Први мај живее!

Денес на 1 Мај на денот на Трудот, им се обраќаме на сите работници, хонорарци, студенти, на сите стечајци и на сите сиромашни. На фронтот на нивната одбрана единствено стои Левица, единствената работничка и надетничка партија во Македонија!

Борислав Крмов
Президиум на Левица

Другари и другарки, денес наместо да маршираме гневни по улиците, приморани сме овој голем ден да го прославиме во своите домови заради пандемијата со коронавирусот. Пандемијата која најјасно го разоткри грдото лице на системот во кој живееме. Системот кој скоро три децении го одржуваат властите заедно со сопствениците, каде работниците се третирани како обична стока за продажба. Синдикатите веќе одамна ги продадоа работниците и сега им служат на властодршците! Работникот е оставен сам. Само пред неколку дена Властите најсрамно ги озаконија отпуштањата за време на кризата, додека буџетот кој работниците сами го полнат ќе се користи за покривање на трошоците на газдите, а работниците ќе завршуваат легално на улица!

Од друга страна, кризата покажа дека работниците и единствено работниците се  есенцијални за економијата! Додека газдите лееја крокодилски солзи за изгубените профити затворени на безбедно во нивните мермерни палати, работниците во сред пандемија продолжија да работат на ризик по своето здравје да ни озбезбедат храна, енергија, облека, лекови и сите други производи и услуги есенцијални за живот. Работниците се единствено есенцијални за економијата – не газдите! Без лихварите, банкарите, сопствениците на фабриките и газдите можеме, без обичните работници не можеме!

Затоа на овој 1 Мај кога десетици илјади работници се на улица, а Власта како и секогаш застанува само во одбрана на газдите, од своите домови на властите им порачуваме дека работниците ќе си дојдат по своето! Левица ве повикува наместо за работнички права, заедно да се бориме за власт! За работничка власт! За политичка моќ на трудот!

Први Мај Живее!