Левица: Постепено враќање кон моделот на солидарно јавно здравство достапно за сите!

Политичката партија Левица се огласи по повод катастрофалната состојба на здравствениот систем. Ви го пренесуваме соопштението во целост.

Македонија денес се наоѓа на дното на Европа во однос на квалитетот на здравјето на нејзините жители, и за две години (2017-2019) е падната за 12 места. Во градската болница “8-ми Септември” од неодамна двата компјутерски томографи не работат, и случаите каде е потребно компјутерско снимање се префрлаат на скопските клиники. Болницата нема пари за поправка и директорот на оваа институција побара авансно да му бидат префрлени пари од буџетот, за да може да се стави во употреба барем еден од апаратите. Новиот оддел за трауматологија кој свечено беше отворен минатата година никогаш не проработи според најавените проекции, поради недостиг на медицински персонал. И најновата вест од пред неколку дена се четири нови случаи (од кои две деца и два воспитувачи) на заразени од опасната бактерија МРСА.

Не постои прес-конференција на Бошњаковски или неговите сопартијци која би го скрила фактот дека здравството во Македонија континуирано се влошува и со секој нов состав на Влада, состојбата станува се полоша и покатастрофална. Ситуацијата е пресериозна за министерот Филипче да го гледаме на карневалот во Струмица, додека македонското здравство се распаѓа. Министерството за здравство заедно со Владата мора да понесат одговорност за ваквата ситуација кога животите на пациентите се загрозени поради нивната неспособност.

Левица се залага за итно напуштање на моделот на јавно-приватно партнерство, кој во пракса се покажа како тотално неефикасен и е само маска за криење на приватизацијата. Здравјето е основно човеково право и не смее да биде дел од бизнис-калкулации или партиски пазарења. Потребни се сериозни инвестиции во здравството, со цел да се овозможат услови во кои нашите доктори би можеле професионално да ја вршат својата работа. Ограничување на работата на приватните клиники кои го крадат квалитетниот персонал и кои се претворија во болници за богатите, каде обичниот човек може да се лечи само со кредити. Инвестирање во државно производство на лекови и отворање на народни државни аптеки.

Постепено враќање кон моделот на солидарно јавно здравство достапно за сите!