Основниот суд Кочани денеска одлучи да му го укине ефективниот притвор на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, осомничен во случајот за трагедијата во дискотеката „Пулс“. Наместо затвор, тој од денеска ќе биде во домашен комфор, под мерка куќен притвор.
Иако трагедијата однесе животи и ги потресе не само Кочани туку и целата држава, судот изгледа не го препознава гневот и болката на јавноста. Одлуката доаѓа без транспарентно објаснување, во момент кога истрагата се уште не е завршена, а вината и одговорноста допрва треба да се утврдуваат. Судот, како и премногу пати досега, брза да покаже милост кон високопрофилни осомничени, додека „малите“ и понатаму гнијат во притвор или молчат под притисок.
Портпаролот на судот објаснува дека сè уште се чека да се произнесат адвокатите за останатите 19 лица, додека одлуката за Бектеши веќе е донесена. Тоа не ја отстранува сенката на сомнеж за селективна правда – како секогаш, оние со политичка тежина и врски добиваат повластен третман. Јавното обвинителство, пак, вчера поднесе предлози и за продолжување на мерките за останатите 18 лица, но тие уште чекаат. Очигледно, „брзината“ на постапувањето зависи од презимето.
Оваа судска одлука уште еднаш ја потврдува старата перцепција за македонското судство: кога треба да се заштити системот и оние кои го претставуваат, правдата е флексибилна, а законот – еластичен. Истата таа правда, кога станува збор за обичниот човек, е строга, бавна и немилосрдна.
Се поставува прашањето: што треба да се случи за јавниот интерес и чувството за правда да надвладеат над партиските и елитистичките интереси? Колку трагедии, колку загубени животи и колку протести треба, за правосудниот систем конечно да се освести?
До тогаш, останува само гневот на јавноста и едно болно сознание – дека дури и по смрт, неправдата продолжува да триумфира.

