Интервју со Бранко Ристов – носител на Левица во ИЕ4

Бранко Ристов – дипломиран економист. Активист во бројни иницијативи. Советник на политичката партија Левица во општина Карпош, актуелен член на Президиумот на Партијата и носител на листа за пратеници во Изборната единица 4.


Веќе трета година си советник во општина Карпош, кој е мотивот да се кандидираш за пратеник во Парламентот, кога веќе обавуваш политичка функција во име на Партијата? 

Учеството во советот ѝ дозволи на Левица драстично да ја успори градежната експанзија и узурпацијата на јавниот простор, успеавме да намалиме непотребни трошоци. Но, законите и начинот на кој функционира локалната самоуправа – не само Карпош – туку општо, се сосема погрешни. Системот е така изграден што речиси е невозможно да промениш лоши одлуки ако истите тие се во корист на владејачките елити, прелесно е за Советот и Градоначалникот да делува во спротивност со волјата на народот.

Како за пример, ние од Левица во комуникација со неформални групи поднесовме Барање за стопирање на извршување на 29 ДУП-ови со цел ревизија на истите, нешто кое за време на кампањата беше барање и на сегашната локална власт, тогашна опозиција. Барањето никогаш не стигна да биде на дневен ред, токму Собранието беше тоа кое нѐ спречи во намерите тоа малку зеленило, тоа малку слободен простор да се зачува. Сѐ додека во Сообранието нема вистински народни претставници, наместо досегашните спроведувачи на желбите на владејачките (економски и политички) елити, надлежностите на локалните самоуправи ќе останат садење на цвеќиња и распродавање на јавниот интерес за профит. Во таа смисла, мотивација за транзиција од советник во пратеник ми е правење вистинска промена на самиот начин на кои функционираат локалните самоуправи, давање поголема моќ врз носењето локални политики на самите жители на општините.


Кое е твоето политичко искуство пред да станеш член на Левица, дали си имал прилика и мотив за приклучување кон некоја друга политичка партија предходно? 

Немам политичко искуство пред активирање во Левица. Бев заинтересиран за политички активизам, но радикалните промени кои се потребни во нашето општество не беа стремеж на ниту еден политички субјект пред оформување на партијата во која се зачленив.


Главно мнение меѓу народот е дека, штом некој влезе во Парламент, станува друг човек, односно се менува. Што би променил Бранко кај себе доколку стане пратеник? 

Тоа е сосема погрешна перцепција, не се менува човекот – туку кампањата завршува. Така што, ништо не би променил. Државата мора да е во служба на народот, народните претставници мора да се достапни за сите. Ова се принципи за нас од кои нема отстапка. Затоа добар дел од нашата програма во делот за политички систем предлагаме законски измени кои се во таа насока – како на пример воведување на отповикливост на мандатите, ослободување на инструментите на директна демократија, поедноставување на процедурите за отпочнување на граѓански иницијативи и сл…


Зошто на Парламентот, односно на народот му треба Левица, кои се тие цели за кои ќе се борите одвнатре? 

Пред сѐ , во парламентот Македонија за прв пат ќе има партија која води класна политика. Тоа само по себе значи комплетно различен пристап кон проблемите и сосема друг начин на решавање на истите. Левица е прва партија во овој 27 годишен транзициски период, која што го става човекот во центарот на економијата. Столб на нашата економска програма е класната поделба на општеството, а цел е надминување на класните поделби. Нашата програма го става човекот во центарот на економијата, како активен субјект во она што 27 години го оттуѓуваат од нас. Работникот не е едноставен додаток на машина, туку е творител на целиот материјален свет и како таков, не може да биде третиран како бројка во сметководствените книги. Левица стои заедно со работниците во нашата борба да го заземеме местото во општеството што ни припаѓа.


Освен политичкиот ангажман, што друго прави Бранко во секојдневниот живот? 

Работам како шпедитер веќе 12-тина години. Имам прилично „нормален“ живот, како повеќето, деновите ги проаѓам затворен во кругот работа-дома. Единствена разлика е тоа што надвор од работата поголемиот дел од слободното време го посветувам на политичкиот ангажман во Левица, остатокот на блиските и читање книги.


Кои се приоритетите со кои треба да се зафати новиот парламентарен состав? 

Прва работа која мора новиот парламентарен состав да ја направи е поништување на „Преспанскиот договор“ и отпочнување на процес за нов граѓански устав во склад со волјата на граѓаните на Република Македонија.


Левица не е нова Партија, имено учествувавте и на претходни избори како парламентарни, така и локални, додека на Референдумот водевте кампања за Бојкот, односно против промена на името на државата. Сведоци сме дека периодов, односно периодот пред поднесувањето на кандидатските листи за овие избори се оформија неколку нови мали партии, чии дури имиња не и се познати на јавноста. Како гледате на оваа појава? Што за вас значи формирање на толку нови партии (токму пред избори) на еден вака мал по жители простор? 

Се работи за креатури директно создадени од политичките елити, при што целта е пренатрупување на политичкиот простор со „избор“ за да се расцепка гласачкото тело на противникот. Во моментов главниот противник е Левица како единствена партија со намера и доволно поддршка да го загрози бипартизмот во Македонија. Провиден е обидот за да се протнат како „независни“ субјекти од проста причина што најпрво, составот воглавно им е од поранешни функционери на СДС-ДПМНЕ, а како второ, главен „адут“ за демагогија се користи тоа што се перцепира како најгорливо прашање за народот во моментот, како на пример „Преспанскиот договор“, екологија и сл…

Но, сите останати политички ставови се сведуваат на бледи општи фрази како анти-корупција, меритократија и слично, што практично не значат ништо, со оглед на тоа што овие групации никогаш немаат развиено вистинска партиско-политичка програма со јасни цели. Во кратки црти објаснето, штрајкови имаат штрејк-брајкери, протести имаат уфрлени учесници со цел да се делегитимизира протестот, избори имаат „независни“ партии без никаква програма.