ЛГБТИ – ДА; НВО – НЕ
Сабота, 28ми Јуни, 1969та година. Еден часот по полноќ. Гласен трепет доаѓа од вратите на хостелот Stonewall, проследено со “Полиција! Отвори!” што означувало почеток на полициски претрес.
Претреси биле вообичаена појава во овој хостел, за кои обично се знаело дека ќе се случат дента пред да дојде полицијата. Но, оваа ноќ не добиле никаква информација за можен претрес.
Во следниот момент после извикот луѓе франтично започнале да бегаат низ прозорците од тоалетите, но тоа било попусто—полицијата влегла и ги наредила сите во барот на хостелот таа вечер. Оние кои биле облечени како жени требало да бидат однесени во тоалетите за да се утврди нивниот пол, додека тие облечени како мажи требале да бидат наредени наспроти ѕидовите на објектот. Но, овој пат полицијата наишла на отпор.
Како што е стандардно за полициски претрес, мажите и жените во униформа се однесувале неприкладно—претресените биле допирани на незгодни места, поготово оние во женска облека. И додека клиентелата била изнесена надвор, не отишле веднаш кон своите домови—туку седеле пред вратите на Stonewall и набрзо се формирала цела толпа пред хостелот.
Откако пристигнало првото полициско возило, полицијата започнала да изнесува луѓе надвор од објектот. Една жена се пожалила дека лисиците ѝ биле премногу тесни, на што полицаец возвратил со удар по нејзината глава со пендрек. Откако жената извикала “Зошто никој не превзема нешто околу ова?”, целосно избило насилство од страна на толпата против полицијата.
Сите овие настани се случиле многу брзо и многу спонтано, без никаква претходна организација од страна на луѓето присутни. Еден учесник во бунтот изјавува:
“Сите имавме колективно чувство дека ни беше преку глава од ова срање. Не беше нeшто посебно што некој го имаше речено на друг, туку беше како сѐ низ што имавме поминато низ годините да ја достигна точката на вриење таа вечер… Сите во толпата знаеја дека нема враќање назад од ова. Беше време да вратиме нешто од нив, нешто што отсекогаш ни беше одземено… Имаше секакви видови на луѓе, секакви причини за бес, тага, сѐ насобрано. Полицијата ја направи најголемата штета. Ние само сакавме да се ослободиме и да нѐ остават на мира. И не сакавме да дозволиме да нѐ тормозат—таа наша храброст ја запрепасти полицијата. Имаше нешто во воздухот, долго-чекана слобода и ние бевме спремни да се бориме за неа. Можеби таа завземаше различни форми, но едно нешто беше јасно—нема да си одиме. И не си отидовме.”
Бунтот продолжил во текот на ноќта. Полицијата била губитникот во оваа битка и со сонцето изгревајќи зад нив, преостанатите членови на толпата седеле во тишината на улицата, уморни, изненадени, но задоволни.
Ова се почетоците на Pride—настанот кој започна паради на гордоста низ светот и кој се залага за основни права на ЛГБТИ заедницата.
Pride во Македонија
ЛГБТИ заедницата во Македонија (како и во поголемиот дел од светот) е мета на системска дискриминација и репресија. ЛГБТИ лицата се изложени на физичка како и психолошка тортура, честопати дури и од членови на сопствените семејства.
Во ваква лоша состојба каде што нема доволна заштита на ЛГБТИ лицата, видливост е привилегија што мнозинството на ЛГБТИ лицата во Македонија ја немаат. Од малиот број од нив кои ја имаат таа привилегија, некои се заштитени чисто бидејќи се тесно врзани со невладиниот сектор—дежурен профитер секаде каде што постои ваква неправедна состојба. Сега случајот добива уште една димензија: богатите профитираат и се заштитени, додека сиромашните ЛГБТИ лица немаат друг избор освен да седат скриени или да станат поврзани со овие НВО пијавици, што се разбира дека ќе е од корист на овој сектор. Овде вреди да се постави прашањето: што вистински има постигнато невладиниот сектор во поголемата борба?
Ефектот е минимален и чисто индивидуален. Едноставно се нема политичка мобилизираност, милитантност и волја за вистинска и темелна промена. Дури и законот за спречување на дискриминација кој што беше изгласан неодамна беше спроведен чисто како обид за прилагодување на законите за дискриминација кон европски стандарди—па дури и како таков тој е стриктно легалистички и поради тоа недоволен за вистинско подобрување на материјалната и реална состојба на ЛГБТИ заедницата.
Stonewall беше бунт, протест—настан чија што искра беше долгогодишното насилство и опресија, како и повици за ерадикација на припадниците на ЛГБТИ заедницата и е резултат на директна акција на масата. Всушност, една од првите формации што резултирале од овој настан се борела за директните материјални и реални состојби на припадниците од ЛГБТИ заедницата, но и за оние надвор од неа: обезбедување на живеалишта, бесплатно образование, бесплатно здравство и останати социјалистички идеи.
Оваа година ќе се одржи првата парада на гордоста во Македонија, чии што организатори за жал доаѓаат од невладиниот сектор кој се има паразитски залепено на една од најмаргинализираните групи—тој извојува симболички и минорни напредоци, но неминовно ја одржува ЛГБТИ заедницата во перпетуална репресија за свои потреби, главната од кои е остварување на профит.
Тоа го прави преку активно кочење на прогресот на ЛГБТИ заедницата и пренасочувањето на вистинскиот и радикален активизам во перформативни ќорсокаци. Невладиниот сектор зема млади активисти и ги придобива за свои цели, лишувајќи ги од нивната радикалност и волја за вистинска борба и промена. Со тоа го одржува статус квото што е во полза на овој сектор, а е на товар на ЛГБТИ заедницата.
Првата парада на гордоста во Македонија
Но, што со оваа парада?
Важно е да се излезе на парада на гордоста, важно е да се покаже во ова општество дека постоиме и дека не се плашиме. Но исто така е важно да не се излегува само како учесник, како потчинет на некој друг, туку да се направи своја.
Важно е да се разгледуваат самите причини за маргинализираност, кои покрај вообичаените предрасуди имаат и материјален, класен карактер. ЛГБТИ заедницата не постои во вакуум: приватизацијата на здравството го повредува транс лицето без парични средства исто како и стрејт лицето; некој кој има опасност од отпуштање поради неговата сексуалност исто така мора да има интерес за подобрување на работничките права генерално, бидејќи газдата може лесно да најде легален изговор за своите предрасуди.
Треба да се излезе од тој начин на размислување за помош само на себеси или локално и да се прошири таа помош кон сите ЛГБТИ лица, секаде. Организација која се бори за ЛГБТИ права не смее да застане зад сојуз кој активно соработува со режими кои даваат смртна казна на лица од ЛГБТИ заедницата.
Сите овие проблеми се интерсекционални, работат на повеќе оски; класна, етничка, родова, и така натаму. Било какво суштинско подобрување на состојбата на ЛГБТИ заедницата мора да ги земе сите овие оски во предвид.
Парадата ќе се одржи на 29 јуни. Следниот работен ден ЛГБТИ лицата ќе се вратат на своите работни места, сѐ уште криејќи ја својата сексуалност од страв за своите примања, па дури и животи. Други пак ќе се појават пред своите донатори и финансиери и ќе се пофалат колку многу сработиле за маргинализираните лица со надеж дека ќе видат уште едно евро плус в џеб. На следниот протест или манифестација, процесот повторно ќе се повтори без никаков напредок сѐ додека борбата не се одземе од канџите на профитерските кадри.
Авторот е анонимен.