АктуелноЛокалноСтав

Марш на гласање!

Трајче Стојанов професор на универзитетот „Гоце Делчев“

Просто ми е фасцинантно, драги мои, да ги следам „независните ставови“ на некои од поранешните шарени, либерални кругови, a propos претстојните избори. Оние де, што ги мислевте за шарени, либерални, демократски елементи во општеството, а они СДС да ти биле. Додека сите здраворазумски општествени групи апелираа на трошка ум, да не се жртвуваат граѓаните заради политичките калкулации на Заев и СДС, тие врескаа – избори мора! 

Да, токму тие структури пред да бидат распишани изборите, повикуваа на нивно итно и ургентно распишување, дури и во вакви услови на пандемија! Еден од аргументите беше – мора под идно политичка влада со полн политички легитимитет! Јао, шије ми га Џуро, као тоа да значи нешто у оваа недојдија! Демек таква влада ќе се справела со пандемијава, а и ако не се справела, ќе сме имале каде и кому да го адресираме гневот и незадоволството! Е, мислам дека баш ова им значи на оние 3500 активни КОВИД-19 случаи, но посебно на оние 298 починати – да ја „адресираат“ одговорноста кон идната политичка влада! Боже мили, која провидна логика!

Но, нејсе, ете, победи нивниот „разум“, „разумот“ на тие демократски и либерални кругови (читај кругови на СДС) и изборите се распишаа! Е, сега! Пазете го сега ова, ве молам добро внимавајте – сега истите тие кругови суптилно, а некои бога ми и отворено, повикуваат на „бојкот“! Да, повикуваат на неизлегување на избори!!! Сега имаат „нови“ аргументи! Само што сега не смеат да ги користат оние аргументи со Ковид-от, оти он, нели, според нив, беше неважен за распишување на изборите, сега не можат да кажат „не се појавувајте на избирачки места оти, реално, постои опасност за вашето здравје“, ами бојкотот го аргументираат со некаков фатализам, со некаков граѓански песимизам и дефетистички патос! Демек, ништо, џабе е за кого ќе гласате, сè е исто, ништо нема да се промени! И бидете внимателни драги мои, тоа го бараат од вас истите оние – активистите, они шарените, оние демократите и либералите кои веруваа во активизмот, кои веруваа во силата на народот, да истиот оној народ, истиот оној демократски граѓанин кој го сруши режимот! Е, ама сега граѓанскиот активизам, политичкиот ангажман не бил веќе ин, сега сè било бесмислено, сега сè било само слеп фатум во ова наше мочуриште и ништо немало да ја донесе промената. Ајде беее! Па чуму крекавте тогаш за избори!? 

Зошто тогаш, драги мои либералчиња и демократури или гласно баравте избори, или кога лудаците бараа, вие тоа достоинствено го одмолчевте!? Многу добро знаете зошто! Затоа што двете големи партии, горе-долу имаат стабилно гласачко тело од 300.000 +/- гласови кои и во вакви околности ќе ги „извадат за уши“ да гласаат! Резултатите во ваков случај ќе зависат исклучиво од партиската логистика и моќноста на партиската машинерија! На СДС и Заев не му треба излезност, не му требаат независните, не му требаат граѓаните, му требаат неговите во партија, му треба партиската машинерија, му требаат само тие „шути и рогати“ што сите овие години квази-енџиоштво ги привлече во својата орбита! На СДС и Заев им треба што помала излезност за да успее колку-толку да остане во минимална предност и да успее да формира каква-таква, климава влада. Голема излезност значи демонстрација на големо незадоволство, кое и во теорија и во пракса, секогаш е насочено против актуелната власт! Затоа на Заев и СДС не им треба таквиот гнев сега, не им треба масовна излезност, не им требаат граѓаните, не! Ним им треба што помала излезност на неопределените, на незадоволните, на граѓаните воопшто, а што поголема организација и мобилизација на партиското членство! 

Ете, затоа, драги мои, овие демократски и либерални енџиовски кругови, прво бараа избори, а сега нè убедуваат дека да се гласало нема смисла, дека ништо немало да се промени во овој трулеж со нашиот глас! Ааа, не, не така, не така „педерски“ – што би рекол вашиот ви великоумен лидер, како карактерна особина, не како сексуална ориентација – не, така, драги мои либералчиња! Сега на избори – сите! На 15-ти сите на гласачки места! Кога веќе во вакви околности ги распишавте изборите и кога реално, ги ставивте сите граѓани во опасност, тогаш тие граѓани мора да ви одговорат жестоко! Затоа, драги мои, на 15-ти ставете маски, една, две, три, ракавици – два, три пара, средства за дезинфекција, скафандер ако треба, ако треба и задржете го здивот, не дишете минута-две додека сте на гласачко место, но излезете и гласајте! Покажете дека не се согласувате, пркосете, гневете се, бидете бесни, пцувајте, р`жете…гласајте!