АктуелноЛокалноСтав

Лажна вест – е борбата против лажните вести

Кулминацијата на креативноста во формалното креирање на јавното мислење е достигната, се нарекува ,,фејк њуз’’. Совршено добра измислица на ,,западната демократија’’ која служи на политичкиот естаблишмент за одржување на сопственото господарување.

Александар Симонов
студент по меѓународни односи на Санкт-Петербургски Државен Универзитет

Појавувањето на нови медиуми, критикувачи на наметнатите западни вредности, развојот на финансиски силни внатредржавни структури со способност за креирање на јавно мислење и учествување во борбата за власт, како и олеснетото создавање и пристап до информации заради технолошкиот развој, се сериозен удар врз доминацијата на западната пропаганда. Од тука се појавува и потребата за развивање на инструменти во борбата со ваквата појава. Несомнено е дека идејата е целосен западен продукт веројатно  создаден во некој од неформалните затворени кругови на нивните елити.

Билдербершкиот клуб е совршен пример – неофицијална годишна конференција создадена после Втората светска војна од затворен тип. Учесник на нивниот собир може да се биде само доколку сте лично поканет од нивна страна, а учесници се влијателни личности, политичари, претставници на најголемите банкарски и  бизнис елити и секако претставници од областа на медиуми и комуникација. На секоја нивна средба има претставници на водечките западни медиумски куќи, но никогаш никој од нив не известувал за тоа што се случува зад затворените врати. Едноставно, целта на овој клуб е максимализирање на влијанието кое го имаат западните ,,либерални идеи” во светот, a претставниците на медиумските куќи се дел од сложувалката во оваа игра.

Претпоставувам дека некој од ваквите неформални клубови кои се занимаваат со проблемите за глобално управување и демократизација, ги создаваат и разработуваат ваквите идеи.

Зошто денес е потребен инструментот ,,фејк њуз’’? – Разликите од изборната кампања до практичното владеење се повеќе од евидентни, политиките кои ги водат им се спротивни и на сопствените вредности, а дел од одлуките парадоксални. Заради ова западниот естаблишмент наидува на постојани критики кои го нарушуваат нивниот углед во јавниот дискурс, влијаејќи на нивната политичка (функционална) стабилност. Единствен начин за себе-одржување во политичкиот врв останува борбата за поддршка од јавниот дискурс. Ова подразбира загушување на критичкото мислење, во случај на невозможност тоа да се случи се додава етикетата ,,фејк њуз’’ како последен инструмент и целосно отфрлање на дадена теза.

Она што не смееме да го заборавиме е дека во историјата речиси да не постои револуционерна идеја која не е отфрлана и осудувана, а елитата во секое општество настојува на непроменливост и е задушувач на секое револуционерно движење. Денес, демократијата која е претставена како поинаква идеологија која ќе претставува  арена за борба на вакви идеи подобрувачи на општеството, развива свои инструменти погасувачи на било какво движење.

Борбата со ,,фејк њуз’’ е само една од многубројните алатки уништувачи на идеи, размислувања, критики, информации, кои не одат во корист на дадената политичка (владеечка) елита. Тоа го потврдува фактот дека поседувач на ексклузиното право да се биде ,,полицаец” прогласувач и уништувач на ваквите информации го имаат владејачките структури. Заради ова сметам дека ,,борбата против лажните вести е лажна вест’’.

Доколку се осврнеме кон нашето општество, овој феномен не само што е прифатен и претставен на голема врата, туку и си разви свои аномалии. Нема потреба да си било каков експерт или познавач од оваа област за да ти биде јасна сликата околу поделеноста во блокови не само во медиумскиот простор, туку и на секое поле каде постои можност за пренесување на информации. Вулгаризацијата достигната на социјалните мрежи во давање и демантирање на информации е претворена во лудост. На ова нема да се задржувам.

Мислата ми е за аномалиите кој ни се развија – ,,фејк њуз’’ кај нас  си има свои ,,светии и маченици’’. Негови првични извори се штабовите на ,,владеечката трилатерала’’, медиумските апологети второстепени, нивните портали третостепени, ,,сатирата’’ на социјалните мрежи од четврт степен. Сите со своја клиентела. Паралелен систем е алузијата создавана од  ,,независните’’, финансирани од некои западни, многу често НВО – извори, претставени како демократски стимулатори, во улога на национални просветители со експертски дигнитет.

Маркантна е улогата на аномалијата наречена ,,ќе’’ – ми се чини дека речиси не постојат соопштенија на естаблишментот во кои изостанува честичката ,,ќе’’. Системот е до толку нефункционален, што целото негово дејствување е сведено на ниво наречено ,,ќе’’. Се плашам дека во иднина честичката ,,ќе’’ во нашиот јазик може целосно да го измени своето моментално значење, станувајки симбол за лага, за нешто што никогаш нема да се случи, симбол за ,,фејк њуз’’.

Аномалија чие забележување е неизбежно (а постоење несомнено) се изборните програми. Тие слободно можат да се оценат како круна на ,,фејк’’ информациите. Резултатите се евидентни, некако ни се вртат во круг, повторно и повторно, одржувајки ,,фејк’’ политички фигури на власт константно. Моменталната е посебен случај, повеќе од три години не престанува секојдневно да блеска. ,,Фејк’’  имиња, ,,фејк’’ знамиња, ,,фејк’’ химни ,,фејк’’ закони и уште што не успеаја да направат ,,фејк’’. Па дури успеаја да остварат контакти со ,,фејк’’ претседатели. После секој нивен ,,фејк њуз’’ следува PR обработката, експретска анализа, групи астролози, толкувачи, или гатачи, кои нѐ уверуваат во нивната исправност.

Парламентарни избори имаме оваа пролет, белким нема уште еднаш ,,фејк’’  политичари да избереме.