АктуелноЛокално

Инспекторот Илиевски: Заев и Спасовски диригираат мобинг врз мене

„Денес имав закажана средба во Германската амбасада со луѓето кои што го третираат образованието, културата и другите прашања, беа заинтересирани за она што се случува, а посебно за незаконското унапредување на функционерите како што е министерот за образование и заменикот министер, како и за активностите кои се преземаат против мене во врска со деградирањето на мојата функција од виш инспектор на државен просветен инспектор и повеќе не можам да бидам во високото образование, туку во основното и средно образование”, ова денеска пред германската амбасада каде имаше средба со повеќе лица го изјави инспекторот Ѓорѓи Илиевски.

„Ова е деградирање на правото, незаконитоста, на надлежните им ги објаснив целокупните состојби во високото образование дека има доста аномалии и треба да се работи на планот на образованието. Истакнав дека за жал длабоко е влезена политиката во образованието и овие состојби кои што ми се случуваат мене е резултат на инволвираноста на високи функционери во владата, почнувајќи од Зоран Заев и Оливер Спасовски кои и тоа како се инволвирани во овие скандали. За да се надминат сите овие работи јас ги запознав во амбасадата дека ние како држава за жал наместо да тежнееме да одиме кон европскиот пат,ние се плеткаме во некои племенски активности кои се недостојни за нашата држава”, вели Илиевски.

Тој додава дека сѐ уште продолжуваат со мобинг, малтретирање и омаловажување врз него.

„Јас повторно испратив до Народниот правобранител, Трудовата инспекција, до Управниот инспекторат и Државната комисија за корупција, морам да кажам дека повеќе од три месеци Антикорупција до сега нема преземено ништо. Откако се вратив на одмор не ми даваат ниту работни задачи и ми ги одземаат предметите, мобингот е невиден”, потенцира тој и додава дека ова сето доаѓа од премиерот Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој е до роднинска врска со директорот на Државниот просветен инспекторат Томе Спировски.

Инаку просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, неодамна откри незаконски професорски звања на двајца министри од ДУИ, за што беше и деградиран од директорот на просветниот инспекторат.