Кина објави извештај за состојбата на човекови права во САД
На 14 март 2019, Кина го објави својот извештај насловен „Состојбата на човековите права во САД во 2018 година“, како одговор на извештајот за состојбата на човековите права објавен од американскиот Стејт Депармент, само еден ден порано. Во извештајот Кина тврди дека Владата на САД, иако себеси се нарекува „бранител на човековите права“, фактите го говорат спротивното и го откриваат нивното лицемерие.
„На 13 март, по локално време, Стејт Департментот на САД го објави својот извештај за состојбата на човековите права во 2018, продолжувајќи да посочува со прст и да клевети околу состојбата на човековите права во повеќе од 190 земји, додека во исто време ги игнорира сопствените сериозни проблеми. Ако само погледнеме на состојбата во која се наоѓаат човековите права во САД во 2018 година, нема да биде тешко да заклучиме дека Владата на САД, која себеси се нарекува ‘бранител на човековите права’, има историја на човекови права која е незавидна и полна со маани, како и дека двојните стандарди околу човековите права се очигледни.“ – стои во предговорот на извештајот.
Понатаму во текстот , прво накратко па подетално, се потенцирани конкретните прашања и области во кои Кина смета дека САД потфрла кога станува збор за човекови права. Тие се (накратко):
Вооруженото насилство претставува смртна опасност. Минатата година во САД имало вкупно 57 103 инциденти со вооружено насилство, при што 14 717 луѓе загинале и 28 172 биле повредени. Бројот на деца и тинејџери кои биле убиени или повредени изнесува 3 502. Вооруженото насилство, во просек, го скратува животниот век на Американците за скоро 2,5 години.
Пораст на изјави на религиозно нетолерирање. Изборите за Конгресот во 2018 беа со зголемен опсег на анти-муслиманска реторика. Еден извештај заклучи дека теории на заговор, чија мета се муслиманите, се повеќе влегуваат во политичкиот мејнстрим. „Повеќе од третина од Американците сметаат дека муслиманите се вродено насилни и се непосредна закана“, и „Скоро третина од испитуваните кандидати повикуваат на одземањето на основни човекови права за муслиманите или негираат дека исламот е религија.“
Интернет шпионажата се претвори во нормална пракса. Следењето на комуникациите без налог преку програмата PRISM се случува 24/7, собирајќи мејлови, фејсбук пораки, гугл чатови, скајп повици и слично.
Парите преовладуваат во политиката во САД. Изборите за Конгрес изминатата година чинеа вкупно 5,2 милијарди долари, што претставува номинално зголемување од 35% од изборите во 2014 година, правејќи ги историски најскапите. Владата на САД ги претставува ултра-богатите.
Нивото на нееднаквост во САД е највисоко од сите западни земји. Уделот во богатството што го поседуваат најбогатите 1% Американци изнесува дури 38,6% од националното богатство. Богатството, како и примањата на јавноста во САД, непрекинато опаѓа. Скоро половина од Американците имаат финансиски потешкотии, а дури 18 милиони Американци живеат во екстремна сиромаштија.
Кривичните дела сторени од омраза се на историски највисоко ниво. Извештајот на ФБИ од ноември 2018, тврди дека ваквите кривични дела пораснале за 17%, на дури 7 175 случаеви годишно во 2017. Престапите мотивирани од расни предрасуди сочинуваат околу 60% од кривичните дела од омраза и афро-американците се мети на скоро половина од нив.
Условите за живот на афро-американците се загрижувачки. Медијаната на приходот на белите семејства е околу 10 пати поголема од онаа на црните семејства. Афро-американците се 2,5 пати поподложни на сиромаштија од белците, со скоро два пати поголема веројатност да се невработени и повеќе од шест пати поголема веројатност да бидат затворени. Стапката на смрт на новороденчиња е 1,3 пати поголема за црнците отколку за белците и нивниот просечен животен век е за скоро 3,5 години пократок.
Бескрајни престрелки во училиштата. Минатата година се случија вкупно 94 престрелки во училишта во САД, при што 163 лица беа убиени или повредени, правејќа ја 2018 најлоша година за оваа појава до сега. Исто така, имаше пораст на насилни инциденти во училиштата од 113% во однос на претходната школска година.
Жените живеат во страв од сексуални напади и насилство. Според една анкета, дури 81% од жените кои биле испитани искусиле барем некоја форма на сексуално злоставување, а дури 27% рекле дека биле сексуално нападнати.
Имиграционата политика ги разделува децата од родителите. Новата политика на „нула толеранција“, која беше воведена од властите на САД во 2018 година, досега има разделено најмалку 2000 деца од нивните семејства. Во исто време, има грозно зголемувње на случаеви, во кои агентите на американската Погранична Контрола ги малтретирале или сексуално злоупотребувале малолетните мигранти.
Очигледно злонамерното повлекување од Советот за Човекови Права при ООН. Според онлајн анализата објавена во весникот „Атлантик“, една од најверојатните и најзлонамерни причини за повлекувањето е дека со ова би се оневозможило САД да биде јавно критикувана во Советот за сопствените кршења на човекови права.
Извор: Шинхуа