Левица со само два пратеника во Парламент преку ноќ стана државен непријател број еден
Го пренесуваме во целост фејсбук статусот на Горан Лазаревски.
Левица со само два пратеника во Парламент преку ноќ стана државен непријатен број еден. Како на тастер, либералната…
Публикувахте от Goran Lazarevski в Вторник, 21 юли 2020 г.
Левица со само два пратеника во Парламент преку ноќ стана државен непријател број еден. Како на тастер, либералната квази-елита хистериша по социјалните мрежи: „Фашисти, нацисти! Не националисти, туку нацисти! НАЦИСТИ, ви велам, Левица е literal Hitler!„, додека истовремено без трошка чувство за иронија власта кривично го гони лидерот на оваа партија поради напишан фејсбук статус и организира хајки да го избркаат од факултет.
И доколку прашаш кого било од оваа „супер-прогресивна„ болумента што е тоа што ги прави Левица фашисти, во главно ќутат и ти викаат дека „релативизираш„, бидејќи детални инструкции за овој talking point до пред статусот на Апасиев не беа пристигнале од Пи-Ар центарот. Во најдобар случај расфрлањето со наци-етикети ги оправдуваат бидејќи Левица била против Преспанскиот договор и против двојазичноста. Па да одиме едно по едно.
Либералната квази-елита, во суштина една збирштина од платени опортунисти и конформисти од разно-разни невладини, медиуми и партиска администрација, свесно застана зад договор со кој насила се укина правото на самоопределување на еден народ стекнато по долгогодишна макотрпна антифашистичка борба и повторно потврдено на референдум во 1991; договор кој го стави македонскиот народ во потчинета положба во однос на две соседни земји кои до ден денес го негираат неговиот јазик и правото на постоење во нивните граници, што впрочем историски гледано беше и суштинската цел на фашистичката идеологија на овие простори. Наместо да се засрамат за својот допринос кон овој историски ревизионизам без преседан, истите овие ликови денес ноншалантно го прогласуваат за „екстремен националист„ секој оној кој е против фашизоидниот договор кој уште долго од внатре ќе го разјадува националното ткиво и кој беше raison d’etre за да се амнестираат топтан сите криминали на претходниот режим. А бидејќи ‘националист’+социјалист е еднакво на национал-социјалист, па оттука сите од Левица се нацисти – вака отприлика оди таа брилијантна логика. Следствено на оваа генијална синтеза, партизаните и илинденците биле уствари нацисти, бидејќи биле социјалисти кои истовремено се бореле за националната идеја за само-определување, а АСНОМ-ска Македонија уште во својата зародиш една фашистичка творевина. Можеби затоа од петни жили се обидуваат и да ја укинат овие големи „анти-фашистички„ борци. Исто така, ако не сте знаеле, според оваа равенка, сите левичарски анти-колонијални движења кои низ историјата се бореле за социјалистичко уредување и за национална независност и издигнување на националната свест виз-а-ви големите империјалистички сили се прогласуваат автоматски за нацистички.
Да се разбереме, никој нормален со три чисти не сака во 21-ви век да се бави со националните прашања, теми кои нормалните држави ги имаат апсолвирано уште во 19-от век. Но не беше Левица таа која ги отвори овие теми укинувајќи ги придобивките на АСНОМ, туку лично и персонално големиот интелект ЗЗ што две книги нема прочитано во животот, додека либералната квази-елита насобрана околу него како крлежи опиени од моќ преку ноќ се прешалтаа дијаметрално спротивно на се она што претходно со децении го бранеа како национален консензус (линк, за кој не се сеќава: https://bit.ly/3hqseAc).
Втората точка на која сосема паушално се повикуваат наци-врескачите е критиката што Левица ја дава за двојазичноста. Критиката на Левица е двострука: од една страна се повикуваат на принципот на владеење на правото за закон кој е прогласен за валиден без дебата и без потпис од претседателот, а од друга страна критиката е и принципиелна базирана на принципот на интеграција и едно општество за сите во кое ќе се унапредат јазичните права на сите заедници, а не само арбитрарно на оние што се над 20% како резултат на коалициониот пазар на продавачите на етно-национализам. (повеќе овде: https://bit.ly/2CDHzhT) Веројатно и ВеНАЦИјанската комисија е фашистичка кога во својот извештај посочува дека „Законот за употреба на јазиците ја надминува дури и широчината на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, што може да создаде пречки во ефективната примена на законот како елемент на владеењето на правото, кои можат да се појават не само поради одредена незеконска или несовесна акција преземена од страна на авторитетите, туку и поради квалитетот на законот, кој тешко може да биде применет.„ (линк: https://bit.ly/2OKoGMN)
Најпосле, најголемата хистерија за фашизам настана по статусот на Апасиев, со кој им порача на чуварите на системот на неказнивост дека сите ќе бидат фигуративно „стрелани”. Статусот е несмасен, баш поради спремноста на пропагандата на сдсм да направи баук од оваа не-дешавка, но индикативна е координацијата на реакцијата која уследи по овој твит. Узбуна, дефкон левел 1, припади за овој реторички злочин, чиниш двајцата пратеници на Левица со калашникови веќе влегоа во парламент да стрелаат. Истото ова забринуто граџанство го немаше никаде кога нивниот лидер од позиција на најголема моќ во државата порача дека „ќе јаде живи луѓе„ и дека „ќе ебе и шуто и ругато„ и во чие присуство ноншалантно се зборува за „шиптари„ чии „гласови не вредат ни пет пари„.
Истата оваа либерална квази-елита со воодушевување става лајкови на повраќаниците на Тричковски во кои тој неколкукратно на најразлични психопатски начини реторички ги убива сите опозициски настроени личности по име и презиме. За нив најголемиот проблем во државата со кој јавноста треба да се бави се печатите на Левица – кој ги украл, кој заборавил да ги стави на приговорите – а тоа што обвинителството во спрега со власта рекетира, криминалците се на слобода или ухлебени во Влада, здравството не умее да се справи со короната, образованието е во слободен пад, економијата исто така – тоа не е воопшто важно за сега да му посветуваме некакво внимание. Датумот на датумот за датумот за ЕУ само што не е пристигнал, тој ќе ви ги реши сите проблеми.
Оваа хистерија не е ништо повеќе туку одраз на паниката во редовите на владеачките елити во оваа наша паланка. Овие избори двете најголеми султан-партии изгубија една третина од гласовите што ги имаа освоено на претходните, додека Левица освои три пати повеќе од претходно. Трендот на центрифугално распаѓање на доминантниот политички консензус ќе продолжи и во иднина, бидејќи не е резултат само на локалните, туку и глобалните прилики. Како што ќе се интензивира овој тренд, така се повеќе и повеќе ќе сведочиме хистерични напади врз Левица од партиските апаратчици на СДСМ. Никој не треба посебно да се тревожи околу овие идиотски етикети, во кои дури ни самите лепачи не веруваат. Едноставно, борбата мора да продолжи.