Краток осврт поврзан со новите сообраќајни мерки во центарот на Велес
Жителите на градот Велес веќе неколку години наназад мака мачат кога се движат со своите автомобили низ центарот на градот. Делумно поради преголемиот број на автомобили (тематика која повлекува пак друг проблем поврзан со евтиниот увоз на неквалитетни возила од странство), а делумно поради нерегулираниот сообраќај во центарот на градот. Во секој случај, проблемот се провлекуваше неколку години наназад, без притоа да се преземат било какви мерки за решавање на истиот.
Истите тие мерки се лесни за евидентирање: итно градење на барем една или две катни гаражи, кои би го олесниле проблемот со недостатокот од паркинг простор во градот; воспоставување на зонско паркирање на одредени улици во градот каде проблемот е најголем и слично. Изминатиот месец, жителите на Велес се сведоци на неколку нови сообраќајни решенија воведени од актуелната власт, кои имаат за цел да го намалат густиот сообраќај во градот.
Иако делумно ефективни, овие решенија следствено повлекуваат други проблеми, токму поради фактот што проблемот со изнаоѓање на дополнителен паркинг простор во форма на катни гаражи или дополнителни паркинзи сѐ уште не е решен. Како резултат на тоа, оние споредни улици на кои и досега имаше паркирано голем број на автомобили, сега се уште поблокирани поради мерките според кои на неколку централни улици во градот повеќе не е дозволено да се паркираат автомобили.
Ваквата состојба е неодржлива на долг рок и мора да се преземат одредени мерки за истата да се коригира. Некои од мерките кои што можат да се воведат се следни: Итна изградба на барем една катна гаража која би го олеснила проблемот со паркинг простор, воведување на данок на второ и секое наредно возило, поставување на станици за велосипеди или електрични тротинети на повеќе места во градот каде што жителите ќе можат истите да ги паркираат и да ги заклучуваат своите превозни средства.
Во секој случај потребна е една добра анализа за ефектите од било какви новововедени мерки, а не само ефтини предизборни маркетиншки трикови кои служат за купување на гласови во очи на престојните парламентарни избори. Во спротивно, доколку се продолжи со досегашните политики на локалната самоуправа, ќе продолжи и досегашниот густ сообраќај, со таа разлика што истиот само ќе се пренасочи од центарот кон споредните улици во градот.