Кочо Анѓушев со неговите хидроелектрани ќе го спасува УНЕСКО статусот
Од иницијативата „Охрид СОС “на својот фејсбук профил објавија дека се револтирани од одлуката на Владата со која се предвидува Кочо Анѓушев (познат во јавноста како главен агитатор за мали хидроелектрани во заштитени подрачја) да ја формира работната група која ќе постапи по забелешките на УНЕСКО. Во продолжение го пренесуваме целото соопштение на „Охрид СОС”.
„Го изразуваме нашиот револт и протест ПРОТИВ одлуката донесена на 139 седница на владата. Делот поврзан со УНЕСКО регионот ви го пренесуваме во целост според објавеното соопштение на веб-страницата.
„Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ја усвои информацијата за постапување по препораките на УНЕСКО и одлучи да продолжи со исполнувањето на релевантните препораки и одлуки на УНЕСКО, во насока на зачувување на статусот светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион. Притоа Владата го задолжи Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, во соработка со Канцеларијата на Премиерот да формира работна група составена од функционерите на сите засегнати институции којашто ќе постапи по забелешките на УНЕСКО за анализа за алтернативна рута на железничката пруга долж Коридорот 8, како и рутата од автопатот А2 Требеништа – Струга, согласно наодите на Реактивната мониторинг мисија и релевантните препораки на УНЕСКО. Предлог решенијата треба да бидат доставени до Владата најдоцна до 15 јануари 2020.
Министерството за транспорт и врски, е задолжено во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи инвентар на нелегални градби во Регионот и истиот да го достави до Владата најдоцна до први септември оваа година. Министерствата за животна средина и просторно планирање и за култура, се задолжени да изработат предлог План за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион, усогласен со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, и истиот да биде доставен до Владата за усвојување, најдоцна до почетокот на декември 2019-та година. Истовремено, Владата силно ги охрабрува општините Охрид и Струга да ги исполнат препораките на УНЕСКО, со крајна цел Охридскиот регион и натаму да биде под закрила на УНЕСКО.“
Прво да почнеме од најосновното. Регионот НЕ е под закрила ниту под заштита на УНЕСКО. Ако македонските функционери се помачеа да прочитаат барем еден меѓународен документ, најмалку барем Конвенцијата за заштита на светското природно и културно наследство, ќе увидеа дека во чл. 4 и чл. 7 е многу јасно напишано дека обврската да го штити регионот е исклучиво на владата на земјата, а меѓународната „заштита“ се состои од помош со вмрежување и поддршка за напорите на владите на одделните земји. УНЕСКО не се меша во суверенитетот на една земја, дури земјата може и сама да одлучи да се откаже од Конвенцијата.
Понатаму, остро се спротивставуваме и го сметаме за дрско изигрување на довербата што стотици илјади граѓани ја дадоа на сдсм, на чело на работна група чијашто задача е да нуди решенија за зачувување на УНЕСКО статусот на регионот да се постави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, познат по своите „мали“ хидроцентрали во заштитени подрачја каде што се минирани кањони и исечени стогодишни дрвја за некој киловат струја.
Доста оваа влада одржуваше состаноци, расправи, донесуваше заклучоци и одлуки кои никогаш не се преточија во реалност и дела – туку едноставно завршуваа со стандардното префрлање на одговорноста. Доста беа лаги! Доста беа манипулации! Ни има потреба од состаночење, ни има фајде од тоа. Земете и доследно спроведувајте ги законите, применувајте слепа правда, работете во интерес на сите жители на оваа земја!
Овојпат нема да се извлечете така лесно. Ве чекаме спремни во Баку!”