Еден ден и јас ќе го фрлам зарот и фереџето

Слободен човек не е оној кој сонува за слободата, туку оној кој се бори за неа. А за неа, со само 14 години се бореше Ибе Паликуќа. 


Родена е во Дебар, 1927 година од татко Шериф-оџа и мајка Јумнија. Скромното образование Ибе го надополнува со најразлична литература. Од Толстој, Максим Горки, Александар Дима па преку романи на албански јазик се до партиски материјали, билтени, прогласи и слично добиени од нејзиниот брат.

Македонската комунистичка дејка, новинарка и општественичка, Ружа Бак пренесува еден дијалог од улиците на окупираниот Дебар помеѓу Ибе и нејзина другарка.

  • Еден ден и јас ќе го фрлам зарот и фереџето, кажа Ибе.
  • Кога? – праша нејзината другарка.
  • Кога ќе бидеме слободни…
  • Како слободни? Од кого слободни?
  • Слободни од оние!, и одговори Ибе на другарката покажувајќи при тоа кон италијанските војници додавајќи, – А потоа и од нашите што се со нив.
  • А што ќе правиш тогаш?
  • Не знам… Ќе бидам човек!

Водена од желбата и идеалите за слобода, Ибе Паликуќа уште на 14 годишна возраст активно се вклучува во работата на Дебарската организација на КПЈ. Најзаслужен за тоа е нејзиниот брат Ештреф, кој исто така е активно вклучен во НОБ, а кој најпрво и доверува курирски задачи. Без да привлече посебно внимание, поради нејзината возраст и фереџето, но и тоа што татко и бил оџа, таа е главен разнесувач на партиска пошта и други пропагандни материјали во Дебар и околината.

Во 1942 година, на само 15 години активно се вклучува во СКОЈ, а на неа е доверено и раководењето со една младинска воспитна група составена од младинки со која собираше народна помош, растураше летоци, организираше засолнување на илегалци и слични активности кои служеа како поддршка на локалните партизани.

Година подоцна нејзиниот брат заминува во илегала поради што Ибе останува во својот дом заедно со нејзината мајка и сестра. Окупаторските фашистички сили веќе оперираат со одредени информации за нејзините активности, поради што често го посетуваат нејзиниот дом.

Овие притисоци воопшто не ја предомислија Ибе. Нејзината решителност за ослободување од окупаторите продолжи и натаму, па така во јуни истата година е избрана за член на Месниот комитет на СКОЈ за Дебар и околината.

На 10 септември 1943 година, партизаните го ослободуваат Дебар, а Ибе фрлајќи го фереџето заедно со нејзините другарки се фаќа на орото на слободата предводено од борците.

Ослободувањето на нејзиниот Дебар како да не беше доста, па Ибе продолжува како член на КПЈ во понатамошните борби за целосно ослободување од фашистичкиот окупатор. На само 16 години е избрана за секретар на СКОЈ за Дебар, кога го добива и илегалното име Флака што во превод од албански значи пламен.

Продолжувајќи ги своите активности во западниот дел на Македонија, таа ги посетува селата во Горна и Долна Жупа, каде заедно со Антигона Туфа Спировска формираат народноослободителни одбори.

Додека престојува во селото Броштица таа дознава за повторното потпаѓање на Дебар во рацете на фашистичкиот окупатор. Тука се приклучува на партизанската единица на Хасан Љума и со пушка в рацете ја продолжува борбата за слобода.

“Ја видов како носи голема торба полна со митралеска муниција. Онака малечка, од тежината на торбата уште повеќе се смалила. Не вредеше што и говорев торбата да му ја даде на некој друг, дека има поснажни од неа. Таа едноставно одговараше “јас сега немам друга работа, никаква должност. Тогаш зошто да не носам?”, се сеќава борецот Мети Крлиу.

Откако добиле директива да сите борци се вратат во своите реони, Ибе Паликуќа со своите соборки облечени како селанки успеале да се вратат во поново окупираниот Дебар, каде ја продолжиле илегалната партиска работа.

Поради отежнатите услови за функционирањ, Ибе Паликуќа заедно со мајка си го напуштаат Дебар и одат во селото Ковачица каде што имале роднини. Таа тука се приклучува повторно во воените борби како член на Шестата македонско-албанска народноослободителна бригада на НОВЈ.

Од формирањето, оваа бригада е во постојана борба со балистите. Балистите се потпомагани од Германците, кои ги снабдуваат со тешко вооружување. Во една таква борба на периферијата на Кичево на 20 септември 1944 година, при пробивот на партизаните таа е во последната група кога добива и прострелна рана.

За последните моменти од нејзиниот живот сведочеше нејзината другарка Вера Богданоска.

“Се повлекувавме и пукавме на балистите. И тогаш, во еден момент, од својата десна страна, во непосредна близина чув пукот на рафал од машинка. Во моментот здогледав дека во жбунот лежи Ибе и дека тоа таа пука од својот шмајзер. Со кратки, па со долги рафали. Прискокнав до неа и реков:

  • Ибе, ајде, сите се повлекувавме, таква е наредбата…
  • Ти оди, јас не можам, рече Ибе
  • Зошто не можеш?
  • Ранета сум…

Само тоа го рече и продолжи да пука од шмајзерот. Видов крв на нејзината униформа… тешко е ранета во пределот на стомакот. И реков:

  • Ибе, ајде, јас ќе ти помогнам.
  • Не, останувам. Некој треба да ја држи отстапницата на баталјонот, да го штити. Подобро овде да останам, инаку нема долго…

Никогаш нема да го заборавам погледот на Ибе во тој момент, беше решителна да не се помрдне од тоа место. За секунда очите и засветкаа, со оној нејзин чудесен сјај. Потоа уште порешително рече:

  • Те молам, оди, само дај ми го шаржерот…

По последниот куршум балистите ја заробија, а дури и тие крвници го почитуваа нејзиното јунаштво кое прерасна во легедна. Некој од нив нареди да ја остават и покријат со нешто” се присетуваше Вера Богданоска.

Ја однесоа во домот на оџата од село Шутово. Ја оставија спокојно да умре. Почина по два дена, на 22 септември 1944 година на само 17 годишна возраст. Иако не дочека да се ослободи од зарот и фереџето, нејзините соборци победувајќи го фашистичкиот непријател се изборија за целите и идеалите за кои го даде својот живот.

На 8 октомври 1954 година беше прогласена за Народен херој на Југославија,

Во сеќавање на Ибе Паликуќа….