Инспекторот Илиевски: И премиерот ги штити функционерите од ДУИ

Нема ништо спорно во напредувањето на тројцата функционери на ДУИ на тетовскиот универзитет, му пишал во СМС порака лично премиерот Зоран Заев на тетовскиот инспектор Ѓорги Илиевски. Во неа премиерот го убедува инспекторот дека согласно новиот Закон за високо образование донесен минатата година, Адеми, Нухиу и Емрули законски биле унапредени со повисоки наставно научни звања додека извршувале државна функција. Сепак, Илиевски го потсети премиерот дека тројцата функционери на ДУИ напредувале во 2016 година – што било спротивно и на Уставот и на тогашниот Закон. Тој го обвини Заев дека влијаел врз одлуката на второстепената комисија.

Второстепената комисија за одлучување од областа на инспекцискиот надзор, којшто го прави правобранител од Струмица, Мирјана Панајотова назначена од Собранието со влијание на премиерот Зоран Заев како и Ѓорѓи Чукарски дипломиран правник исто така од Струмица. Ваквиот чин на вмешување на премиерот е доказ за немање на правни институции, а овие комисии се партиски тела на СДСМ и на ДУИ“, вели инспекторот Илиевски.

Илиевски документите за неправилностите извршени при второстепениот надзор ги достави во Комисијата за спречување на корупција. Вели, сите наоди што ги поседува ќе ги однесе и кај странските амбасади.

„И тоа ЕУ, француската, американската и холандската амбасада, но и во амбасадата на Данска. Бидејќи политичарите многу сакаат да одат во Данска за да кажат колку ние имаме реформи во правосудството, но испаѓа дека политиката е длабоко влезена во работите“, вели Илиевски.

Од Антикорупциска, пак, велат дека случајот кој беше отворен по пријавата на инспекторот Илиевски е при крај. „Во изминатиот период собиравме и други податоци за да се комплетира предметот, а наскоро ќе биде закажана и Седница на комисијата за овој случај“, вели за Алфа претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска.

Поради обелоденувањето дека тројца функционери на ДУИ противзаконски се стекнале со повисоки наставно – научни звања, Илиевски беше казнет од Државниот просветен инспекторат и прераспределен на пониска работна позиција. Случајот се однесуваше на министерот за образование Арбр Адеми, заменикот министер за внатрешни Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули.