АктуелноЛокално

Зошто една изборна единица на ниво на цела држава?

Нашата моментална политичка реалност се состои од две големи и доминантни политички партии од македонскиот блок кои триесет години наизменично ја имаат власта во свои раце и една албанска со бенефицирана положба да биде ,,хронично осудена” на власт веќе дваесет години.

Постоењето на повеќе мали политички партии повеќе се декоратива за некаков формален плурализам, а фактички привезоци на големите партии и не претставуваат некаков реален политички фактор во државата.

Ваквиот изборен модел одговара на големите партии бидејќи се елиминира било каква конкуренција од нови или постоечки мали партии и го обезбедува монополски статус на партиите кои хронично се на власт. Покрај изборниот систем постојат и други механизми со кои хроничните властодршци си го обезбедуваат монополскиот статус на политичката сцена.

Една од нив е постоење на повеќе изборни единици. Што значи ова за демократијата во општеството и државата?

Ова е првата и основна гиљотина за малите или новите партии, ова е првата голема препрека за да пораснат и бидат општествен фактор. Втората замка е понудите за изборно коалицирање со некоја голема партија.

Поради ваквата организациона поставеност на изборниот модел и предизборните коалицирања, малите партии се принудени и осудени или да се приклучат на некоја голема партија со што би добиле нешто од изборниот колач или да излезат сами на избори и не добијат ништо, бидејќи гласовите им се разлеани во повеќе изборни единици.

Како еклатантни примери може да се земат бројот на гласовите кои ги освоиле помалите партии во минатите изборни циклуси при самостоен изборен настап. Од постоечките податоци може да се види дека има партии кои добиле десетици илјади гласови собрани од сите изборни единици, но никаде не го поминале цензусот за пратеник и останале без претставник во собранието. Ако сите гласови се соберат излегува дека би освоиле дури и неколку пратенички мандати, а вака ниту еден. Гласовите на овие партии формално постојат како нивни, а фактички ќе се прелеат кај таа партија која освоила најмногу пратенички мандати во таа изборна едница.

Ваквиот изборен систем е штетен како за демократијата во општеството, така и за граѓаните, бидејќи ги гуши во корен граѓанските иницијативи за демократски промена на постоечките етаблирани центри на моќ.

Промена на изборниот ситем и учеството на повеќе партии во собранието, мора да се обезбеди со промена на изборниот модел, за да се демократизира државата, една изборна единица ќе даде шанса да се артикулираат интересите на сите граѓани и на секоја граѓанска иницијатива, што ќе даде шанса за поголем општествен развој и подобар живот за сите. Постоењето на повеќе самостојни собраниски партии ќе ги елиминира досегашните негативни практики за претворање на собранието во гласачка машина на извршната власт, ќе го елиминира присутниот крајно негативен пазарџиски однос, ќе ја елиминира арогантноста и лагодноста на владеењето на партиите на власт и ќе создаде предуслови собранито да биде прав законодавен дом и контролор на извршната власт.

Една држава, една изборна единица, шанса за демократија, шанса за артикулација на интересите на сите граѓани, шанса за побрз и поголем развој, шанса за подобар живот на сите нас!