Левица поднесе приговор до ДИК за предвремен почеток на изборната кампања од страна на СДСМ
„Денес, политичката партија Левица – како потврден учесник во изборниот процес и подносител на листи на кандидати за пратеници на претстојните предвремени парламентарни Избори 2020, до Државната изборна комисија поднесе официјален приговор за предвремен почеток на изборната кампања и непочитување на одредбите од Изборниот законик против Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ.
Со приговорот се бара ДИК, во рок од 72 часа, да отпочне прекршочна постапка за казнување на политичките партии кои ја сочинуваат оваа владејачка коалиција, со по 8.000 ЕУР во денарска противвредност – заради предвремен старт на кампањата, кој се случи на ден 30 мај 2020 (минатата сабота), кога многу раководни функционери на СДС [Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, Дамјан Манчевски, Сања Лукаревска и др.] – во високоризични услови на пандемија и при важечка забрана за јавни собири, а некои од нив дури и позитивни на коронавирус – противзаконски делеа флаери меѓу граѓаните во повеќе градови на Република Македонија, загрозувајќи го нивното здравје и прекршувајќи ги правилата за фер изборен процес, соопштија од Левица.
За сите овие констатирани неправилности приложиле и соодветна фото-документација.
„Бараме од ДИК, итно и во законски предвидениот рок, да постапи согласно своите овластувања, бидејќи во спротивно постапката ќе ја продолжиме со поднесување тужба до Управниот суд на РМ”, порачаа од партијата.