Платените “борци” за демократија и нивниот молк за апсењето на Асанж
Деновиве јавноста беше сведок за функционирањето на светската полиција на САД, која преку апсењето на свиркачот Асанж уште еднаш демонстрира дека никој не смее да ги загрози (ниту за момент) нивните „стратешки цели и интереси”. Основачот на Викиликс, преку објавување илјадници документи за бруталната американска дипломатија, го разоткри лицемерието на т.н. хуманитарни интервенции на Блискиот исток, зад кои единствено стојат империјалистичките апетити на ширење економска и политичка моќ на САД. После седум години поминати во еквадорската амбасада, актуелниот претседател на Еквадор (иронично наречен Ленин, кој впрочем се залагал за комплетно спротивното нешто од овој претседател) поданички го предаде Асанж на британската власт. Можеби овој чекор можеше да се предвиди, со оглед на тоа што таканаречениот левичарски претседател ги залади односите со анти-американските естаблишменти и започна силна соработка со САД и меѓународните финансиски институции, од кои доби 4 милијарди долари помош, помош која му беше неопходна за да ја спаси својата политичка моќ, после неколкуте скандали со корупција кои избија во неговата земја.
Всушност, бруталниот прогон и апсењето на Асанж ја разоткри целата лажна демократичност на најмоќните земји, кои својот прогрес и развој го градат преку уништување помали нации и разграбување на нивните богатства, по примерот на Ирак, Авганистан, Либија, Сирија и други. Го разоткри лицемерието на „цивилизираната“ Европа, која иако донесе легислатива за заштита на свиркачите, за апсењето на Асанж кратко изјави “немаме коментар” (!). Ваквиот потег воопшто не е шокирачки, со оглед дека Асанж преку платформата „Викиликс“ претставува директна закана и опасност за разоткривање на нивните злосторнички политики и бескруполозната надворешната политика, која се заснова на доминација, уцени и експлоатација на сите оние власти кои се спротиставуваат на „мерките за либерализација и приватизација”. Мерки кои преставуваат тројански коњ за влез на странскиот капитал и изнесување на националните богатства од помалите држава, каков што е примерот на рудниците кај нас. И доколку властите на овие држави се спротивставуваат на ваквата европска дипломатија, тогаш секогаш може да се искористи омилената алатка на цивилизираниот САД и Европа: хуманитарна интервенција за спас од лошиот диктатор кој не се потчинил на неолибералните политики на западниот капитал.
Дури и нашите УСАИД финансирани медиуми и таканаречените борци за демократија и слобода на говор се приклучија кон американската пропаганда за оцрнување на Асанж, па започнаа со објавување на видеа за „ексцентричноста“ на Асанж и како тој ја тероризирал амбасадата со возење скејтборд, се со цел лична дискредитација (Асанж вози скејтборд во амбасада, па затоа е во ред тоа што САД го прав(и)еше на Блискиот Исток). А од довчерашните борци за слобода на говор, кои ревносно викаа против Груевски диктатор, речиси да нема никаква осуда за ваквите диктаторски политики на САД и Европа. Молк од активистите за бегалци, молк од бројните невладини за заштита на слободата на говор и демократијата, молк од загрижените борци за децата во Венецуела кои умирале од глад. Нема слики од Асанж, нема хаштази „Free Assange”, нема повици за одбрана на слободата на медиумите. Зафатени се со проект-спонзорирани настани и колумни за историските подвизи на Владата кон зачекорување во НАТО и ЕУ, за благодетите кои нѐ чекаат таму, за наглиот развој и просперитетот на државата во овие цивилизирани заедници, кои најверојатно нивниот просперитет го украле од сиромашни народи како нашиот. И со ваквиот лицемерен молк тие најексплицитно ги демонстрираа нивните вистински идеали: обични профитери што се богатат со релативизирање на злосторствата и убивањето деца од страна на нивниот „стратешки партнер” и финансиер. Нема долари – нема колумни, нема хаштази, нема протести.
Став на Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица.