Македонското образование на дното – Заев ветува поголем буџет за НАТО

Во најновата студија спроведена од страна на ОЕЦД во рамките на ПИСА (Програма за меѓународно оценување на студентите) програмата учениците од Македонија се најдоа на дното на ранг листата.

Од вкупно 72 држави кои беа дел од оваа студија, Македонија се најде на 62 позиција и тоа зад Брунеј, Јордан, Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина. Утехата засега можеме да ја гледаме само во Косово чиј скор беше за 40 поени помалку во споредба со Македонија. Ова значи дека учениците на 15 годишна возраст од Македонија во однос на читање, математика и наука се подобри само од Азербејџан, Казахстан, Грузија, Панама, Индонезија, Мароко, Либан, Косово, Домениканска Република и Филипините.

Иако ова е доказ за катастрофалната состојба во која се наоѓа образовниот систем кој системски се уништува со години преку партизацијата, штетните реформи, мали инвестиции и неадекватните методи и наставни техники, министерот за образование Арбер Адеми ова рангирање го оцени како “значителен показател дека сме на прав пат”.

Истовремено, премиерот Зоран Заев во рамките на НАТО самитот во Лондон како Никола Димитров претходно, ја потврди посветеноста за зголемување на воениот буџет на 2% од БДП до 2024 година.

Зголемувањето на финансиите кои ќе се одвојат за одбрана е забележително уште во буџетот за следната година.  Така во 2020 година на расходната ставка за одбрана се предвидени нешто над 147 милиони евра од кои 32 милиони за странска воена помош. Само за илустрација, за основно и средно образование предвидени се средства во висина од 124 милиони евра додека за намалување на загадувањето само 3,7 милиони евра.