Капиталистичка Северна
Во моментов Северна е пред криза од невидени размери поради застрашувачкиот глобален феномен – КОРОНА. Дали овој вирус е деструктивен во оние размери за кои што сите ние стравуваме или пак можеби не, оставам на секој поединец да процени со сопствен ум.
Сепак, појавата на овој вирус како феномен, ни укажа на тоа колку, ние како држава, впрочем сме ранливи, а можеби и ќе ни ги отвори очите дека капиталистичка Северна воопшто и не е спремна да се справи со потенцијалните проблеми што можат да се појават како резултат на ширење на вирусот.
Но, зошто е тоа така? Првично, без сомнежи ни го потврдува она кое што одамна го претпоставувавме, а тоа е дека државното здравство е нефункционално! А како би било кога сите овие години, преку транзицијата, здравството се претвори во еден од најпрофитабилните бизнис-сектори! Долгогодишните политики на приватизација и либерализација кои доведоа до ерозија на јавното здравство, државата ја оставија во подредена и зависна положба во однос на приватното и далеку поквалитетно здравство. Исто така, владините штетни политики допринесоа државниот здравствен систем да ги загуби најквалитетните кадри. Дел од овие кадри се префрлија во приватниот сектор, а дел ја побараа својата иднина во некоја друга држава надвор од Северната капиталистичка провинција. Овој факт е поразителен за целата иднина на македонското државно здравство! Самата здравствена инфраструктура е пред колапс, не располага ниту со основните материјали за справување со сезонски грип а камо ли со КОРОНА.
Друга работа која што ни е и повеќе од јасна, е неможноста на институциите да се справат со потенцијалното ширење на вирусот. Најмногу при влез во нашата држава, без притоа да поседуваат елементарни скенери и карантини. Каде ли одат парите собрани од нашите даноци? Или можеби тоа се само извор за богатството на владеачките елити на терет на граѓаните?
Третата, и можеби по мене најважна работа во целава панична ситуација, е прикажувањето на вистинското лице на капиталистичкото општество. Штетниот вирус на либерализмот е навлезен во секоја пора од нашето живеење. Имено, фрапантно е да се забележи како маркетите и аптеките, искористувајќи ја ваквата ситуација на паника и вонредна состојба видоа прилика за зголемување на својот профит и неколкукратно ги поскапеа цените на продуктите. Како за пример, една обична маска за заштита на луѓето од 3 денари се зголеми на 30 денари во рок од една недела! Истото се случи и со основните намирници за преживување во маркетите како брашното, хигиенските намирници, водата…
Трката по профит ги засени сите останати вредности насушно потребни во заедничкото живеење. Самото општество ги истурка во втор план вистинските вредности како солидарноста, човечноста, чесноста… Вредности кои што се карактеристични за новиот социјализам, кои не треба да нѐ поделат – туку да нѐ сплотуваат. Мене лично ми е потребен систем во кој државата ќе биде способна да се справи со предизвиците, во кој здравството ќе може да ми помогне во секој момент, систем во кој луѓето не се водени од желбата за поголем профит, туку од желбата за подобра заедничка иднина. Затоа ни е потребна системска промена, затоа што за нашата и иднината на нашите деца се работи!