АктуелноБиблиотекаЛокално

Разликата помеѓу парите и капиталот

Апологијата на експлоатацијата на трудот силно се потпира на проширувањето на дефиницијата на поимот за капитал, односно, на дефинирањето на секоја една сума на вредност како капитал. Дополнително, околу терминот е настаната толкава една какофонија, што неретко тој се применува и за нешта што не се вредност во економската смисла на зборот, како што е образованието, познанствата и слично, па човек лесно ќе помисли дека се е капитал и дека ништо не е капитал. A ако е тоа точно, тогаш е многу веројатно и дека сите го имаме, дека сите сме еднакви, дека никој и ништо надвор од самата индивидуа не е одговорно за социјалната и економската подреденост во која таа индивидуа се наоѓа.

Од тука, лесно е да се пропагира и манипулира со квази-мудроста дека трудот е тој што те збогатува и те искачува во социо-економската хиерархија („ако се трудиш, ќе успееш“), иако реалноста е, впрочем, дека негацијата на поседството на производот на трудот е таа што го збогатува неработникот (газдата). Со други зборови, присвојувањето на производот на туѓиот труд (читај: легалната кражба на трудот, односно, легалната кражба на вишокот на вредност) и неговата компензација во форма на плата, секогаш пониска од висината на вредноста на произведената стока, ги отвара вратите кон класата на газдите, онаа капиталистичката во која влегуваат помалку од еден во илјада луѓе. А, за една индивидуа да може да го експлоатира туѓиот труд, таа мора веќе да располага со вредност што го има потенцијалот да влезе во функција на капитал, што станува јасно ако терминот капитал се употреби прецизно.

Капиталот не е фиксна категорија. Една одредена сума на вредност, во одредени услови, може да влезе во функција на капитал, за да во некои други услови, престане да постои во тој капацитет. Таа сума на вредност влегува во функција на капитал тогаш и само тогаш кога истата се користи за нејзино зголемување, и постои како капитал само додека се користи со таа намена. Така, фабриката (како сума на вредност) е во функција на капитал тогаш и само тогаш кога истата работи со намена да му донесе поголема вредност на нејзиниот сопственик од вредноста што тој ќе ја потроши за време на производствениот процес. Кога истата таа фабрика ќе се затвори, таа престанува да биде капитал, туку е единствено сума на вредност, иако голема сума на вредност.

Неретко, ваквиот потенцијал на одредена сума на вредност да функционира како капитал, каков што е случајот со затворената фабрика, погрешно се користи како аргумент за поткрепа на тезата дека истата таа сума на вредност е капитал сама по себе. Па од тука, лесно е да се скокне и до заклучокот дека секоја сума на вредност е капитал, па и макотрпната заштеда на еден работник од неколку илјадници евра створена низ годините е капитал, или пак натрупаната вредност која што некој ја има, но не ја користи за ништо, освен за расипничко трошење.

Дополнително, квантитативното зголемување на сумата на вредност води и до нејзина квалитативна промена, односно и дава потенцијал на сумата на вредност да влезе во функција на капитал. Мала сума не може да се искористи со цел самата таа да се зголеми – таа единствено може да се искористи за трошење, за задоволување на потребите на тој што ја поседува. Платата од 300 евра е едвај доволна за да се набави храна, да се платат сметките, да се покријат здраствените трошоци и сл. Но, сума еквивалентна на илјада вакви плати го има тој потенцијал да влезе во функција на капитал.

Конечно, вредноста во различна форма може да влезе во функција на капитал, но секогаш како вредност. Фабриката е фабрика во производствениот процес, но нејзината вредност е таа што влегува во функција на капитал. Оризот е сировина во производствениот процес и храна во репродуктивниот процес, но неговата вредност е таа што влегува во функција на капитал. И таа вредност влегува во функција на капитал единствено кога метаморфозира од парична форма во стоковна форма, за повторно да премине во парична форма, со цел новата парична форма да има поголема вредност од оригиналната.

Почетокот е секогаш во парична форма, бидејќи таа е универзална форма на вредноста и како таква може најлесно да влезе во функција на капитал. Но, парите како вредност не можат да го спроведат целиот процес на валоризација, па истите мораат да бидат разменети за стока: средства за производство (фабрики, машини, сировина) и работна сила. Работната сила и навистина е стока, бидејќи работникот се обидува да ја отуѓи, да ја продаде за да добие плата.

Средствата за производство кои влегуваат во производствениот процес ја предаваат својата вредност во новата стока што се произведува, додека трудот (различен термин од работна сила!) на вработените кои ја продале својата работна сила додаваат нова вредност на стоката, поголема од вредноста на својата работна сила, поголема од платата што ја добиле.

Стоката конечно се продава, и навистина, парите добиени за неа имаат поголема вредност од вредноста на парите кои оригинално влегле во функција на капитал. Оригиналната сума на вредност беше компензација за средствата за производство и работната сила, но новата сума на вредност во себе ги содржи вредноста на средствата за производство, вредноста на работната сила и делот од додадената вредност која што не била компензирана на вработениот.

Од тука и станува јасно зошто четивото започна онака како што започна. Срцевината на капиталната релација во општеството е негацијата на поседството на производот од трудот на работникот. Вредноста што влегува во функција на капитал се зголемува единствено преку одземање на производот од трудот на вработениот и негова компензација со плата со помала вредност. И единствено за да се прикрие оваа реалност, овој единствен начин на вистинско збогатување, се шири значењето на терминот капитал до степен да повеќе не значи ништо.