Сиромашните плаќаат – проблемот со загадувањето во Бугарија
Членството во Европската Унија речиси без исклучок, секојдневно ни се претставува како решение за сите општествени проблеми. Но, примерот со загадувањето во Бугарија (ЕУ членка) укажува на многу сличности со ситуацијата кај нас. Росица Кратункова, во анализа за ситуацијата со загадувањето во Бугарија, вели дека пристапот кон “решавање” на овој проблем е сиромашниот плаќа.
Во последниот извештај за квалитетот на воздухот на Европскиот Ревизорски Суд се вели дека Бугарија е на врвот на ЕУ во однос на скратен животен век, како резултат на загаден воздух. Како главна причина се наведува греење на домаќинствата со цврсто гориво. Во периодот од 2014-2020 година, Бугарија не само што ги намалила инвестициите за решавање на овој проблем, туку ниту еден од одобрените проекти не е директно насочен на него.
Општината на Софија го негира проблемот. Градоначалничката, Јорданка Фундакова, отстранила 15% или повеќе од 10 км трамвајска мрежа во Софија за време на нејзиниот мандат. Бројот на трамваи во опсег го намалила за 25%. Исто така, условите за шоферите се влошиле, а не е исклучок некои од нив да работат 39 денови со само четири дена одмор. За сметка на ова, патниот транспорт е диспропорционално приоретизиран, преку изградбата на нови булевари.
Во изминатите две до три години, граѓаните започнале се’ поорганизирано и поотворено да изразуваат незадоволство поради загадениот воздух. За жал, сиромашните населби се наведуваат како основни причинители, а другите реални загадувачи (како високиот процент на автомобили, неконтролираното градежништво и деградираниот јавен транспорт) остануваат незабележани. Протестирачите често повикуваат за поголема контрола на сиромашните, а неретко и за нивно раселување.
Преку мерки како уривање на куќите кои се греат на тврдо гориво или затвор, политичарите всушност ја прикриваат нивната неподготвеност да се борат со вистинската причина на загадувањето- сиромаштијата и приватизацијата на транспортот. Наместо тоа, вината ја префрлаат на социјално слабите, чијашто сиромаштија сакаат да ја криминализираат. На тој начин доаѓаат во спротиставеност (инаку природно заеднички) интересите на протестирачите и сиромашните за чист воздух и топол дом, и принципот “загадувачот плаќа” всушност станува принципот “сиромашниот умира”.
Мерки за “борба“ со загадувањето
На 4 декември 2018, после три последнователни денови со загаден воздух, општината на Софија воведе зелен билет за јавен превоз во вредност од 1 лев. Толкава беше цената за билет пред поскапувањата на 1,6 лева во 2016. За споредба, во случај на загаден воздух во Париз јавниот сообраќај е целосно бесплатен. Мерките преземени од страна на општината за борба со загадувањето веќе почнаа и да вклучуваат ненадејни проверки во сиромашните населби, кои претежно се населени од Роми. Од 100 домови кои беа проверени, само две фамилии користеле нерегулиран отпад и 27 биле затоплувани со тврдо гориво.
Мерките на општината се контрадикторни во однос на согорување на отпад. На пример, од една страна општината одлучи да изгради фабрика за горење на отпад во вредност од над 90 милиони евра, но вклучи и провизија дека капацитетот ќе треба да увезува отпад (увозот на отпад е наметнат од Светската трговска организација која не дозволува забрана за увоз на отпад, поради што и во Македонија не може да се воведе таква забрана). Меѓутоа ваквата контрадикција се чини не ги вознемирува ниту општинските советници, ниту протестирачите, кои продолжуваат да ги обвнинуваат најсиромашните во општеството за градските проблеми.
На фејсбук, градоначалничката побара од Парламентот да ја разгледа можноста за криминална одговорност за нерегулирано горење на гуми и отпад на отворено, бидејќи граѓаните треба да поднесат одговорност за загадениот воздух. На овој начин, општината која јавниот превоз го поскапи и го направи недостапен пред 2 години, ја префрла одговорност за загадувањето на сиромашните, за кои наместо да им помага, предлага криминални мерки. За сиромашните “сторители”, за кои затворот сигурно не би претставувал казна, Претседателот на парламентарната Правна комисија предложи 20-30 денови општествено полезна работа за да бидат адекватно казнети. Градоначалничката дури и ги обвинува граѓаните дека преку оставање на стари гуми до контејнери, придонесуваат сиромашните да се греат со отпад.
Денес во Бугарија повеќе од 1,7 милиони Бугари живеат со помалку од 321 лев месечно, што е официјалната линија на сиромаштија, а минимум 602 лева се потребни за живот. Во 2017 година околу 30% од населението живеело во услови на тешка материјална депривација. Енергетската помош од државата е во вредност од 74,83 лева (или 374,15 лева за целата грејна сезона). Достапна е за 230 000 граѓани. Владата охрабрува греење на пелети, меѓутоа тие се многу поскапи. За грејната сезона 2018/19 година, просечната цена на грејно дрво изнесувала во просек 60 лева месечно поефтино од пелетите.
Во октомври 2018 година, владата на Бугарија повторно одлучи да ги казни сиромашните за загаденоста. За повеќе од 2,4 милиони коли произведени пред 2005 година беше воведен зголемен данок од 20-30%, а за нови коли поседувани од побогати граѓани беше воведено намалување на данокот од 10-20%. Намалувањето на данокот на нови коли не е оправдано со аргументот дека ова ќе ги охрабри луѓето да ги сменат старите возила за нови, бидејќи нивниот избор не е врзан со психологијата Бугарите да возат стари возила, туку со нивните приходи. Во ситуација кога националните железници се пред колапс, а градскиот јавен транспорт е неразвиен, колата за многу луѓе значи работа.
Текстот е преведен од Lefteast.