Да живее Газавизијата!
Фејсбук објава на Билјана Ванковска.
Ова му доаѓа како екстра ФБ колумна. Веднаш да си кажам дека никогаш не сум била фан на Евровизија: скапо шоу од кое заработуваат сите учесници, вклучително и телефонски оператори (за Мадона и да не зборувам) – освен даночните обврзници на државите кои учествуваат. Овде не станува збор за уметност, за музика, за стил или за „градење мостови“ (како што гласи популарната фраза) – туку за пари и политика. Тоа што патем ви продаваат идентитетска политика, па на мала или голема сцена промовираат секоја година некоја ен-џи-о агенда, е друга работа. Зад секој победник/победничка стои некаква приказна која нема врска со музиката.
Наместо одамна да ја напуштиме оваа парада на кич, визуелни ефекти кои ги кријат гласовните (не)таленти, и политиката „алваџија за бозаџија“, ние (согласно бугарската) „глупи и упорити“ не се отказваме. Ќе откажеме некои вистински културни и уметнички манифестации, нема да поддржиме млади научни и други таленти, ама ќе најдеме некој да нѐ претставува.
Простете, ама не гледам причина за еуфорија поради „големиот успех“ на Тамара Гордата. Прво, и врапчињата знаеја дека Северна ќе биде наградена, особено кога порачува дека е „горда“. Мнозина сакаат да веруваат дека е ова феминистичка, напредна и оснажувачка песна – јас мислам дека е тоа само прилагодување на „идентитетските шаблони“ кои секоја земја ги презема за да се вклопи. Ова е Win-win ситуација, баш како и Преспанскиот – се разбира, низ призма на пазарџиите. Но, ете, забава за народни маси, кои за миг ќе заборават на сѐ друго, на тоталниот морален, социјален, економски и политички колапс и ќе се обединат за миг околу „нашата песна“. Притоа, ова славење на влез во финална вечер нужно ме потсетува на две политички финти: прво, продаваш име за да добиеш датум за датум за преговори, а второ, ме потсетува на доделување државни ордени на спортисти кои не освоиле медали, ама предизвикале еуфорија кај среќното граџанство.
Сега неколку зборови за она што вечерва нема да сакате да го видите или чуете. Слоганот на овогодинешната Евровизија е „Осмели се да сонуваш“, но борците за човекови права и за слободна Палестина додаваат „… за слобода“. Да, станува збор за големо шоу среде земја во која луѓе секојдневно гинат – за слобода! Збудалени со музичките ѕвезди и кладилниците, малкумина посветија внимание дека во средата на 15 мај беше одбележан „Денот на катастрофата“, Накба – ден на комеморација на егзодусот на 700,000 Палестинци. Минатата година Израел го одбележа денот со снајпери кои убија околу 60-мина покрај граничната жица на Газа. Дали слушнавте дека објектот во кој се одржува Евровизијата (Expo Centre во Тел Авив) е изграден врз урнаитините на едно палестинско село?
За денес израелските феминистки и анархисти планираат масовни собири под мотото „Нема гордост во апартхејд“ (хмм, а наша Тамара – горда?). Тоа е само еден чин на нешто што добива димензии на „алтернативна Евровизија“. Во вторникот група палестински музичари настапија со „Порака од Газа“ среде урнатините на зградите кои неодамна беа погоди од израелските напади. „Газавизијата“, која ја копира организацијата на Евровизијата, се одвива низ музички натпревар на палестински таленти на кои им е забрането да патуваат и настапуваат во светот.
Портпаролот на израелското Министерство за стратегиски прашања изјави дека „музиката е најдобро средство за „градење мостови и обединување на луѓето, наместо нивно делење“. Мајкл Рајс кој настапува за Велика Британија признава дека пред да дојде воопшто не бил запознаен со конфликтот, додека Хатари кој настапува за Исланд беше во посета на Хеброн и јавно повика за запирање на окупацијата на Палестина.
Тоа што вечерва нема да следам Евровизија и не е некој посебен чин на бојкот, бидејќи никогаш баш и не сум ја следела оваа бесмислена манифестација (барем за мене). Но, ценам дека е голема хипокризија да тврдиш дека се залагаш за правата на девојчињата, ЛГБТ популацијата, некои малцински групи, за еднаквост меѓу расите и мултикултурализам – а да го игнорираш она што се случува во земјата-домаќин. Јас на такви „борци/борки“ не им верувам. А вие уживајте или карајте се меѓу себе околу тоа дали треба да бидеме горди и дали Тамара имала убав стајлинг, вокал или настап. Ние сме толку обземени со сопствената пизма, што и призмата не ни оди подалеку од носот. Јас ќе мислам на онаа јуначка фигура што го вее знамето на Палестина и се бори за слобода во најголемиот логор под отворено небо. Да живее Газавизијата!