АктуелноИнтернационално

Изгорени работници се најновите жртви на климатските промени

Вести од секаде стигнуваат за нереални температури во северната хемисфера. Нови рекорди се поставени, на термометрите изгледа им треба рекалибрација. Олеснувањето доаѓа од неколкуте капки дожд што ја спуштаат температурата малку, но, тоа е привремено. Луѓето се сѐ посвесни дека времето е се по ератично, дека летните жештини се се побрутални.

Точно е дека Европа ја снајдоа исклучителни температури во јуни, но претходниот месец Јужна Азија беше погодена од посериозен топлотен бран. Ова не е изолирана ситуација. Временските прилики се мерат во Индија уште од 18-тиот век и нивната точност се има подобрено од 1875 година со воспоставувањето на Идискиот Метеоролошки Институт. Летото таму е отсекогаш топлиот дел од годината со монсунски дождови кои се чекаат како манна. Од сите 15 најтопли лета во Индија, 11 од нив се забележани од 2004 па навака. Ова е наговестување на климатска катастрофа.

Чуру, во државата Раџастан, беше најтоплиот град со температура од 50,8 степени целзиусови. Ова е само за нијанса пониско од највисоките температури измерени на планетата, со 54 степени во Калифорниа и Кувајт. Според владата на Индија, дури во 32 дена (должината на еден месец) се забележани топлотни бранови.

Во овој период Националниот центар за справување со непогоди на Индија соопшти дека 36 работници починале од изгореници. Бројката е далеку помала од онаа во 2015 кога имаше дури 2081 вакви трагични случаи, иако тие што ги следат ваквите непогоди тврдат дека и овие бројки се вештачки намалени.

Девет од десет индиски работници работат во неформалниот сектор, стотици милиони од нив во градежништво и земјоделие. Најескплоатираните од овие работници аргатат под жешкото сонце, како дел од збрлавената експанзија на индиските градови и делумно како резултат на кризата во земјоделскиот сектор. Кога овие сиромашни работници умираат ретко кој обраќа внимание. Нивната смрт често се заведува не како од топлотен удар или умор, туку само како „непознати причини“.

Работење на потопла планета

Интернационалната Трудова Организација (ILO) само што објави краток – но, многу важен – извештај за влијанието на топлотниот стрес врз работниците. Она што организацијата открила е дека најзасегнатите региони на светот од смрт како последица на топлина се Јужна Азија и Западна Африка. Земјоделските и градежните работници, според нив, се најсклони кон ваква прерана смрт.

Ако температурата се крена над 35 степени целзиусови, што е граница многу пониска од температурите во централна и северна Индија оваа година, тогаш „ги намалува физичките функции и способности на работникот“ и – ако се крене над 39 степени – може да доведе до „топлотна исцрпеност“ и смрт. Она што се случува кога се креваат температурите така се намалува способноста на телото да трпи вишок топлина. Овој феномен се нарекува „топлотен стрес“.

Според извештај на Светската Здравствена Организација (WHO) од 2014 година посочува дека здравствениот ефект од климатска катастрофа ќе биде предизвикан од топлина, поплавување на крајбрежјата, дијареа, маларија, денга и неухранетост. Ако ги соберете сите овие тогаш, според WHO, стапката на смртност ќе се зголеми за најмалку четврт милион луѓе годишно. Тоа што топлината е првата од овие причини не е изненадување.

Како резултат на растечките температури, глобално е намален бројот на ефективни работни часови – пред се во градежништво и земјоделие. Според пресметките на ILO економските загуби од зголемените температури само ќе продолжат да растат. Во 1995 година проценето е дека 280 милијарди долари се изгубени како резултат на топлотен стрес, а ILO проценува дека до 2030 година таа бројка ќе порасне до 2,4 трилиони долари. Повеќето од овие економски загуби се случуваат во неразвиени земји.

Понатака, ILO тврди дека околу 80 милиони луѓе – пред се земјоделци – ќе ги изгубат своите работни места како резултат на климатската катастрофа. Оваа бројка е прениска. Таа е резултат на пресметка која претпоставува дека 40% од деновите се облачни, без сонце, како и дека работниците можат да ги преместат часовите во кои тие работат од најжешкиот дел на денот во поладните утра или ноќи. Ако се отстрани оваа претпоставка, тогаш бројката може да порасне и над 136 милиони.

Алтернативи

Предлогот на ILO е преблаг – дури и контрапродуктивен – пакет на реформи. Две од нив се зголемена механизација и „развивање на вештини“. Целта да се замени човечкиот труд под врелото сонце со машини е – секако – хумана. Но, што ќе значи ова за луѓето? Дали тие ќе бидат компензирани на друг начин? Освен тоа, во полињата и градилиштата, каде трудот е слаб и платите се ниски, нема поттик за газдите да ги заменат луѓето со машини.

Зголемувањето на вештините би значело да се зголеми продуктивноста на работниците. Она што сме го виделе во минатите 40 години е дека многу мал дел од зголемувањето на продуктивност бил во интерес на работниците – гротото од придобивките одат кај газдите. И механизацијата и зголемувањето на вештините само создаваат помалку работни места за работницита, дури и кога овие техники би им ги спасиле животите. ILO предупредува дека топлотниот стрес предизвикува земјоделските работници да избегаат од селата кон градовите и да бегаат од топлите зони на планетата кон поумерени кили. Со други зборови, миграцијата ќе се зголеми како резултат на климатската катастрофа.

Заштита за работниците

Индиската федерална држава Керала (население од 35 милиони) е управувана на Левиот Демократски Фронт, политички сојуз составен од комунисти и други леви политички партии. Како што топлотниот бран се распространи низ Индија, левичарската влада соопшти задолжително ембарго на работа во најтоплите делови од денот (11 до 15 часот).

Министерството за Труд на Керала предупреди дека ако газдите не ја почитуваат наредбата тие ќе бидат кривично гонети. Оваа одлука беше донесена откако градежни работници беа пратени во болница во Керала со сунчаница. Трудовите инспектори и полицијата ги посетија градилиштата за време на најлошиот дел од топлотниот бран за да се осигураат дека работниците не се принудени да работат за време на најтоплите часови.

Овие мерки се здраворазумни. Сепак, ним како предуслов им се потребни силната рака на законот и регулациите. Во Индија, како и во поголемиот дел на светот, работниците се се повеќе во неформалниот сектор. Тука, законите не важат, регулацијата е неприсутна.

Синдикатите се најефективен начин на кој работниците можат да ја изразат својата моќ, а сепак ги има се помалку. Левицата е слаба и Керала е исклучок. На другите места камшикот на менаџментот удира врз грбот на ранливите работници кои горат под жешкото сонце за да им создадат профит на нивните газди.

Тврдоглавоста во многу западњачки главни градови околу климатската катастрофа само ќе значи дека ова ќе продолжи. Како што растат температурите, најранливите луѓе се оние кои ќе горат на полињата и на градилиштата. Тие ќе бидат приморани да бегаат некаде каде ќе бидат третирани како криминалци. Нивниот избор е ограничен: Да умрат под жешкото сонце или да умрат на патот.

Превод на текст од МР Онлајн.