‘’НАТО И ЈАС’’ – Пропагандата помеѓу нас

Ако демократијата претставува слобода на однесувањето, избор и интеракцијата на единката внатре во државата, по тој логички редослед истата оваа демократија би требало да претставува слобода на однесување, избор (идеологија) и интеракција на државите во меѓународната заедница. Логиката на нашиот „стратешки пријател“ веројатно е поразлична па и од таму потекнуваат неговите „демократски решенија“ и сериозен пристап кон месијанската улога во ширењето на демократијата.

Пропагандниот процес секогаш започнува од „централата“, обично првиот човек излегува со изјава за опасност и постоење непријател, и веднаш потоа се појавуваат официјалните изјави на Безбедносните структури, преминува во фаза на објаснување на експертите за безбедност и завршува со медиумско раширување на нивната вистина. Системот задолжен за филтрирањe прецизно ги пласира информациите во насока во која јавноста треба да го создаде мислењето.

После работа додека го спремаш семејниот ручек а телевизорот пуштен онака, вести, безвеза, воопшто не си свесен дека всушност имаш улога во меѓународната политика. Бомбата од информации кои ги слушаш ти создаваат слика за некаде, некоја држава, некое општество, некој режим или што и да е. Малку подоцна ти ѕвони телефонот – некоја агенција за истражување, добиваш прашања поврзани токму со сликата која ти ја создаваа цело време преку медиумите. Начинот на поставување на анкетните прашања совршено е формулиран за одговорот кој ќе го добијат им биде максимално корисен, истовремено ти си уверен во исправноста на твоето мислење. Е баш ова е „copy-paste“ системот кој обезбедува поддршка пред секоја од нивните империјалистички војни.

Откако Буш беше избран за претседател, новиот кабинет посветува сериозно внимание на „заканата“ што кабинетот на Клинтон одлучи да ја игнорира во последните две години од своето владеење. Вашингтон Пост објавува : „Според нашето мислење ова е добар почеток, за разлика од надворешната политика на претседателот Клинтон, кој наизглед го намали политичкиот притисок врз Ирак, време е за обновување на притисокот од новоизбраниот претседател Џ. Буш“.Во меѓувреме „The Wall Street Journal“ пишува статија во која тврдат дека имаат докази за случувањата на 11 септември и поврзаност помеѓу Хусеин и Ал Каеда, а Буш ја дава познатата изјава во контекст дека бог му порачал да се бори против тероризмот.

Во Вашингтон Пост, по повод 11 септември е напишано дека Д. Рамсфелт (американски секретар за одбрана) му предложил на Буш да отпочне истовремена одмазда, не само против Авганистан, туку и против Ирак. Претседателот се согласи со ова и шест дена подоцна испрати директива во Пентагон. Војската на САД требаше да започне планови за воена инвазија врз Ирак. Згора на тоа, американската влада веќе и не се обидуваше да бара изговори за почетокот на војната во Ирак, настаните од 11 септември им беа “само подарок од судбината”. Истиот овој весник топло ги поддржа и ги одобри одлучните акции (бомбардирање на  Ирак), давајќи ѝ зелено светло на пропагандата на американската влада за поттикнување на отворена агресија против Ирак. Другите американски весници го поддржаа овој удар на САД кон Ирак.

Веднаш по бомбардирањето во Ирак медиумите продолжуваат, тие објавија статија во која пишуваше „американските и британските воздушни напади врз Ирак се добредојдено враќање во политиката која беше заборавена извесно време“. Се разбира, овие удари не може да се сметаат за соодветна замена за новиот политички курс, што допрва треба да биде формулиран од администрацијата на Буш. Сето тоа опишувано како кратка воена интервенција. Ваквото ширење информации од централа преку медиуми до пошироката јавност во време на воени дејствија потсеќа на черчиловата изјава „најмногу се лаже пред избори, во време на војна и после лов“.

Во дадениот временски период речиси не постоеше западен медиум кој не пишуваше за поседувањето на нуклеарно оружје од страна на Хусеин. Ама како за беља на вистината, никаде немаше траг од такво оружје. Се појавија сомнежи во јавноста. Затоа, „Њујорк тајмс“ отиде подалеку и објави дека „Хусеин има оружје за масовно уништување и го крие под земја“. Колку за споредба, истите овие пишуваат и ја обвинуваат ДНР Кореја за поседување на вакво оружје, но воени дејствија нема. Зошто? – Едноставен е одговорот,  ДНР Кореја навистина поседува вакво оружје. Колку за поткрепа на ставот, ке додадам дека нашиот „стратешки пријател“ влезе во преговори со ДНР Кореја по ова прашање, а во принцип тие никогаш не преговараат со некој „послаб’’ од нив.

На крај, НАТО, предводено од нашиот „стратешки пријател“, го направија во Ирак тоа што го направија, нивното донесување на демократијата во Ирак чинеше околу милион човечки животи. А, знаете колку не им е гајле за нечиј живот? Во интервју на CNN – Заради воведените санкции во Ирак починаа повеќе илјадници ирачки деца од глад, без никако да му наштетите на Хусеин. Сметате ли дека тие санкции беа праведни?Одговорот на Медлин Олбрајт (министерка за надворешна политика на САД (‘97-‘01) беше Да, сметам дека се праведни.

Овој НАТО-Демократски „copypaste“ систем на практика беше спроведуван во секоја од нивните империјалистички војни. На пример, TIME во изборот за сто најдобри фотографии на годината објавуваше потресни фотографии (пред се од деца) од Сомалија, преку уметност креираше јавно мислење и потоа се случи нивната добронамерна воена интервенцијата во Сомалија. На Авганистан му го доделија епитетот „гробишта на империите“, создадоа масовна пропаганда, војната траеше од 2001 до 2014 и наводно официјално заврши, ама во 2015 повторно почнаа да ги обновуваат воените трупи, се сомневам дека некогаш ќе ја дознаеме  бројката на жртви во тие 13 години.

Во Либија ја почнаа пропагандата и, поучени од предходно, решија на најбрз можен начин да им ја донесат демократијата – си дозволија да убијат претседател на држава (туѓ претседател не смееш никако да убиеш па каков и да е). За Југославија доволно е да спомнам дека бомбите со осиромашен ураниум ги фрлија врз болница, сликата за тоа што се случи со родилките во болницата е прегрозна  да се замисли.

Претставувањето на убиствени дејствија од нивните медиумски слуги има совршен лингвистички  концепт. Се случува бомбардирање од страна на НАТО и тие претставувааат: во денешните воени дејствија (операции, акции…), несреќен случај при борбата со… и мал милион слични формулации – слаткоречиво претстави. Кога од другата страна се случува било какво дејствие кое во споредба со нивните дејствија е капка во морето добиваш информација од типот на крвав терористички напад, воените злосторници повторно убиваат и слични фрази. И токму ваквите лингвистички алатки користени од нивните слуги го формираат јавното мислење во концепт кој му служи на империјализмот. Затоа, неретко, во поединецот се создава двоен стандард на сочуство.

После терористичкиот напад во Франција, социјалните мрежи изобилуваа со профилни фотографии од француско знаме и пораки кои завршуваа со „Pray for Paris“. Од друга страна, за истите случувања во Сирија, кои беа многу пострашни, ваквите реакции не беа ни четвртина од гореспоменатите, додека политичкото и военото насилство е оценувано како разумно. Токму ова е една од целите на НАТО пропагандата, болката која тие ја задаваат  да остане туѓа,  со бомби донесената ‘’слобода’’ да не предизвика негативна реакција, додека месијанската улога добива подршка.

Колумна на Александар Симонов