Пропагандна кампања во Сирија финансирана од Британија била преувеличена и најверојатно нелегална, открива владин интерен документ
Од Даниела Рајан, фриленс новинар со седиште во Даблин.
Британски пропагандисти со државни финансии создадоа „консталација на медиуми“ во Сирија и продуцираа толку многу содржини што луѓето „повеќе не знаеја во кој или во што да веруваат“, открива внатрешен документ во однос на неуспешната операција.
Детали за пропагандната кампања на Владата на Велика Британија насочена кон Сирија, чија цел е поддршка на т.н. „умерено вооружената опозиција“, беа објавени од Middle East Eye (МЕЕ) во февруари. Процесот, кој започна во 2012 година, вклучуваше воспоставување мрежа на антивладини граѓански новинари за обликување на перцепцијата на јавноста кон војната, се открива во истрагата на медиумот. Сега МЕЕ ја објави содржината на „критичкиот“ интерен владин документ, во која се утврдува дека програмите биле невешто и неефикасно водени, па дури и постои можност дека биле прекршени законите на Велика Британија. Евалуацијата исто така заклучува дека некои проекти „биле дизајнирани да ја импресионираат американската влада“, се наведува во медиумот .
Фундаментални недостатоци
Оваа слика на Велика Британија, како плодна почва за сеење пропаганда е во силен констраст со доминантниот приказ на медиумите за западните сили како единствени говорници на вистината кои дејствуваат во светот на „лоши момци“ и лажни вести, за кои Британците веќе се навикнати да слушаат. Во извештајот на Middle East Eye се руши таа слика, откривајќи дека компаниите за комуникација ангажирани од британската влада користеле „новински агенции, социјални медиуми, кампањи со постери, па дури и детски стрипови“ за тајно да ја зајакнат сириската опозиција и да ја поткопаат владата на Асад, како и Исламската држава. Напорите се засилиле „драматично“ во 2013 година, откако парламентот на Велика Британија гласаше против воена интервенција во земјата.
Сепак, еваулацијата спроведена во 2016 година открива дека грандиозните планови на Лондон не биле толку ефикасни како што се предвидувало, при што се наведува дека иницијативите претрпеле „фундаментални недостатоци“ – вклучително и фактот дека „не била спроведена анализа на конфликтот“ и „не била спроведена анализа на целната публика“. Очекувано, оценката го дефинира сето ова еуфемистички како „стратешки комуникации“, наместо пропаганда.
Прекршување на законот и „штета врз угледот“
Иронично, додека сето ова се случуваше, британските мејнстрим медиуми беа зафатени со опсесивно објавување на вести за руската пропаганда, додека целосно ја игнорираа и потфрија да ја истражат операцијата за масовно влијание на сопствената влада и потенцијалното кршење на законите. Еваулацијата открива дека билa изразенa загриженост во рамките на британската влада за тоа дали има воопшто потреба од програмите, како и за „големиот ризик“ , со оглед на тоа што активностите на ангажираните биле „во спротивност со законот на Велика Британија“ – иако нема повеќе дадени детали за дали тоа било случај, објави MEE. Оценката, исто така, укажува на „дуплирање“ на напорите и истовремено предупредува на евентуално „нарушување на угледот“ на британската влада доколку нејзиното финансирање на програмите биде откриено.
Смртни случаи и предизвикана штета
Некои од проектите биле надгледувани од единицата на Министерството за одбрана (МО), наречена Воено-стратегиски ефекти. Исто така, биле формирани канцеларии во Истанбул и Аман, каде што Сиријци биле регрутирани за работата. Голем дел од локалните известувачи со скратено работно време кои биле вработени во Сирија не биле ни свесни дека работат на проекти финансирани од британската влада. Буџетот за проектите во 2015-16 година достигнал 9,6 милиони фунти – и повеќето биле наменети за натамошната работа. Британската влада очигледно не била потресена од фактот дека некои од овие луѓе ги загубија своите животи во текот на работата, ладно напоменувајќи дека дел од нивните ангажирани „претрпеле загуби во главниот персонал што предизвикала фундаментална штета врз организацијата на работата“.
„Единицата одбива да открие дали во ефектите кои биле планирани да се постигнат бил вкалкулиран ризикот по живот; колку луѓе починале; и дали Велика Британија ги поддржувала оние кои биле зависни од неа“, наведува МЕЕ. Владата, исто така, забележува дека некои од локалните известувачи кои работеле со „умерените“ бунтовници „преземале работа што може да предизвика (и предизвикала) штета“, но нема наведено повеќе детали.
Добиена корист за потрошените пари
Очекувано, програмите биле најсилно застапувани од Министерството за одбрана. Всушност, „единствените“ владини министри кои беа „целосно посветени“ на пропагандните програми во 2013 година беа од британското МО. Тие сметале дека се добива „извонредна корист за потрошените пари со оглед на актуелните ограничувања од политиката“. Овие „ограничувања од политиката“, се однесуваат, секако на гласањето во парламентот да не се интервенира воено. Некои други министри се двоумеле „дали треба да се трошат парите на даночните обврзници“ за проектите, додека за истите има „суштински сомнежи“. Иако владиниот документ е висококритичен спрема недостатоците, никаде во владиниот преглед не е преиспитана одлуката за трошење милиони во пропагандни кампањи и влијанието врз операции во надворешна војна.