АктуелноБиблиотекаИнтернационалноПревод

Среќен роденден Фидел Кастро!

Тие зборуваат за неуспехот на социјализмот, но каде е успехот на капитализмот во Африка, Азија и Латинска Америка?


На денешен ден во 1926 година роден е еден од најголемите социјалистички револуционери во Латинска Америка, Фидел Кастро. Фидел Алејандро Кастро Руз успеа да ја трансформира Куба во првата комунистичка држава во западната хемисфера со што стана симбол на комунистичката револуција во Латинска Америка. Во чест на овој голем државник го пренесуваме  неговиот говор одржан на 1 јуни 2002 година во знак на протест против блокадите, заканите и клеветите од тогашниот американски претседател Џорџ Буш. 


Драги сонародници од Олгин,Гранма, Лас Тунас и од цела Куба. На дваесетти мај, денот на еден понижувачки спектакл за публиката во Мајами, беше иронично да се слуша господинот Буш како енергично зборува за независноста и слободата- но не за Порторико, туку за Куба – како и за демократијата- но не за Флорида, туку за Куба. Господинот Буш посебно се осврна врз одбраната на приватната сопственост како таа да не постои во Куба. Сфатив дека годините минуваат. Колку далеку се оние времиња кога еден човек со топол глас и со убедливи зборови во инвалидска количка, зборуваше од местото претседател на САД и влеваше почит: тоа беше Франклин Делано Рузвелт. Не се однесуваше фалбаџиски или безобразно; ниту САД во тоа време беше хегемонска супер сила, како што е денес. Етиопија беше окупирана. Во Шпанија изби крвава граѓанска војна, Кина беше нападната, додека наци-фашистичката опасност му се закануваше на светот. Рузвелт, по мое мислење вистински државник, се бореше сопствената земја да ја извлече од опасната изолација.

Во тоа време бев ученик во шесто или седмо одделение. Имав 12 или 13 години. Роден сум во село без електрична струја, до каде можеше да дојде само коњ, по калливи патишта. Во текот на годината времето го минував во еден ригиден сегрегационистички интернат во Сантиаго де Куба (читај полов апартхејд), каде момчињата беа бескрајно оддалечени од девојчињата во одвоени училишта кои ги делеше цела светлосна година – а потоа, заминував на кратки летни распусти: најдолгиот го минував во Биран. Ние, кои бевме привилегирани, имавме чевли и имавме што да облечеме и да јадеме. Бевме опкружени со голема сиромаштија. Не знам колку е голем имотот на господинот Буш, но се сеќавам дека татко ми имаше повеќе од десет илјади хектари земја, што речиси не претставуваше ништо. Другите огромни пространства (кои изнесуваа 110 409 до 115 075 хектари) сопственост на „West Sugar Company” и „United Fruit Company” се наоѓаа околу нашиот семеен имот. 

Кога претседателот на САД ќе го најаваше својот говор, тоа беше исто како да го најавуваа самиот Господ Бог. Логично, бидејќи се што доаѓаше оттаму беше убаво, добро, корисно: почнувајќи од жилетот за бричење до локомотивата, од разгледницата со Статуата на слободата па се до каубојските филмови кои толку ги одушевуваат децата и возрасните. Освен тоа, “тоа е местото од каде што ни дојдоа независноста и слободата”. Така им зборуваа на десетици илјади земјоделски работници и на селаните без земја, на оние територии каде што тие во еден ден од годината добиваа работа да ја плеват и сечат шеќерната трска. Боси, лошо облечени и прегладнети, живееја под терор на селската жандармерија основана од надзорниците, а која беше опремена со Springfield пушки, со долги и тесни мачети, сомбреро-шешири и сo тексашки коњи, кои со својата импозантна појава ширеа страв кај нашите неухранети работници, co цел немилосрдно да се сузбие и најмалото навестување за некаков штрајк или протест. На тие огромни пространства од полиња со бараки, колиби од палмини лисја, во осиромашените села и фабриките за шеќер повремено ќе се најдеше некоја бедна училница со 200 до 300 деца, без книги, со оскуден школски материјал, а понекогаш и без учител. Само во кругот на големите фабрики имаше по еден или двајца лекари кои ги лекуваа главно семејствата на административците и повисоките службеници на странските компании за производство на шеќер. 

Од друга страна, се намножија некои чудно стручни лица, со не повеќе од три или четири класа основно образование – вистински мудреци меѓу неписмената толпа, често пријатели или повремени посетители на селските семејства- кои беа задолжени за изборите. Тие ќе ги извадеа гласачките ливчиња и ќе ги обврзеа гласачите. Тоа беа политички наредници. Селанецот не го продаваше својот глас, туку му помагаше на “својот пријател”. Оној кој  имаше повеќе пари и кој ангажираше повеќе политички наредници, сигурно ќе станеше (освен исклучоците) победнички кандидат за законодавните позиции во државата или за други функции – било општински, било провинциски. Кога на некои од тие избори ќе се одлучуваше за смена на претседателот (а никогаш за смена и на политичкиот и општествениот систем, што беше незамисливо) и кога ќе дојдеше до судир на интереси, тогаш селската жандармерија одлучуваше за раководството. Најголемиот дел од населението беше неписмено или полуписмено: зависеше од бедното работно место кое го имаше газдата или некој политички функционер. За народот немаше никаква друга опција, со оглед на тоа што тие не поседуваа ниту основно неопходно знаење за да можат да одлучуваат за се посложените општествени и светски теми. 

За историјата на нашата татковина се знаеше единствено од легенди- усно пренесувани од татковците и дедовците- за некогашните херојски борби од колонијалното време: таквата работа се покажа како среќна околност. Меѓутоа, како народот можеше да разбере што всушност претставуваа традиционалните политички партии, управувани од олигархиите во служба на империјата? Кој тоа можеше да им го објасни? Како тоа би им се пренело? Брилијантниот и херојскиот напор на интелектуалците левичари кои постигнаа восхитувачки успех под тие услови, се судираше со непробојните ѕидови на новиот империјален систем и на повеќевековното искуство на владеачките класи со држење на народот во состојба на потчинетост, експлоатација, збунетост и поделеност. Единственото право на сопственост, кое го познаваше речиси целокупното население на Куба до 1959 година, беше правото на големите странски компании и на нивните сојузници – националните олигархии врз огромните земјишни поседи, природните богатства на земјата, големите фабрики, јавните служби од животно значење, банките, складиштата, пристаништата, приватните болници и школи кои ги даваа своите квалитетни услуги само на безначајното малцинство на привилигирано население. 

Судбината ми ја додели честа да се родам токму тука, на сегашната територија на оваа провинција, и иако тоа место е оддалечено од плоштадов 54 километри, спомените се многу поблиски, на само 10 милиметри или на 10 секунди во моето сеќавање. На тие огромни имоти на шеќерна трска можев да видам само десетици илјади селани без земја или поседници на парцели без тапија на кои јавачите на тексашките коњи постојано им се закануваа или ги протеруваа, а тие, во најдобар случај, мораа да плаќаат високи ренти. Во градовите гледав многу малку сопственици на станови меѓу оние кои живееја во нив, а станарите плаќаа мошне високи кирии. Немав видено болници и школи за обичниот народ и за неговите деца, немав видено многу лекари и наставници, само беда, неправда и очај. На кубанскиот народ му беше запленет и одземен целиот имот. Требаше да се скинат прангите. Требаше да се изведе длабока револуција. Требаше да бидеме подготвени да победиме или умреме. Тоа и го направивме. 

Социјалистичката револуција создаде повеќе сопственици отколку што капитализмот ги создаде на Куба во текот на вековите. Денес, стотици илјади селски имоти имаат сопственост над својата земја, а за тоа да не плаќаат дури ни данок. Другите стотици илјади имаат право бесплатно да уживаат во плодовите на земјата и да ја обработуваат индивидуално или колективно, сопственици се на машини, работилници, стока и на други добра. Но најважно е следното: Револуцијата, кубанскиот народ го претвори во сопственик на сопствената земја. Она што таа го искорени беше сопственост на основните средства за производство над финаниските установи и другите служби што имаат животно значење, а кои до тогаш беа во рацете на пљачкашите и експлоататорите на народот, на оние кои се богатеа врз потта на работниците, оние добра кои исклучиво ги користеа привилигираните и богатите, додека сиромашните и црнците немаа право на нив. Носталгијата по сопственоста која ја чувствува шефот на империјалната влада можеби би била надвладеана кога тој би видел дека сега, покрај селаните, милиони семејства во градовите станале сопственици на становите во кои живеат и за кои не плаќаат дури ни данок. 

Од историската потреба да ја надмине наследената неразвиеност, Куба соработува со странските компании во оние области на производството во кои што не би можела да учествува со сопствена технологија и со парични средства, но ниту една меѓународна финансиска институција, ниту странски приватен капитал не ја одредува нашата судбина. Покрај тоа ниеден цент не завршува во џебовите на Кастро и на неговите приврзаници. Ни еден повисок кубански револуционерен раководител нема ни долар во банка, ниту приватна девизна сметка на територијата на Куба или вон неа, или пак сметки на име на друг. Ниеден од нив не е подмитлив. Тоа мошне добро го знаат стотици странски фирми што работат на Куба. Ниеден од нив не е милионер, како што е господинот претседател на САД, чијашто месечна плата е речиси двојно поголема од годишните плати на сите членови на Државниот совет и на Министерскиот совет на Куба заедно. Ниеден од нив не би можел да се најде на долгата листа на многубројните неолиберални пријатели на господинот Буш во Латинска Америка, тие олимписки прваци во малверзација и грабеж. Малкумина од последниве не ги поткрадуваат јавните фондови и државните даноци, додека грото од нив го грабаат вишокот на вредност од сиромашните и изгладнетите и секоја година убиваат над стотици илјади латиноамерикански деца чии животи би можеле да бидат спасени; тоа е системот по кој господинот Буш копнее за да го ѝ наметне на Куба како модел.

Неговата навреда е незаслужена. Затоа, нека не се жали на нашите остри одговори. Престанувањето на експлоатацијата на човечките суштества и борбата за вистинска еднаквост и правда претставуваа и ќе претставуваат цел на една Револуција која никогаш нема да престане.