Уапсен борецот за независност на Баскија – Јосу Тернера

Рано утринава во францускиот дел на Алпите беше уапсен Јосу Тернера, последниот лидер на сега веќе распуштената организација за социјализам и национално ослободување на Баскија – ЕТА.

ЕТА, или на баскијски Euskadi Ta Askatasuna (Баскијска земја и слобода) беше формирана во 1959 година како културно движење. Поради репресијата на шпанскиот фашистички режим на Франко, тие беа принудени борбата да ја продолжат вооружено и стекнаа светска слава како една од најопасните организации – особено после атентатот на шпанскиот премиер Кареро Бланко, чија кола експлодираше во 1973 и тој постхумно се здоби со прекарот „првиот шпански астронаут“.

Минатата година, по цели осум години на едностран прекин на огнот од страна на ЕТА, организацијата ја објави својата последна декларација со која целосно се разоружа и расформираше. Токму Јосу беше човекот кој го објави ова соопштение.

Баскијското лево патриотско движење е константно под политичка репресија и политичките затвореници се сместувани во затвори далеку од фамилиите за да ги казнат не само затворениците, туку и нивните најблиски. Затоа, баскијската лева партија Sortu, најави протести денес во секое село и секој град на кои се очекува голема излезеност и судири со полицијата. Според извори од партијата, поранешните членови на ЕТА се под константно набљудување од страна на полицијата и апсењето е дел од предизборната кампања на PSOE (шпанската верзија на Ѕинговата Социјалистичка партија) за локалните и европски избори на 26 мај.