АктуелноЛокално

Зошто Богоев дозволи да се гради кафуле и перална на државно земјиште?

Новото кафуле и авто-перална на местото на поранешното кино Влае ги вознемири жителите на оваа скопска населба. Иако сите очекуваа конечно оваа населба да добие некој културен центар или катче за млади, Општината Карпош се реши овој простор да го трансформира во кафуле и авто-перална.

Со самото тоа значително се загуши, сообраќајно, овој простор па покрај тоа што во одредени период од денот има гужва, загрозена во целост е и безбедноста на учениците кои учат во ООУ „Димо Хаџи Димов” кое се наоѓа во непосредна близина.

Учениците и нивните родители се принудени да се движат на коловозот поради тоа што околните тротоари се окупирани со возила.

Но, две работи даваат голем сомнеж врз сето ова: сопственоста на земјиштето и инвеститорот.

Кафулето, пералната и придружните објекти вклучувајќи го и паркинг просторот се изградени на парцелите 7937, 7992/2, 7988/2, 7128/6 и 7127. Сопственоста на овие парцели е следна:

  • 7937 – со вкупна површина од 578 метри квадратни е во сопственост на „Аполо Инженеринг” ДООЕЛ и Република Македонија.
  • 7128/6 – со вкупна површина од 386 метри квадратни е во сопственост на Република Македонија 
  • 7127 – со вкупна површина од 235 метри квадратни е во сопственост на Република Македонија
  • 7992/2 – со вкупна површина од 8 метри квадратни е во сопственост на Република Македонија
  • 7988/2 – со вкупна површина од 134 метри квадратни е во сопственост на Република Македонија

Инвеститорот „Аполо Инжинеринг: е компанија која изминатите години е добитник на бројни јавни набавки. Во текот на 2016 година, оваа компанија доби четири набавки од Општина Карпош во поединечен износ на набавките кои се движат од 32.368 евра, па се до 410.846 евра.

Во 2017 година, оваа компанија беше одбрана за одржување на улици за две години и тоа за зимата 2017/2018 и 2018/2019 година. При тоа ангажирани се 15 специјални возила со соларка и зимско одржување на сообраќајниците на територијата на Град Скопје. За ова доби 813.008 евра. Сепак минатата година, на 18 септември склучен е договор во износ од 1.055.285 евра помеѓу оваа фирма и Градот Скопје. Целта е идентична како и претходниот договор и опфаќа активности околу одржување на улиците во зимскиот период што опфаќа набавка на сол, посипување и чистење на снегот.

Договорот во име на Град Скопје е склучен од страна на Петре Шилегов, додека во име на правниот субјект носител на набавката е управителот на ова друштво Јонче Спирковски. Токму ова име се појавува и на листата должници на УЈП објавена на 10 јули 2019 година. Според УЈП, Јонче Спирковски на државата по основ на неплатен персонален данок должи 2.208.287 денари.

Оттука се поставува прашање како градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев дал одобрение за изградба на земјиште во сопственост на државата, а се поставува и прашањето како оваа компанија која има добиено бројни тендери од Општина Карпош и Град Скопје го стекнал имотот на парцелата 7397 која старите жителите на Влае ја памтат како во сопственост на месната заедница.