 1941 година, кога избил четничко-партизанскиот судир, Англија ја поддржувала владата во егзил и четниците. Оттогаш Англија ги помагала четниците со оружје и муниција, кои тие ги користеле во борба против партизаните. Меѓу партизаните во првите години на војната настанала страшна омраза кон Англичаните, што се гледа и во една од песните: „Партизани, спремите митраљезе да чекамо краља и Енглезе.“ Коча Поповиќ во својот дневник напишал дека „после Германија, второ место во нашата омраза зазема Англија“, бидејќи таа направила сè да предизвика граѓанска војна во Југославија и да не се одржи народно-ослободителното движење. Во таа смисла, и денес сороспиите како Драган Алчинов, Џабир Дерала, Кондарко, Сашо Орданоски и др. прават сè – дали преку изборна кражба или преку историски ревизионизам – за да го неутрализираат создавањето на народно-ослободително движење против олигархијата и политичките елити.

Алчинов ако е чесен и искрен наместо да му импутира историска одговорност на Апасиев треба бескомпромисно да ги критикува довчерашните бранители на „социјализмот“ кои преку ноќ станаа најверни апологети на капитализмот. Во таа смисла не е можно да не се посочат неколку примери на луѓе (Шкариќ, Ферид Мухиќ, Цуцуловски), дел од нив сè уште живи и ангажирани во „социјализмот“ кои преку ноќ се откажаа од него. „Докторот“ на филозофски „науки“ и професор на Филозофски факултет во Скопје Димитар Мирчев пред полна сала луѓе јавно призна дека „грешел во претходниот систем“ и бараше: „Дозволете ми да се поправам во новиот“. Тој уште не знаеше како ќе изгледа тој „нов систем“, но веќе се простил од стариот и веќе бара место во „новиот“. И најде добро место: амбасадор на Република Македонија во САД и подоцна во Словенија, а подоцна се вработил како редовен професор на приватниот универзитет ФОН. Само, како можеа луѓето на „новиот“ систем да му ги дадат тие места кога тој не се школувал за такво нешто, а неговите „социјалистички“ науки не вредеа. Но, за да извршуваш било каква општествена функција во капиталистички систем, не треба никакво знаење и школа. Доволно е да се „покаеш“. Во таа смисла сите „комунистички“ функционери станаа преку ноќ капиталистички. Дури и денес тие се побројни од „новопечените“.

Апасиев ниту е Павловиќ, ниту е Мирчев. Етичката разлика меѓу Павловиќ и Апасиев што Алчинов сака да ја прикаже како разлика меѓу белото и црното се заснова на историски ревизионизам и лицемерен хуманизам. И последните зборови на Ернесто Гевара беа истоветни со тие на Павловиќ („Јас знам дека ти дојде да ме убиеш. Пукај, кукавицо! Ќе убиеш само човек!“), но сепак Че умре немајќи лажни хумани сфаќања за својот класен непријател. Парафразирајќи го Мара во контекст на сегашната македонска политичка состојба, би кажале: Голема глупост е да се тврди дека оние кои 30 години имаа моќ да нè понижуваат, да нè ограбуваат и да нè угнетуваат неказнето, сега ќе се согласат, со добра волја, да бидат еднакви на нас. Да, Апасиев е „црн ѓавол“ за вашите „бели ѓаволи“ затоа што нема лажни хумани сфаќања за нив и токму тоа го прави неподмитлив народен трибун. За вас Апасиев е „црн ѓавол“ затоа што верува дека е сè праведност во служба на вистината и затоа што за него во борбата за социјална правда нема средина! Вие се плашите од овој „црн ѓавол“ бидејќи е возвишен, но возвишен во самотијата со својата доблест, на карпите, во негостоприемната оловна атмосфера над буржоаската дрдорилница наречена парламент, возвишените луѓе како Апасиев ја имаат таа злокобна девственост само во очите на корумпираните.

Апасиев не само што е деклариран левичар, тој и на терен „гине“ во одбрана на ускратените права на работниците, само некој треба да биде совесен и да ги прочита книгите „Работни спорови – позитивни примери од судската пракса“, „Обезвреднување на трудот – Анализа на трудово-правната легислатива во периодотна транзицијата“ и други. Нема потреба да се стрелаат класните непријатели, доволно е да им се одземе украденото богатство врз плеќите на работничкиот народ и буржоазијата сама ќе угине како што таа потценувајќи го трудот на работниците „растрела“ над 600 000 Македонци надвор од својата татковина.

Самиот Апасиев во својот „Апел до младите“ признава дека „јас не сум професионален политичар и не морам да се „замарам со политика“ и целата своја професорска кариера можам да ја поминам шетајќи на научни конференции низ академскиот свет. Но, сведочењето на социјалната неправда и на институционалното насилство создава вечен порив за борба за општото добро. За борба во името на оние кои не можат да се борат, заглавени во секојдневните егзистенцијални проблеми.“

Апасиев е една чиста, но мрачна совест, познат по изреката: „Не сакам кога туѓата (не)совест ќе стане судија на мојата слобода.“ Тој е од оние ретки луѓе што имаат во себеси свој внатрешен глас и што го слушаат него. Тој знае сè од правото и не припознава ништо од политичкиот живот. Оттаму и неговата крутост. Тој има врзани очи како Темида на Хомера. Ја има слепата сигурност на стрелата што ја гледа само целта и оди кон неа. Во борбата за социјална правда нема ништо пострашно од правата линија. А, Апасиев, фатален, оди право.

Човекот, како небото, може да има темна ведрина, доволно е поединечна несреќа во него за да ја создаде ноќта. Сведоштвото на социјалната неправда ја создаде ноќта. Кој ја почувствувал социјалната неправда на своја кожа, тој и го разбира гневот на Апасиев. Тоа што ја создава ноќта во нас, може да направи да се појават и ѕвезди. Апасиев е полн со добродетели и со вистини, но тие блескаат во темнината на социјалната неправда.

Над сè Апасиев е упорен човек. Мисли со страсност. Страдалниците ги гледа со сочувство. Од правник тој стана филозоф, а од филозоф борец. Ги мрази лагите, олигархијата, теократијата, ја мрази сегашнината и со сета сила заедно со своите сопартијци од Левица ја викаат блескавата иднина на својот народ, тој ја претчувствува неа, ја догледува однапред, погодува дека ќе биде ужасна за политичките елити и нивните сороспијски сикофанти и величествена за народот, прв меѓу првите сфати дека за излезот од жалната мизерија во која е приклештен македонскиот народ треба нешто како одмаздувач, кој ќе биде и ослободител. Тој ја обожава оддалеку катастрофата од чие име толку многу се плашат политичките елити и нивните поткупени „интелектуалци“. ЛЕВИЦА.

Ноќта на 15 јули 2020 таа катастрофа настапи на македонската политичка сцена и Апасиев рамо до рамо со своите сопартијци Реџеп Исмаил, Борис Крмов, Јована Мојсоска, Бранко Ристов, Гораст Муратовски, Јован Крајевски и стотици други, се фрлија во таа широка човечка преродба со доследност и за еден дух од нивниот ков, неумоливо. Тие сакаат таа Минерва, овенчана со ѕвездите на блескавата иднина на македонската нација, да биде исто така и Палада, и штит да ѝ биде маската со змиите. Тие сакаат нејзиното божествено око да може во случај на потреба да фрли на демоните од сороспии, петоколонаши и балисти пеколни молњи и да им врати ужас за ужас.

Левицата ќе биде тука секој ден да пркоси на вашиот бес. Таа е преродена во човекот кој нема работа, во шивачката која нема одмор, во девојката која мора да го продава своето тело, во талентираните студенти кои немаат пари за специјализација; Левица е преродена во незатоплениот стан, во мизерниот душек без ќебе, во невработените, во пролетаријатот, во борделот, во затворот, во безмилосните закони, во безперспективните училишта… О, внимавајте, политички елити: вие не можете да ја уништете Левица сè додека не ја уништете мизеријата на сиромаштијата.