АктуелноЛокалноСтав

Зошто улица?

Првата забелешка што ми ја упатуваат во кратки црти се однесува на фајдето од споделување по социјалните мрежи? Каков аир имаме ние од петиции?

Фајдето, ако ништо повеќе, е зголемување на можноста повеќе луѓе да се информираат за одреден проблем (на пример, дека здравството ни функционира со телефонски донации, дур богаташите се лечат на приватно). Да посочиме дека  додека едни ги затвораат за 10 грама канабис или неколку корени, други прават грдни пари со своите бизниси од истата суровина, а воедно и владејат со државата.

Втората забелешка, онаа дефетистичката, е на сметка на апатијата на народот. Не е сега време за улица, народот е истрошен од улица!

Но ова го велат истите они кои порано го тераа народот да искочи на  улица за да падне од власт Никола Груевски, за што и си лапнаа парички од грантови од амбасади. Ама денес, паричките се даваат за да се шири апатија, дур ние, како некоја перверзија, се уште мора да живееме со влијанието на бегалецот присутно во разни форми. Забораваме дека во случајот со нашата киднапирана демократија, улица иако не единствен, е нужен чекор кон нејзино враќање во рацете на работниот народ.

Причини да излеземе на улица има многу. Пред се, тука е сервилноста на власта, која под Западна директива го негира сопствениот народ, историја и култура. Тука се и криминалците, кои паразитираат на секој режим и се штетници за колективот. Треба да се излезе и против полицијата, која не постои за да ги штити граѓаните, маргинализираните, насилниците према животните и животната средина, туку едниствено ја штитат приватната сопственост на моќниците и големите стопанственици, на странските инвестиции, разбиваат се што се заканува на профитот или на оние кои се на власт. Тие го штитат оној 1% богаташи и политичари, капиталисти и земјопоседници, од рацете на сиромашните и угнетените, и затоа никој освен тие 1% не ги сака. Треба да се изврши притисок Матка и охридско да се исчистат од дивоградби. Да се излезе и да се каже НЕ на рудници на смртта во истокот и НЕ на хидроцентрали на смртта во западот.

Сепак, со огромно жалење констатирам дека од целата декларативна борба против организираниот криминал, извршната и судската власт успеаја да ја осудат Моника Ристеска на една година затвор за посед на 14 грама канабис. Јасно ли е колку гадно изгледа тоа во 2019-та година да се лежи во затвор за џоинт, додека бизнисите во државава со канабис, меѓу кои и оние на премиерот на оваа држава, Зоран Заев, легално си фунцкионираат, прават обрт на својот капитал? Гадно ли е што Мијалков е на слобода, Грујо е во Унгарија, Заев е на власт, а Моника е во келија?

А болната вистина е што Моника Ристеска не е ни првата, а ако не се интервенира со промена на законот, нема да биде ни последна што ќе лежи во затвор за смешна количина на канабис или за неколку корени. Има многу Моники во оваа држава и сите нив ги знаеме. Тие не се пријателки, другари, фамилија. И внимателно поминуваат улица, проверуваат зад себе да нема полиција, додека олигархијата слободно хара по земјата.

Останува прашањето, кој објект или субјект остана со чист образ да излезе и да ги повика граѓаните на улица!?

Дали е тоа Левица, единствената политичка партија која не е на истиот платен список на олигархијата, како што се сите останати партии на политичкото ни небо!? Дали се тоа невладините (регистрирани и нерегистрирани), кои секојдневно се борат и се трошат во однапред изгубената војна!?

Не знам, еве, договорете се кој да биде „главниот” и само на време информирајте кој ден и во колку саат да излезам пред Собранието. И да ја газам улицата исто како што ја газев за време на Шарената Револуција, исто и како и кога ја прославуваме неуспешноста на апсурдниот референдум.

Време е да се создаде широка коалиција и токму прашањето за Моника Ристеска обединува незамисливо шарен спектар од политички убедувања, кои ги врзува прогресивната идеја, дека за Канабис не треба да се лежи затвор во XXI-ви век.

Време е за прогресивни промени!
Промени, кои ќе влијаат квалитетно за секој поединец. 
Затоа, да ги закопаме секирите и здружено да излеземе на улица и да застанеме цврсто во одбрана на своите индивидуални и колективни права.

Тие ни следуваат.

Зоран Велковски, член на Централниот Комитет на Политичката Партија Левица