САД: Голанските висорамнини „под контрола на Израел“
Во својот годишен извештај за човекови права, кој секоја година се прави од страна на американскиот Стејт департмент, за првпат оваа година за Голанските висорамнини го употреби терминот “контролиран од Израел”, наместо “окупиран”. Извештајот го подготвува Бирото за демократија и човекови права на Стејт Департментот на САД.
За време на брифингот во Министерството, претседателот на Бирото за демократија и човекови права, амбасадорот Мајкл Козак, беше запрашан зошто терминот “окупиран” е отстранет оваа година. Козак изјави дека извештајот е подготвен не со цел да го дефинира уставниот статус на регионот, туку да ја открие состојбата со човековите права во истиот. Сепак Козак не објасни зошто терминот “окупиран” оваа година не е употребен, туку само подвлече дека позицијата на САД за статусот на Голан не се променила.
Внимание привлече и тоа дека во делот од истиот извештај кој се однесува на Израел, за појасот Газа и Западниот брег не беа воопшто употребени тремините „окупирани“ или пак „под окупација“. Неодамна, Комитетот за надворешни работи на Сенатот излезе со предлог закон за признавање на суверенитетот на Израел над окупираните Голански висорамнини.
Поранешен американски специјален пратеник за Блискиот Исток, Мартин Индик, пак рече дека сите чекори што се преземени во насока на признавање на окупираните Голански висорамнини како територија на Израел, се еквивалентни на играње со оган.
Израел ги држи под окупација Голанските висорамнини, како дел од Сирија, уште од 1967 година.