Локално

Анонимно писмо- Начинот на кои се избираат идни судии и обвинители

Заради гаранција на дискретноста, редакцијата не го објавува изворот на долунаведеното писмо.

Почитувани,

         Сакам да Ве известам и воедно да Ве поттикнам да истражувате за една состојба во правосудниот систем кој се случува во моментов во врска со тековниот оглас на Академијата за судии и јавни обвинители и начинот на кој се настојува да се обезбеди кадар за идни судии и јавни обвинители.

         Најпрво ќе Ве упатам хронолошки во настаните со цел да добиете појасна слика на целата приказна. Во текот на месец мај 2019 година беше објавен оглас за прием на 60 слушатели на Академијата. Тоа е најголема бројка за која бил објавен оглас, бидејќи досега во една генерација имаше примено најмногу 37 кандидати. Овој оглас е објавен дури 3 години од последниот што беше објавен под други услови и се однесуваше на скратена обука за стручните соработници во судовите и обвинителствата и адвокатите. Да потсетам дека тој оглас беше поништен поради 40-ина фалсификувани сертификати за англиски јазик, за кои беше поведена кривична постапка, за која ОЈО Скопје до ден денес нема разрешница.

         На огласот за 60 слушатели аплицираа рекорден број кандидати, односно околу 650, а тоа се должи пред се на фактот што после законските измени, се допушти за судија или јавен обвинител да може да се конкурира само со 2 год работно искуство после правосуден испит, без оглед каде  е стекнато тоа искуство, без просек 8 во текот на студиите, како што беше претходно, без магистерски студии и без меѓународен сертификат за познавање на странски јазик, како што тоа се бараше на сите претходни огласи.

         Крајот на месец август се полагаше тестот по странски јазик, а потоа квалификацискиот тест. На тестот по англиски јазик само мал број на кандидати испаднаа од конкуренција, а околку полагањето на квалификацискиот тест имаше повеќе проблематични прашања. Најпрво, во временската динамика за спроведување на приемниот испит, што ја објави Академијата, како датум за спроведување на квалификацискиот испит беа дадени 11-12 септември 2019 година, но одреден број кандидати беа ставени на распоред на 10.09.2019 година, со што во старт тие кандидати беа оштетени. Потоа, базата на прашања не беше прочистена, иако судии и јавни обвинители кои ги подготвувале прашањата имаа задача тоа да го сторат и секако за тоа земаат добри хонорари. Во програмата за полагање кандидатите се упатуваат да ги следат сите законски измени, а во самите прашања имаше повеќе недоследности, па прашањата беа поставени по закони што веќе не важат и со тоа кандидатите на самото полагање беа доведени во заблуда. Тоа значи дека оние што се платени да ја извршат таа работа, не одговориле совесно и одговорно на задачата, но сепак земале хонорар за тоа. Освен тоа, во Законот точно е пропишано колку прашања треба да содржи испитот од секоја поединечна област и тоа: 20 од областа на кривичното право, 20 од областа на граѓанското право, 15 од областа на меѓународното право, 15 од областа на Правото на ЕУ, 10 од областа на трговското право, 10 од областа на уставното право и 10 од областа на управното право (чл.70 ст.1 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители). Фактичката состојба беше поинаква, бидејќи на многу кандидати не им беа доделени прашања во пропишаниот сооднос, туку многу повеќе од една област, а воопшто или многу помалку од законски пропишаното од друга област.

         Против резултатот од квалификацискиот тест кандидатот има право на приговор до Комисијата за полагање приемен испит, а против одлуката по приговорот има право на жалба до Управниот одбор на Академијата. Многу кандидати ги искористија овие правни лекови, но за сите различно се одлучуваше, па така на некои воопшто не им беа уважувани приговори, а на други има беа додавани и по 3 или 4 бодови. Приговорите по однос на бројот на прашања по одделни области, како што претходно е опишано, беа одбиени со образложение дека пропишаниот број прашања во Законот бил само ориентациона рамка, како и дека самиот софтвер го определува соодносот на прашања иако софтверот работи по инструкции на човечки фактор. Ова е најнебулозното објаснување што може да го даде еден правник, особено правник од висок профил како што треба да бидат судиите и обвинителите кои членуваат во Комисијата и Управниот одбор, а кои одлучуваа по ова прашање.

Медиумите веќе информираа дека од страна на високи државни функционери бил злоупотребен софтверот кој се користел од страна на Академијата за спроведување на квалификацискиот тест, но и покрај тоа од страна на надлежните институции не беа преземени никакви мерки со цел да се испитаат овие наводи.

         Потоа следуваа психолошкиот тест и тестот за интегритет, кои се полагаа во просториите на Филозофскиот факултет, за разлика од претходните два теста што се полагаа на Правниот факултет. Во Законот за Академијата за судии и јавни обвинители многу малку се регулирани овие два теста, но подетално се регулирани во чл.18 од Правилникот за полагање на приемен испит, при што, во ст.3 од тој член е пропишано дека овие тестови ги изготвуваат и спроведуваат стручни лица кои ги ангажира Академијата од независна и целосно акредитирана професионална институција определена со одлука на Управниот одбор на Академијата согласно Законот за јавни набавки.

         Постојат сознанија дека единствена акредитирана институција за спроведување ваков вид тестови е Институтот за социолошки и политичко-правни испитувања, кој всушност ги спроведувал овие два теста за претходните генерации кандидати. Меѓутоа, оваа година, тие тестови ги спроведуваше Филозофскиот факултет кој ја нема потребната акредитација како што е пропишано во закон,  со оглед да тестовите не се стандардизирани согласно психолошката наука. Во однос на тоа дека Институтот за социолошки и политичко правни истражувања е единствена институција која е акредитирана за спроведување на овој вид тестови на дирекорката на академијата Наташа Габер Дамјановска не можело да и остане непознато,бидејќи и самата таа доаѓа од тој Институт каде предавала долго време, а ја извршувала и функцијата директор пред да биде избрана за директоотрр на Академијата за судии и јавни обвинители.

         Треба да се потенцира дека симптоматичен е фактот дека голем број кандидати кои освоија високи поени на квалификацискиот испит, кои им даваа потенцијална можност да се запишат на Академијата, не ги положија токму овие тестови кои се спроведени на незаконски начин од страна на неакредитирана институција. Каков кадар за судии и јавни обвинители ќе произведе Академијата ако и самата таа приемниот испит го спроведува на незаконит начин???

         Посебно треба да се потенцира небулозата дека против резултатите од психолошкиот тест и тестот за интегритет не е дозволен никаков приговор, за разлика од квалификацискиот тест и практичниот и усниот дел од испитот каде на незадоволните кандидати им се дозволени право на приговоор, право на жалба и право на поведување на управен спор.

         Кандидатите кои ги положија овие два теста продолжија со полагање на практичниот и усниот дел од испитот, а во моментов е во тек постапката по приговори и жалби на резултатите од тие испити, во кои исто така имаше многу спорни прашање кои се базираат на судска пракса, а не на конкретни законски одредби, па кандидатите беа доведени во заблуда при одговарањето.

         И тогаш одекна една вест.  Директорката на Академијата побарала да биде ставена точка на дневен ред на седница на Управниот одбор за проширување на бројот на слушатели од оние 60 за кои претходно е донесена одлука. Откако тоа не било прифатено на Управен одбор, а со цел по секоја цена да се исполни намерата, се издејствува оваа незаконитост да се озакони со поддршка на власта ,  така што ќе биде предложен амандман на новиот закон за Академијата за судии и јавни обвинители, кој е во собраниска процедура. Она што на почетокот беше само шпекулација, за брзо време стана вистина откако амандманот предложен од пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева беше усвоен на комисија, па така во преодните и завршни одредби од новиот предлог-закон додаден е ст.3 на чл.72, кој гласи:

(3) Управниот одбор на Академијата со одлука може да го зголеми бројот на слушатели на новата генерација на почетна обука од 2019 година, согласно одлуките на Советот на јавни обвинители и Судскиот совет на Република Северна Македонија, доколку на приемниот испит се јавиле доволен број на кандидати со висок процент на освоени бодови.

Се поставува прашањето според кои критериуми Академијата ќе одлучи колкав процент ќе се смета за висок??? Зошто оваа одредба се однесува само на конкурсот објавен во 2019 година, кое нешто укажува дека истата се донесува само за да се реализира намерата на власта за влез на определи кандидати на објавениот оглас.

         Ваква небулоза и озаконување на криминал ниту се видело, ниту ќе биде видено. Како е можно да се зголемува бројка на веќе распишан оглас по стар закон, со нов закон кој ќе важи ретроактивно и тоа само за генерацијата од 2019 година? Какво е тоа законско решение кое се донесува во тек на  спроведување на оглас? Каде е тука правната сигурност? Голем број кандидати се откажаа од полагање после квалификацискиот испит сметајќи дека не освоиле доволен број поени кои им обезбедуваат место за упис во таа бројка од 60 кандидати , имајќи во предвид дека на квалификацискиот тест голем број на кандидати освоија над 90 поени.  Доколку се знаеше дека огласот ќе биде за 120 кандидати тогаш дефинитивно тие би продолжиле да полагаат до крај. Освен тоа, Академијата во сите години наназад запишуваше многу мал број на кандидати иако имаше реална потреба од кадар, со образложение дека нема капацитети за спроведување обука на поголем број кандидати. За овој оглас не е променето ама баш ништо во поглед на капацитетите со кои располага Академијата, ниту во поглед на материјални, просторни или човечки ресурси. За појаснување, во Академијата има две предавални,едната со 35 столчиња и другата со 25 столчиња, што значи толку е максималниот просторен капацитет. Покрај тоа, секој слушател на обука треба да има ментор, а за да биде ментор еден судија и јавен обвинител треба да има најмалку осум години судски или јавнообвинителски стаж, континуирано, па оттука во ситуација кога во сите судови и обвинителства има недостаток на судии и јавни обвинители, но и такви што имаат судски или јавнообвинителски стаж од помалку од осум години, како би се спроведувала обуката? Зарем еден судија или јавен обвинител би бил ментор на 3-4 кандидати? Досега тие едвај постигнуваа да менторираат по еден кандидат со оглед на обемот на работа на еден судија или јавен обвинител, а не на повеќе од еден кандидат. Да не спомнуваме пак за просторните капацитети на судовите и обвинителствата каде во секоја канцеларија едвај има по едно биро, стол и компјутер да работи судијата, па уште и 3-4 кандидати навистина не е јасно каде би се сместиле, а уште помалку каде и на кој начин би работеле со цел да ја научат судиската и обвинителската работа.

         Целата оваа приказна за зголемување на бројот на слушатели одекна на крајот на месец ноември, откако политичките партии веќе се договорија да има избори во месец април 2020 година, па оттука сето тоа фрли огромен сомнеж дека станува збор за предизборен пазар, дека ова е тенденциозна одлука, која доколку успее да се спроведе нема да донесе ништо добро, а најмалку квалитетен судски и јавнообвинителски кадар, туку ќе продолжи праксата на партизирање на судството.

         Симтоматично е што сегашната власт даваше ветување за големи реформи во правосудниот систем, а всушност со ваквата безидејност и зголемување на бројот на кандидати за Академијата на завршен приемен испит во предизборен период, фрла голем сомнеж на сите тие наводни заложби за борба со корупцијата, непотизмот, криминалот. Проверете само колку деца на судии и јавни обвинители се меѓу тие што ќе се запишат на Академијата? Со ваквото незаконско и неуставно проширување на бројот на слушатели, би се пополниле празните судиски и јавнообвинителски места со неквалитетен кадар кој освоил многу помалку поени од конкуренцијата, а на останатите кои во иднина ќе ги исполнуваат условите за упис на Академијата им се ограничува правото да конкурираат. Впрочем основна дејност на Академијата е да продуцира квалитетен кадар преку спроведување на редовни конкурси, но таа обука за да биде квалитетна треба да биде и соодветна на капацитетите на Академијата.

Доколку оваа власт беше искрена во намерите за реформи во правосудството тогаш можеше да го искористи старото законско решение кое овозможуваше стручните соработници од судовите и обвинителствата како готов и обучен кадар, од кои дел имаат практично  работно искуство и над 10 години во овие институции, да поминат скратена обука. Ваквото решение не беше реализирано од причина што дел од кандидатите поднесоа фалсификувани сертификати за познавање на англиски јазик и истите тие кандидати , иако и се познати на Академијата имаа право да конкурираат на огласот во 2019 година и истите тие го положија тестот за интегритет и постои можност да бидат примени како слушатели на почетната обука. Фактот што токму тие кандидати го положиле тестот за интегритет покажува дека овие тестови не се стандардизирани, не се квалитетни и не ја отсликуваат реалната состојба во поглед на подобноста на кандидатот за вршење на функцијата. Дел од тие лица се ќерки и синови на високи државни функционери, можеби тоа е причина зашто кривичната постапка и по поминати повеќе од три години нема епилог. Посебно интересно е дека иако беше започната кривична постапка против овие лица за кривично дело фалсификување исправа, сепак дел од нив продолжија да работат како стручни соработници во судовите и обвинителствата иако во секоја нормална правна држава во најмала рака овие лица ќе беа суспендирани од работа. Да биде иронијата уште поголема овие лица секојдневно испитуваат странки и поднесуваат обвиненија за кривично дело фалсификување исправа за кое и самите тие се осомничени.