Дали се доволни мерките кои ги предложи Владата?
Мерките за сузбивање на пандемијата предложени од СЗО се практикуваат до одредена мерка, но дали се доволни? Самите тие велат дека Кина е пример кој треба сите да го следиме, зошто тогаш нашите мерки економски и здравствени се огледало на европските? Кина ги насочи сите свои финансии и производствен капацитет во борбата против вирусот.
Дезинфицираше цели области со помош на дронови, возила, комунални работници. Изгради болница со капацитет од околу 3000 кревети за 10 дена. Пренамени хотели за изолација на заболените. Не штедеше во одделување пари од буџетот за пронаоѓање на вакцина и терапија. Го пренамени производството на цели фабрики за респиратори, маски, скафандери и слична медицинска опрема, убав дел од истите донираше на различни држави.
Свесни се дека во оваа војна треба да се обединиме со цел да ги спасиме нашите животи. Во меѓувреме она што Европа и САД го практикуваат е стратегијата “секоја држава сама за себе“ и ставаат акцент на тоа како да се спасат фирмите и бизнисите, не човечкиот живот. Во Македонија се оди уште подалеку и се применува стратегијата “секој сам за себе” и како да се спасат туристичките агенции и бизнисите на функционерите и олигарсите, спонзорите на владејачката партија.
Како да се ќари од тендери за респиратори, како да се ќари од маски и дезинфиценси чија цена се зголеми за 30 до 50 пати – односно како да се искористи максимално ситуацијата за лично богатење на политичарите. Како да се скрати од платата на работникот и административецот, како да се задолжи државата за дополнителни милијарда евра под изговор “COVID19”. Додека Владата гледа како да ја “спаси економијата” (поточно самите себе), бројките на новозаболени и починати секојдневно растат, меѓу нив се бројат и доктори. Ако не ги заштитиме докторите и медицинскиот персонал, кој ќе нѐ лекува? Кои ни се шансите за живот, ако место во здравството, пари се влеваат во медиуми, компании, банки…?
На барањето помош од страна на матичните лекари, министерот за здравство Венко Филипче одговори кратко “матичните лекари не се дел од нашиот систем”. Тогаш кој е дел од вашиот систем? Туристичките агенции? Кога целиот здравствен товар се префрли на матичните доктори и ги обврзаа со илјада задолженија, наеднаш тие повеќе не се дел од “вашиот систем”. Верувам дека никој од докторите не сака да е дел од “вашиот систем”, но сите сме дел од “нашата земја”
Крајно време е да се стави приоритет на животот во Македонија, не на стопанството, и не на бизнисот. Колку побрзо го уништиме вирусот, толку побрзо економијата ќе може да се врати во нормала. Колку повеќе вложуваме во здравството, толку помалку загуби ќе се бројат во стопанството.