Левица: Двете лица на правната држава!
Соопштение на политичката партија Левица.
Комплетното рушење на проектот „СЈО” креиран од меѓународната заедница и политичките елити СДСМ и ДПМНЕ, јасно демонстрира дека во актуелниот контекст институциите постојат само за да ги штитат богатите, без разлика на нивната партиска обоеност. Пазарното општество неминовно води до пазарно судство. Не е важно кој е во право и кој е оштетен, а кој ја злоупотребил својата моќ – важно е само каков грб имаш. А во пазарно општество, посилен грб од капиталот – нема. Правната држава, три децениии мртва, комплетно ја закопаа под земја, а таа со себе надолу ги влече само неимотните и сиромашните.
За релативизаторите скапо платени на функционерски позиции, вработени во про-владини медиуми, во “невладини” организации финансирани од влада или директно во социјал-демократското „министерство на вистината“, чие модус операнди е потсетување на криминалот на ДПМНЕ, едно кратко потсетување – гладни луѓе лежат затвор за украдени ќебапи! Неимотни лежат затвор за конзумирање марихуана! Господа, не релативизирајте ги делата на Тредичи, Јанева и компанија со криминалот на Камчев. Релативизирајте ги делата на оние кутри и јадни души чиј единствен криминал е да се дрзнат да си го нахранат семејството. Потсетете нѐ, ако тоа ви се исплати на вашите позиции, дека ако за ќебапи се лежи затвор, треба и Јанева да лежи, заедно со Тредичи, Камчев и сите останати по ред!
Државата и судството функционираат ЕКСПРЕСНО кога треба да се казнат делата на сиромашните. Успешно ги регулираат споровите и помеѓу олигархијата, елитата и политичката каста. Но, кога треба да се казнат кражбите на елитите од сиротиот народ, тогаш државата не само што не застанува во одбрана на угнетените, туку и ги помага угнетувачите и нивната волја ја преточува во неправедни закони кои комплетно ја легализираат оваа кражба и го потчинуваат работникот. Ама не ги плаќаат нашите драги релативизатори ова да го кажат.
Не само што целосно е уништена довербата на народот кон институциите на државата – туку истите тие институции се претворија во неподнослив терет на самиот народ! Државата е неправедна, таа нема ниту легитимитет, а ниту образ веќе да ги регулира односите помеѓу народот – таа е претворена во инструмент во рацете на имотните за репресија кон безимотните. Не може да има правна, а уште помалку праведна држава, додека нема народна власт. Ниту Камчев, ниту Јанева, ниту Тредичи нема да бидат казнети додека власта ја држат во раце луѓе од нивните кругови. Тие „ќе си лежат“ само ако работниот народ им суди, а не ако аболицирани криминалци ја користат власта за да аболицираат други криминалци.
Затоа, оваа ненародна власт мора да падне! СДСМ, ДУИ и ДПМНЕ мораат да заминат во аналите на историјата, а работниот народ да се осигура дека сите услови за постоење на ваква багра угнетувачи и криминалци бидат искоренети.
Промена, а не замена!