Ричард Волф за социјализмот
Ричард Дејвид Волф е американски маркистички економист кој моментално предава на Универзитетот во Масачусетс и е ангажиран како визитинг-професор на програмата за постдипломски студии за меѓународни работи на Универзитетот „New School University” во Њујорк. Списанието „Њујорк Тајмс“ го има прогласено за „Најистакнатиот марксистички економист во Америка“. Покрај неколку книги кои ги има објавено, а се однесуваат на марксизмот и економијата, тој исто така го води и каналот „Economic Update”.
Во најновото интервју со Аби Мартин, водителка на документарниот канал „Empire Files”, Волф разговара за растечката популарност на социјализмот под владата на Трамп и неговите историски корени во Америка, заблудите за економскиот „неуспех“ на Русија и Кина, теоријата на Маркс за отуѓувањето и монополистичкиот капитализам. Неговите ставови, особено во делот на надворешната политика, драстично се разликуваат од позициите на предводниците на американската левица, како што се Берни Сандерс и Александрија Окасио-Кортез.
Во ова видео Волф објаснува за обвинувањата дека тој е уште еден „апологет на СССР”, за што тој дополнува дека претставува базично незнаење да се спори економскиот успех на СССР, како и на Народна Република Кина. Тој дополнува дека „иако има простор да се критикуваат други прашања, факт е дека Русија во 1917 година била најсиромашната држава во Европа, исто како што и Кина била еден од најсиромашните делови во светот во 1949 година“. После револуцииите во овие земји, тој дополнува, главниот приоритет бил ставен на големата сиромаштија.
„СССР од најзаостанатата земја во Европа во 1917 до 1975 година кога достигнаа зрела економија, тие станаа втората најсилна држава во светот, веднаш позади САД. Тоа е неверојатно достигнување, ако се има предвид дека во тој период морале да се соочат и со две светски војни. Истото може да се каже и за Кина. Во последните 25 години кинеската економија од најсиромашна и најзаостаната се трансформира во втората најсилна економија после САД, при што засилено ѝ се приближува. Просечниот годишен раст на производство во последните 25 години во Кина е околу 10 проценти, додека просечниот годишен раст на производството во САД во последните 25 години е 3 проценти”.
На прашањето за изјавите на Трамп дека Америка никогаш нема да биде социјалистичка земја, Волф одговара дека „секој лидер кој бил последниот лидер на секоја земја пред да стане социјалистичка, ја има кажано токму истата реченица”.
„Тоа што ќе го врати социјализмот на агендата на американското општество, како што веќе се враќа, се околностите кои се менуваат. Господин Трамп има многу малку влијание врз нив, тој е повеќе нивна креација, отколку што е нивен креатор. Малку историја може да помогне овие работи да се разберат подобро. Пред 100 години, 1916 година да бидам попрецизен, Социјалистичката партија на Америка излезе со свој кандидат за претседател. Неговото име беше Ален Бенсон. Тој тогаш освои 600 000 гласови, кога ние бевме многу помала земја, или 3 проценти од гласачкото тело.
После четири години, 1920 година, тие имаа друг кандидат: Јуџин Виктор Дебс. Претседател на Синдикатот на работниците во железниците и многу добар оратор. Тој помина подобро и освои 900 000 гласови, што е зголемување од 50 проценти за 4 години. Четири години подоцна, уште еден социјалист се кандидира, во 1924 година, но тој го смени името на партијата, затоа што тогаш веќе стравот од социјализмот беше воспоставен, што беше пропратено и со апсења на комунисти и социјалисти. Луѓето беа уплашени, па го променија името. Не се нарекуваа повеќе Социјалистичка партија, туку Прогресивна партија и Роберт Ла Фолет, познат политичар од Висконсин, се кандидираше за претседател како прогресивец, но очигледно дека беше социјалист како и другите. Тој доби 5 милиони гласови, што е 17 проценти од гласачкото тело таа година. Тоа беше шок за американската бизнис-заедница, кога сфатија дека не само што има социјалистичко движење во Америка, туку дека истото движење расте брзо.
И тогаш дојде репресијата чии резултати сѐ уште ги живееме, буквално цел век од демонизирање на социјалистите, демонизирање на радикалите, кои беа презентирани или како страни идеи за Америка, или како лудаци кои фрлаат бомби. И мора да сфатиме дека ние, социјалистите од оваа ера, излегуваме од еден вид хибернација, наметната над нас од зимата наречена репресија, која произлегува од нашиот успех пред сто години. Тоа е Америка за која зборувам јас, каде интересот и поддршката за социјализмот се има веќе докажано. И ние го правиме повторно тоа, но сега не во околности каде капитализмот е во нагорна линија, како што беше тогаш – туку кога капитализмот е во неговото опаѓање.”
Во продолжение е целото интервју на Ричард Волф со Аби Мартин.