Масовни протести во Русија поради зголемување на старосната граница за пензија

Во саботата, 28 јули, десетици илјадници луѓе излегоа на протести низ Русија да протестираат против покачувањето на старосната граница за пензионирање. Според извештаите, само во Москва, излегле помеѓу 10 и 100 илјади луѓе.

Демонстраторите во Москва носеа знаци „Сакаме да уживаме во нашата пензија а не да умреме на работа“ и “55 години и ни минута повеќе“. Во Санкт Петерсбург, вториот најголем град во Русија, присуствува околу илјада демонстранти на протестот на Комунистичката Партија, носејќи црвени знамиња и портрети од Сталин.

За време на Советскиот Сојуз старосната граница беше 55 за жени и 60 за мажи. Новиот закон ќе ја покачи на 63 за жени и 65 за мажи. Просечниот животен век на мажите во Русија е околу 60тина години, што значи дека голем дел од нив нема ни да ја дочекаат оваа пензија, оттука и слоганите. Дополнително, газдите ретко вработуваат постари лица па една демонстрантка изјави „Како ќе преживееме? Не знам. Не вработуваат никој над 50 години.“

Ова е редок случај на широко противење на политики на Путин во Русија. Претходно, петицијата против новиот закон ја потпишаа скоро 3 милиони руски граѓани. Дури  Комунистичката Партија, која е воглавно неактивна и ги премолчува политиките на власта, мораше да се активира против оваа мерка. Путин во март вети дека нема да ја крене старосната граница и овој потег ја намали довербата во него, според анкетите, од 80% на 64%.