АктуелноЛокалноСтав

Работничката класа е на потег!

Бобан Кочовски
Член на ЦК на Левица

Низ годините видовме дека првиот бран на формирање на стечајци не допринесе до значителен притисок кон властите од деведесетите па наваму, туку напротив, овие стечајци послужија како гласачко тело и ништо повеќе од тоа. Видовме дека трошоците за гола егзистенција стануваат сѐ поголеми од година во година, а платите стагнираат или се зголемуваат за незначително ниско ниво, но и тоа не е доволна причина за посериозен притисок кон властите. Тогаш кога по игра на случајот би се формирала навидум критична маса која што би сакала да изврши одреден притисок и да ги побара своите работнички права, токму тогаш властите индирекно ја манипулираат и злоупотребуваат работничката класа преку разни „невладини организации“ или „независни синдикати“ ( што би рекол дека се канцерот во нашето општество!).

Овој пристап функционираше за властите се до неодамна, поточно кога почнаа новите масовни отпуштања поради пандемијата од КОВИД-19, нешто што резултираше со создавање на масовно будење на работниците поради екстремното прикажување на реалноста за светот во кој живееме и неможноста властите да продолжат презентирање на илузијата за “идеалното капиталистичко граЏанско општество“. Токму сега испаднаа на виделина сите оние неправедни страни на капитализмот, граЏанството и дејствијата на политичките и бизнис елити во Република Македонија. Мошне е едноставно – оној кој што е богат, кој што на маката на работниците го создал и зголемил својот капитал, воошто не се плаши за сопствената егзистенција, а оној кој што е само работник… приказната е многу поинаква.

Токму во овој период на “будење“ на работниците, наместо државата да биде “спасител“ , напротив, секој работник беше обврзан да се откаже од дел од својата плата, беше обврзан да жртвува дел од законски предвидените додатоци на платата, всушност, токму на грбот на работничката класа падна целиот товар за спас на нашето “идеално капиталистичко граЏанско“ општество! Од друга страна, државата одлучи дека помагањето на работничката класа не е од примарно (а богами ниту секундарно) значење, па попаметно им беше да финансираат набавки на апетисани, да доделуваат стипендии за студирање во странство на деца на функционери, платите на пратениците и судиите направија да останат непроменети, наједноставно кажано – работниците ги оставија сами на себе! Токму во овој момент  се покажа кристално јасно дека државата за еден е мајка, а за друг само маќеа.

Знаете, многу е фрустрирачки кога упорно работниците го добиваат овој третман, премногу ми смета кога работникот е сведен само на статистика и предмет за експлоатација, кога работниците добиваат неосновани откази, намалување на плати, притисоци, мобинзи, а работодавачите скоро па и да не се санкционираат поради нивната финансиска моќ и поврзаност со бизнис и политичките елити!.

Доколку овие неправди кои што се наметнати секојдневно на работниците не се доволна причина за промена на она што е труло во Република Македонија, тогаш се плашам дека ништо на светов нема да успее да не мотивира да издејствуваме подобра сегашност и иднина на работничката класа.

Но, сакам да останам оптимист, сакам да верувам дека на текстилците, градежниците, земјоделците, професорите, полицијата, општите работници и сите останати кои чесно си го заработуваат своето парче леб, им е и повеќе од доволно ваквото третирање и злоупотребување од страна на бизнис и политичките елити! Сакам да верувам дека кога ќе дојде моментот да го бираат нивниот сојузник и пријател во борбата со алчните газди и корумпираните политичари, тие ќе ја донесат вистинската одлука. Во спротиво, да речеме дека иднината не би била ни најмалку позитивна за работничката класа.

Затоа, моментот за обединување на работничката класа е СЕГА! Ова е приликата која што ја чекавме со години, ова е шансата во која измачената, искористена, потценетата работничка класа МОРА да направи нужни промени, бидејќи без нив ќе остане само пуста желба за слободен човек кој што е заробен во спрегите на работничкото робување!

Само сложно можеме да ставиме крај на партиските вработувања и притисоци, наместените тендери, злоупотребувањето на државниот Буџет, нарачувањето на судски одлуки… Само сплотени можеме да се избориме за подобри работни услови, поголеми плати, искоренување на мобингот и злоупотребата од страна на газдите.

Единствениот начин за да успееме во борбата за подобра иднина е да застанеме еден до друг, да бидеме достапни еден за друг, да се бориме во оваа тешка битка за враќање на вистинските вредности, битка во која алчните газди и политичари и тоа како ќе се обидат да сторат сѐ што е во нивна можност за да нѐ поделат и повторно да владеат. Ајде да ја направиме Република Македонија земја во која солидарноста и правичноста се централните постулати по кои што ќе се водиме сите ние, да ја направиме Република Македонија држава каде што секој ќе биде еднаков пред законот, каде што ќе се обидеме да ја искорениме невработеноста и да го вратиме достоинството кај секој граѓанин на Република Македонија.

За успех во оваа заедничка борба потребен е само е вистинскиот избор! Работничката класа е на потег!