Крмов: Пасивната блокада е нефункционална, треба да се блокираат сите процеси

Пратеникот од редовите на Левица Борислав Крмов во интервју за плусинфо ја коментираше состојбата во Собранието и пасивната блокада на ВМРО-ДПМНЕ.

Пасивна блокада е развлекување на сите комисии и собраниски пленарни седници со пријавување на сите пратеници за збор. Со пасивната блокада, ако една седница треба да трае, на пример, еден ден, истата трае три дена, но епилогот е дека сепак таа се завршува. Таа е блокадата која ја прави моментално ВМРО-ДПМНЕ во Собрание.

Според Крмов, бројот на реплики само го одолговлекува процесот, без никаков ефект.

Значи, сите пратеници земаат реплики паушално ,ама на крајот на денот пак се донесуваат законите и заклучоците, само наместо за еден ден, се носат за три или пет дена.

Пратеникот смета дека е неопходно опозицијата активно да ја блокира работата на Собранието, со што секоја одлука која сака да ја спроведе актуелната власт би била спречена.

Активна блокада би требало да значи блокирање на сите комисии блокирање на сите пленарни седници. Тоа подразбира блокирање со амандмани и филибастеринг, блокирање со говори, дури и физичко блокирање. Односно, со активната блокада се парализира целиот процес, нема донесување на заклучоци и закони.

На крајот од изјавата, Крмов напомена за начинот на кој Левица претходно многупати ги блокираше штетните закони предложени од владејачките ДУИ и СДСМ.

Левица активно го блокира Законот за етничка припадност во лични карти со филибастеринг на амандмани и тој закон ден-денес стои блокиран во Собранието. Има 15 закони кои Левица ги блокира со филибастеринг на амандмани и потребно е ние да ги повлечиме амандманите за да влезат законите во процедура.